Регион

Спомен плоча како провокација

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Спомен-плочата за убиените Срби во Сребреница. Фото: Н1 ТВ

Во пресрет на одбележувањето на годишнината од масакрите извршени врз Бошњаците од Сребреница во 1995 година, поставувањето на спомен-плоча во знак на сеќавање на Србите убиени од страна на „муслиманските орди” во овој град, за време на војната во Босна и Херцеговина, беше осудено како провокација.

До спор дојде откако организацијата „Источна алтернатива”, во вторникот, во центарот на Сребреница, постави спомен-плоча, во знак на сеќавање на Србите убиени од страна на „муслиманските орди”.

„За оваа плоча ја информирав комуналната полиција, со барање таа да се отстрани, затоа што од претходно постојат одлуки за непоставување на плочи со слични пораки”, изјави за Н1 ТВ, Хамдија Фејзиќ, заменик градоначалник на Сребреница.

Натписот на плочата вели: „Слава и помен на невините српски жртви од регионите Бирач и Подриње кои настрадаа во периодот 1992-1995 од муслиманските орди“.

Фејзиќ за Н1 истакна дека ова е „провокација во пресрет на 11 јули”, ден кога се одбележува годишнината од масакрите извршени од страна на силите на босанските Срби, над бошњачки мажи и момчиња, во 1995 година.

„Источна алтернатива” е огранок на истоимена организација од Србија, основан во 2012 година, со седиште во општина Братунац, во близина на Сребреница.

Војин Павловиќ, претседател на организацијата, минатата година најави дека како независен кандидат, ќе се кандидира за претседател на босанскиот ентитет, Република Српска.

Но, во септември 2018 година, тој за медиумите соопшти оти го отфрла овој план и дека неговата одлука ќе обезбеди „повеќе гласови за Жељка Цвијановиќ”, која беше кандидат за истата позиција на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик.

Павловиќ и Младен Грујичиќ, градоначалник на Сребреница од редовите на СНСД, до објавувањето на овој текст, не одговорија на барањата на БИРН за коментар.

Со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Судот на БиХ, беше утврдено дека силите на босанските Срби, во јули 1995 година, убиле повеќе од 7.000 мажи и момчиња од Сребреница, а масакрите беа клалификувани како геноцид.