Регион

Заборавени жртви: Неказнетите убиства на старците во Шушањ

Во вториот текст од серијалот на БИРН, „Заборавени жртви“, зборуваме за семејствата на старите лица убиени во селото Шушањ

Според пресуда изречена во Хашкиот трибунал, на 8 јуни 1993 година, во Шушањ, немало директна борба. И поранешни офицери на АБиХ негираа дека имало борби во Шушањ. Но, според локалните судови, тој ден починале најмалку девет цивили, а речиси три децении подоцна, роднините на жртвите сè уште чекаат сторителите да се соочат со правдата.

Предупредувањата до селаните, дека првите денови од јуни 1993 година, може да дојде до напад на припадниците на АБиХ, на ова и на соседните села во правец на градовите Витез и Травник, населени главно со Хрвати, многумина не ги сфатиле сериозно, особено постарите жители.

Последиците од военото насилство во ова село се видливи и денес. Само мал дел од оние што го напуштиле Шушањ заради конфликтот, во меѓувреме се вратиле, па така денес, само околу 20 жители, на возраст од 60 до 90 години, живеат во ова село, кое пред војната имало 430 жители.

Анто Видошевиќ е првиот повратник во Шушањ по војната. Тој се вратил во 1999 година, во куќата од која на 8 јуни 1993 година, бил замен неговиот 83-годишен татко, кој потоа бил убиен во блиското село Овнак. Тој ден Анто го загубил и својот син Жељко.

„Имаше 23 години. Тој не беше убиен на линијата на фронтот, туку додека се обидуваше да избега од селото“, вели тој.

Професорот по францисканска теологија и добитник на наградата на центарот Таненбаум од Њујорк, за мировни активности во и по војната, фра Иво Марковиќ, тој ден во Шушањ го изгубил својот  татко, кој бил убиен на 74-годишна возраст.

„Четворица беа однесени на линијата на фронтот и убиени. Еден имаше 85 години, тоа беше чиста ликвидација на стари луѓе“, вели Марковиќ.

„Тие ги убија сите мажи што ги сретнаа. Тие убија момче пред неговата мајка, која се обиде да го сокрие. Ме боли, пред сè, затоа што сум мировен работник, работам на помирувањето“, истакнува тој.

Марковиќ додава дека „правдата е основен услов за да успее помирувањето“.

Сепак, за злосторството во Шушањ, никој не е гонет. Единствениот што е казнет е Рагиб Ризвиќ, член на 7-та муслиманска бригада на АБиХ, кој е прогласен за виновен за убиство на Казимир Марковиќ.

Но, тој беше осуден за убиство, а не за воено злосторство. Во 2003 година, Кантоналниот суд во Зеница го осуди на девет години затвор.

„Не можев да дозволам моите соседи да бидат убиени“

Стјепан Хргиќ, кој го преживеал насилството во 1993 година, во неговиот дом во Шушањ. Фото: БИРН

Покрај цивилите, како што тврдат преживеаните селани, тој ден во Шушањ биле убиени и двајца воени затвореници, припадници на ХВО.

Едниот од нив бил Јордан Видошевиќ, кој бил во раните 20-ти години. Според сведоците, тој се предал без отпор кога војниците го нашле, во униформа и со пушка, под скалите на една куќа.

Во исказот кој сведокот, идентификувана со иницијалите, А.М., им го дала на истражителите кои први почнале да го истражуваат случајот, се вели дека таа слушнала рафал на влезната врата од куќата, каде верува дека Jордан бил убиен.

„Неговата мајка беше со нас во собата, викаше и велеше дека тоа е нејзиниот син. После пет минути бевме истерани од куќата и тогаш се виде крв на прагот, а телото веќе беше отстрането“, се вели во исказот на А.М.

Според сведоците, и припадникот на ХВО, Илија Марковиќ, кој бил ранет, бил однесен од подрум на една куќа, а потоа убиен во блиската нива.

Некои локални жители тврдат дека бројот на убиени можел да биде и поголем, доколку нивниот соселанец, Шаќир Муслиќ, не се спротивставил храбро.

Скоро невооружен, тој застанал пред куќата во која се наоѓале и не дозволил војниците да влезат.

Жителите на Шушањ раскажуваат дека Муслиќ рекол оти најпрво ќе мора да го тргнат него, Бошњак.

Муслиќ денес не сака да го потенцира ова.

„Јас не сум херој, едноставно не можев да дозволам моите соседи да бидат убиени, да бидат мачени, без причина“, вели тој.

„Тие беа без храна, па затоа, со нивно одобрување, отидов во нивните куќи да им ја донесам храната што им беше оставена, првенствено брашно. Беа тоа времиња кога главата лесно се губеше, не ме гледаа убаво нашите, но не можев поинаку да постапам“, вели Муслиќ.

Припадниците на АБиХ „не беа таму“

Иван Марковиќ, чии двајца браќа биле убиени во 1993 година. Селото Шушањ се наоѓа зад него. Фото: БИРН

Настаните во селото Шушањ беа дел од обвинението на Хашкиот трибунал, во случајот против Енвер Хаџихасановиќ, поранешен командант на Третиот корпус на АБиХ и Амир Кубура, командант на 7-та муслиманска бригада, во времето на нападот врз Шушањ.

Обвинението опфати само обвиненија за безобѕирно уништување, неоправдано со воена потреба, и за кражби во куќите во селото, но не и за убиство на цивили и воени затвореници. Кубура беше прогласен за виновен, бидејќи не ги казнил сторителите на грабежот во Шушањ, а Хаџихасановиќ не беше осуден за грабеж на други локации.

Во првостепената пресуда на Хашкиот трибунал се вели дека судскиот совет утврдила оти во Шушањ немало борбени операции и дека припадниците на 7-та муслиманска бригада и 306-та бригада не влегле во селото, како што се наведува во обвинението.

Но, судскиот совет забележа дека припадниците на воената полиција, кои биле подредени на 7-та муслиманска бригада, последователно биле во селото.

Тогашниот командант на еден од баталјоните на 7-та муслиманска бригада, Шериф Патковиќ, негираше дека припадниците на таа бригада биле во ова село.

„Јас бев во Овнак. Во рамките на воената комуникација, Шушањ и Овнак, се посебни делови. Тие се различни места. Припадниците на 7-та муслиманска не беа во Шушањ. 7-та помина преку Вучиќ и Црна врв, тоа беше насоката. Шушањ не беше наша насока и не бевме таму“, категорично ни рече Патковиќ.

На обвинител му бил забранет пристап до местото на злосторството

Поранешниот истражен судија, Владо Адамовиќ, бил запрен на воен пункт, при обид да ги испита убиствата. Фото: БИРН

Во процесот против Хаџихасановиќ и Кубура, сведочел и воениот виш јавен обвинител од Зеница, Сулејман Капетановиќ.

„Кон средината на шестиот месец 1993 година, дознав дека на патолошкиот оддел во болницата во Зеница, се донесени 17 тела, наводно цивили, од подрачјето на селата Шушањ и Овнак. За тоа се зборуваше“, рекол Капетановиќ, кој почина минатата година.

Тој објаснил дека подоцна била организирана средба со началникот за безбедност на Третиот корпус.

„Тој рече дека му е познато оти настрадале цивили, но во воени дејства. Подоцна слушнав дека се донесени уште тела“, се вели во сведочењето на Капетановиќ.

Владо Адамовиќ бил истражниот судија на Окружниот воен суд Зеница, кој присуствувал на идентификацијата на убиените во селото Шушањ.

Во разговор за БИРН, Адамовиќ, кој денес работи како адвокат, вели дека добил приватна дојава за убиство на цивили во Шушањ и околината, и дека во Шушањ заминал со истражен тим и вооружена придружба.

„Наидовме на барикада на патот пред селото. Војник, со ознаки на 7-та муслиманска бригада, го имаше блокирано патот и ни рече дека не можеме да продолжиме. Инсистирав да одам горе поради сомнение дека се убиени цивили. Потоа тој зборуваше со некого и ни рече дека е забрането поради наша безбедност“, вели Адамовиќ.

Тој додава оти му кажал на војникот дека не се грижи за безбедноста и дека има доволно вооружени луѓе со него.

„Тој и натаму остана на своето, дека не можеме да продолжиме. Бидејќи моите придружници беа воени полицајци, тие се изнервираа и побараа да го уапсат и со сила да поминеме, но при таа мешаница, тој го репетираше оружјето. Сфатив дека некој може да загине и наредив да се вратиме“, се сеќава Адамовиќ.

Тој раскажува оти потоа Воениот суд неофицијално бил известен дека на патолошкиот оддел во болницата во Зеница, се донесени телаа, кои можеби се од Шушањ.

„И на влезот од патолошкиот оддел имаше стража, двајца војници“, нагласува Адамовиќ, додавајќи дека на почетокот влезот му бил забранет, но оти на крајот му било дозволено да ги прегледа телата.

Од кантоналното обвинителство на Зеничко-добојскиот кантон (ЗДК) ни потврдија дека тие започнале истрага за овие убиства и дека 55 лица биле под сомнение за злосторството во Шушањ. Предметот, во 2006 година, бил префрлен во Обвинителството на БиХ.

Од Обвинителството на БиХ не ни одговорија на нашето прашање за тековниот статус на овој случај.

Несоодветна истрага или прикривање?

Анто Видошевиќ, чиј татко бил убиен во Шушањ, во 1993 година. Фото: БИРН

Речиси веднаш по убиството во Шушањ, биле сослушани првите сведоци.

Нивните искази ги зела комисија составена од официјален представник на општина Зеница, локален свештеник и адвокат, која на 18 јуни 1993 година ги посетила селата во општина Зеница.

Членот на комисијата, адвокатот, Божо Марковиќ, брат на фра Иво Марковиќ, во изјава за Федералната телевизија (ФТВ), рече дека „секако можело да се дојде до командантот, доколку имало добра волја да се оди до крај“.

„Ако (командантот) не знаел или не ги наредил овие убиства, дали истражил кој убил, дали ги казнил сторителите? Сето ова остана под превезот на тајните, со еден горчлив вкус, дека добри луѓе, невини старци што живеат во своето село, настрадале на таков начин“, нагласува Марковиќ.

Фра Иво Марковиќ е убеден дека военото злосторство во селото Шушањ било повеќе прикривано, отколку истражувано. Тој нагласи дека им дал документација за случајот на истражителите за кои верувал оти работат за Обединетите нации, кои му ветиле дека „ќе истражат сè темелно“.

Потоа, по неколку месеци, дошле други истражители, кои, исто така, рекле дека се од ООН, поради што Марковиќ смета дека првите „истражители“ ги испратила разузнавачка служба.

„Тие беа испратени да видат што знаете, за да го прикријат злосторството. Државата БиХ, нејзините службени органи, јас ги обвинувам дека го истражуваа злосторството само од аспект на прикривање, е тоа е суштината“, тврди Марковиќ.

Слично мислење има и Адамовиќ, кој посочува дека Обвинителството имало „доволно информации“ да дејствува, но дека досега не сторило ништо, па затоа е „сосема оправдано што семејствата се сомневаат дека ова се прикрива“.

Иван Марковиќ, кој изгубил двајца браќа во Шушањ, вели дека иако сѐ уште се надева, сѐ помалку верува дека виновниците ќе бидат гонети.

„Тоа многу би ми значело. Ние би знаеле дека сепак има правда, дека таа сепак постои, иако целосно ја изгубивме довербата. Оној што треба да ја работи својата работа, не ја работи“, вели Марковиќ.

Сличен став има и Анто Видошевиќ.

„Дававме изјави во полицијата, тие знаат сè. Тие имаат податоци, документи, но никогаш го нема оној, како што велиме, виновниот“, истакнува тој.

Неговиот брат, Мато Видошевиќ, исто така, се помалку верува дека Обвинителството прави сé што може, за да го заврши случајот на нивниот татко.

„Некогаш, одамна, за сè прашуваа, сега веќе никој ништо не прашува“, додава Мато.

Проектот, „Заборавени жртви“, е поддржан од Владата на Велика Британија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Регионалниот проект за воени злосторства.