Регион

Како „Хотел Загорје“ во Хрватска, стана прибежиште за жените бегалци

Приказната за жени од Вуковар што нашле засолниште во напуштено училиште Јосип Броз Тито ја прикажува женската перспектива на војната

„Приказната, прво и основно, ја раскажуваат жени“, вели хрватскиот драматург, Јелена Ковачиќ, додека зборува за претставата „Хотел Загорје“, која беше изведена во Драмскиот театар „Гавела“ во Загреб, на почетокот од овој месец.

„За нас беше важно, затоа што жените – за време на војна, но и во мир – се секогаш некако на страна и се очекува да го носат најтешкиот товар; тие ги воспитуваат оние семејства кои честопати ги губат татковците“, посочува Ковачиќ за БИРН.

„Ни беше важно да ја слушнеме и другата страна, т.н. интимна страна на историјата, онаа што официјалната историја некако секогаш ја заобиколува“, додава таа.

„Хотел Загорје“ зборува за Хрватките кои избегале од опколен Вуковар, за време на војната во 1990-тите години, и нашле засолниште во Загорје.

Претставата го прикажува страдањето на жените кои се разделени од своите семејства, но и нивниот очај додека чекаат новости од разорениот Вуковар.

Адаптацијата за претставата на истоимениот роман на хрватската писателка, Ивана Бодрожиќ, објавен во 2010 година, ја направија, Јелена Ковачиќ, и режисерката на претставата, Аница Томиќ. Бодрожиќ, како деветгодишно девојче, со својата мајка и брат, побегнала од Вуковар во Загреб, а потоа заминале во Кумровец.

Малата Бодрожиќ, чиј татко останал во Вуковар и сѐ уште се води како исчезнато лице, е централен лик во романот „Хотел Загорје“, кој зборува за растењето во импровизираното прибежиште во близина на Кумровец, родното место на југословенскиот претседател, Јосип Броз Тито.

Политичката школа на Тито, стана место за сместување на бегалци

Внатрешноста на поранешната политичка школа на Јосип Броз Тито. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Заплетот во претставата, се одвива во зградата на некогашната политичка школа на Јосип Броз Тито, каде политичарите, за време на Југославија, изучувале социјалистичка теорија.

Објектот подоцна стана познат како хотел Загорје, бидејќи во него, од крајот на 1991 година, беа сместени раселени лица од Вуковар.

Државата неколку пати се обиде да ја продаде оваа зграда, која денес е во лоша состојба, но не успеа. Бизнисменката од Кина, Јианг Ју, минатата година го доби тендерот, но, бидејќи таа не ги уплатила парите до крајниот рок, судбината на објектот и натаму останува непозната.

За време на претставата, додека ликовите објаснуваат што се случувало за време на војната, се прикажуваат фотографии од сегашниот изглед на хотелот.

Во 140 спални соби биле сместени околу 500 раселени лица од Вуковар, претежно жени, деца и стари лица. Во овие мали простории и ходници, девојките танцувале, мајките плетеле, тинејџерите правеле дискотека, а дел од возрасните минувале време во барот и се опивале.

Два месеци пред премиерата, Бодрожиќ, Томиќ и Ковачиќ, заедно со актерската екипа, отпатувале во Кумровец за да го видат просторот и неговата атмосфера.

Бодрожиќ вели дека зградата ја има истата судбина како и бегалците од Вуковар, кои некогаш живееле во неа – таа е запоставена и заборавена.

„На симболично ниво, ова покажува небрежност на политичкото одлучување во Хрватска. Тоа место е, на некој начин, парадигма на сè што ни се случуваше“, додава таа.

Нетолеранција кон бегалците

Сцена од претставата „Хотел Загорје“. Фото: Јасенко Расол

Во ноември 1991 година, по тримесечна опсада во која загинаа над 3.000 војници и цивили, меѓу кои и 86 деца, Вуковар падна во рацете на ЈНА.

Несрпското население беше принудено да бара засолниште во други, побезбедни делови на земјата. Сепак, како што е опишано во романот и прикажано во претставата, бегалците и натаму биле во тешка состојба, а гостопримството на мештаните. со текот на времето, станувало се помало.

Актерките во претставата зборуваат за тоа како на децата им се потсмевале поради нивниот дијалект и како мештаните верувале дека раселените лица добиваат значителни средства од државата.

Томиќ за БИРН вели дека претставата го руши митот дека Хрватска за време на војната била обединета и покажува оти во секоја ситуација, секогаш има некој што е етикетиран како „друг“ или „кој не е наш“.

„Тој „друг“ можеби е наш сосед кој со нас дели некои навики и обрасци на однесување … Намерно го истакнавме овој детал – дека не мора некој нужно да биде од друга нација или да има различна боја на кожата, за (да се соочи со) овој вид нетолеранција“, нагласува Томиќ за БИРН.

Таа вели дека од оваа причина, односот на хрватското општество кон бегалците од Блискиот исток не е изненадувачки, бидејќи луѓето што бегале од војната во 1990-тите години, имале слични искуства.

„Понекогаш нашите луѓе забораваат дека порано беа бегалци“, истакнува Томиќ.

Бодрожиќ нагласува дека предрасудите опишани во нејзината книга се само „резултат на целосно искривената социјална состојба“.

„Во вакви критични ситуации, предрасудите едноставно се зголемуваат. Тоа не беа само предрасуди кон бегалците, туку и бегалците имаа предрасуди кон другите: Хрватите кон Србите, Србите кон Хрватите“, објаснува таа.

Епилогот на претставата е драматизација на интервјуто што Бодрожиќ го даде во 2010 година, во кое зборува за своето бегалско искуство и за сеќавањата на нејзиниот татко.

„Морам да кажам дека (претставата) е одлична, пред сè затоа што успеа да ја зачува емотивната суштина на романот, ритамот во кој е раскажана приказната“, потенцира таа.

Бодрожиќ е задоволна што романот се чита и денес, десет години по неговото објавување.

„Сепак, од друга страна, жалам, се разбира, што оваа тема е сè уште присутна – од погрешни причини“, додава Бодрожиќ, алудирајќи на фактот дека прашањата поврзани со војната продолжуваат да предизвикуваат полемики во хрватското општество.