Регион

Распишана потерница по обвинет за воени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Извор: Интерпол

На интернет страницата на Интерпол е објавена потерница по Милојко Ковачевиќ, обвинет за присилно земање, тортура, злоупотреба и тепање на бошњачки цивили од селото Доње Велетово, општина Вишеград, во јуни 1992 година.

Обвинителството на Босна и Херцеговина, во февруари 2019 година, го обвини Ковачевиќ за злосторство против човештвото, но полицијата не можеше да го уапси, бидејќи тој не е во БиХ.

Според информациите од Обвинителството, Ковачевиќ е роден во Вишеград, а живее на подрачјето на Ужице, во Србија.

Кога минатата година го поднесе обвинението, Обвинителството на БиХ соопшти дека Ковачевиќ учествувал во „присилно преселување на бошњачките цивили од селото Долно Велетово, кога целото население насилно било транспортирано кон општината Соколац“.

Според Обвинителството, жените, децата и старите лица биле „протерани на територијата контролирана од страна на босанската армија, а околу 50 бошњачки мажи, во придружба на вооружени припадници на Војската на Република српска (ВРС) и полицијата, се однесени кај јамата Пакленик, каде биле убиени“.

Според Обвинителството, Ковачевиќ го сторил делото како припадник на резервниот состав на станицата за јавна безбедност Вишеград.

Од Судот на БиХ, за БИРН неодамна изјавија дека се издадени налози за апсење на 47 лица, против кои се потврдени обвиненијата за воени злосторства.