Регион

Заборавени жртви: Стрелање на Железниот мост во Добој

Во првата приказна од серијалот „Заборавени жртви“ на БИРН, Бошњаците кои ја преживеале егзекуцијата на мостот кај босанскиот град Добој во 1992 година, говорат за овој настан

„После секоје симнување на затвореник од комбето, слушав рафал и поединечен истрел“, вели Салкиќ.

Тој се сеќава на обилниот дожд додека се приближувал кон мостот, до кој видел полицајци во сина и војници во сиво-зелена униформа на Југословенската народна армија (ЈНА), како и припадници на единицата „Црвени Беретки“.

„Имаше голема дупка меѓу железните шини, за да можеш, ако те погодат, веднаш да паднеш. Босна беше голема. Ме донесоа до мостот и ми наредија да одам на другата страна, ми рекоа дека ќе останам жив ако стигнам до ‘балиите’ (погрден збор за муслиманите, односно за силите на Армијата на Босна и Херцеговина, која држела позиции од другата страна на мостот)“, вели Салкиќ.

„Не знам колку метри поминав кога започна пукањето. Ползев до крајот на мостот. Кога станав, куршум ме погоди над десното уво. Скокнав надесно. Кога видов како повторно одат по мостот со батерија, се скрив во тревата“, додава тој.

Со него имало и други жители на градчето Јабланица, кое се наоѓа кај Маглај, кои прво биле донесени во воените логори во близина на Добој, а потоа стрелани на мостот.

За нивните убиства, како и убиствата на другите затвореници на Железниот  мост, кои според сведоците и семејствата ги имало 13, во Босна и Херцеговина до денес нема конечни судски пресуди.

Салкиќ нагласува оти бил во „првата од трите тури“ на луѓе, кои, од некогашниот хангар на ЈНА во населбата Усора во Добој, биле однесени на стрелање на Железниот мост, во предградието на овој град.

„Телата на тројца мои соседи ‘од првата тура’, до денес не се пронајдени”, вели Салкиќ.

Ноќта кога ги однеле на стрелање, војниците, чиј надреден бил Бошко, ги претепалеа сите жители на Јабланица во военото складиште, вели Салкиќ.

„Бошко влезе во хангарите и ни нареди да се построиме. Надвор извади тројца. Слушнавме викање, трескање, пцуење … Луѓето беа крвави кога се вратија. Бошко нареди да излезат нови тројца, но потоа нè извади сите надвор. Тој донесе ‘Црвени беретки’“, додава тој.

„Добив удар со војничка чизма во главата. Сериозно бевме претепани и имавме видливи повреди“, нагласува Салкиќ.

Салкиќ успеал да го преживее стрелањето, да најде засолниште во куќа во селото Приѓел и да помине преку реката Босна, на терен што го контролирале полицијата и територијалната одбрана (ТО) на БиХ.

Тој истакнува оти ниту денес не му е лесно кога поминува покрај мостот.

„Да даде господ никој да не го доживее она што јас го искусив“, вели тој.

Бегство преку реката

Сафет Салкиќ го преживеал стрелањето на мостот во 1992 година. Фото: БИРН

Јасмин Хасаниќ, кој бил во една од трите „тури“, вели дека во Добој оди „само ако мора“.

„Се чувствувам лошо. Сите тие слики ми се враќаат. Телото на Асим Башиќ од мојата група е пронајдено во Сремска Митровица. Со мене беше и Ибришим Бегиќ, кој беше пронајден во регионот на Добој. Беше откриено и телото на Алмир Бајриќ, кој беше во последната група. Подоцна се оженив со неговата сестра“, вели Хасаниќ.

За време на егзекуциите, во јуни 1992 година, тој имал 21 година.

Српските сили, ноќта меѓу 2 и 3 мај 1992 година, го окупирале Добој, а потоа и селата Приѓел и Шеварлије, каде живеело мнозинско муслиманско население.

Хасаниќ истакнува оти, откако првата група била однесена на стрелање, тој останал во воениот магацин со други жители на Јабланица. Другите две групи биле носени во текот на следните две вечери.

„Кога го напуштавме тој хангар, моравме да ги оставиме нашите документи на пријавница. Веројатно сакаа да ги сокријат доказите. Јас го имав само клучот од куќата. Ми беше речено да го задржам“, се сеќава Хасаниќ.

„Кога излегов, видов дека ме водат кон Босна. Ме водеше еден млад човек, кој дојде со управникот. Можеби беше помлад од мене или на моја возраст“, вели тој.

„Успеав да му се оттргнам. Пукаа по мене. Скокнав во Босна. Рафалите продолжија и понатаму. Од истата страна, нешто подолу, испливав на брегот. Слушнав потоа уште два кратки рафали и сфатив дека се убиени двајцата што останаа зад себе“, истакна Хасаниќ.

На крајот тој успеал да избега и да се префрли на територијата што ја контролирале Бошњаците.

Родителите ниту денес не знаат кој им ги убил децата

Фадила Бегиќ, чиј брат бил убиен на Железниот мост. Фото: БИРН

Јабланица е место лоцирано помеѓу Добој и Маглај, на околу триесет километри од мостот, каде што биле застрелани затворениците.

Семејствата на жртвите, за нивното убиство дознале од преживеаните Сафет Салкиќ и Јасмин Хасаниќ, по нивното враќање во Маглај.

Меѓу нив е и Фадила Бегиќ, сестра на убиениот Ибришим Бегиќ.

„Тој немаше ни 21 година“, вели Фадила.

Таа објаснува дека го идентификувала својот брат во февруари 2007 година, откако неговите останки биле ексхумирани во Подновље, на околу 30 километри од Добој.

„Имаше коски на една маса за кои ни беше кажано дека се на нашиот брат и оти биле ископани“, вели Фадила.

„Тој носеше фармерки. Останат беше само горниот раб на панталоните. Долу висеа конци. Носеше кафеав џемпер. Задниот дел, ракавите и предниот дел на џемперот беа цели“, вели таа.

Фадила посочува дека е огорчена, бидејќи никој досега не одговарал за убиствата на нејзиниот брат и на другите цивили во Јабланица.

„Зошто беше убиен? Ниту виновен, ниту должен. Само затоа што беше Ибришим. Тој не беше воен злосторник. Тој не уби никого. Тој немаше ниту пушка, ниту оружје. Војната тука и не беше почната како што треба, кога го фатија“, вели Фадила.

Таа додава дека родителите на тројцата браќа кои биле убиени на тој мост починале. „Тие не дочекаа да откријат кој им ги уби децата“, истакна таа.

„Никому ништо не направија“

Екрем Брадариќ, чиј татко бил убиен на мостот во 1992 година. Фото: БИРН

Во Окружното обвинителство во Добој, за убиствата кај Железниот мост, бил отворен случај и биле сослушани неколку сведоци, но случајот подоцна го презело Обвинителството на БиХ.

Од ова Обвинителство, на нашето прашање до каде е овој случај, ни одговорија дека „страдањето  на цивилите од Јабланица кај Маглај, е опфатено со случајот ‘Борислав Паравац и др.’, кој се однесува на настаните во регионот на Добој“.

Борислав Паравац е обвинет заедно со Андрија Бјелошевиќ и Милан Савиќ, за „учество во заеднички злосторнички потфат против бошњачките и хрватските цивили во областа на Добој, од почетокот на мај 1992, до крајот на 1993 година“.

Во моментот на стрелање на жителите на Јабланица, Борислав Паравац бил претседател на Кризниот штаб на општина Добој. Тој ни одговори дека не сака да зборува за настанот, бидејќи му се суди и тоа не е во негов интерес. Паравац беше член на Претседателството на БиХ од 2003 до 2006 година.

Андрија Бјелошевиќ, поранешен шеф на Центарот на службите за безбедност (ЦСБ) Добој, вели дека во јуни 1992 година, не знаел за убиствата на цивилите на Железниот  мост во Добој, затоа што во тој период, „во мај и јуни, ЦСБ не функционирал“ и оти тој дознал за овие настани од изјавите на сведоците на Обвинителството на БиХ.

Во обвинението во овој предмет се наведува дека стражарите на воените хангари, им дозволиле на припадниците на „Црвени беретки“, да однест 12 цивили, од 15 до 17 јуни 1992 година.

Ним потоа им се изгубила секоја трага, а по војната во местото Подновље кај Добој, биле ексхумирани останките на еден од нив, на Алмир Бајриќ, се вели во обвинението, во кое не се наведуваат директните сторители на злосторството.

Во јули 2018 година, Слободан Карагиќ, командант на босанската единица наречена „Црвени беретки“, беше осуден на 12 години затвор за воени злосторства над цивили, извршени во областа на Добој, во 1992 година.

На подрачјето на Добој, во мај и во јуни 1992 година, имало две формации наречени „Црвени беретки“.

Припадниците на „Црвените беретки“, единицата на Службата за државна безбедност на Србија, пристигнале во април 1992 година и тие, според сведочењата дадени пред Хашкиот трибунал и Судот на БиХ, учествувале во заземањето на најважните објекти во градот, вклучително и на зградата на ЦСБ.

Втората единица е локалната полициска единица „Миќе – Црвени беретки“, чии членови имале лични карти од ЦСБ Добој.

За време на убиствата на Железниот мост, со војската во областа на Добој, командувал мајорот Милован Станковиќ, кој сега живее во Србија. Тој вели дека не знае за убиствата на луѓето од регионот на Маглај, во Добој.

„Верувај ми, никогаш не сум слушнал за тоа. Реков, ако има нешто против мене, нека оди преку редовен суд, овде во Србија. Јас не бегам од никаква одговорност“, нагласи Станковиќ.

Во обвинението во случајот ‘Паравац и др.’, се наведува дека повеќе од 3.000 цивили, кои биле држани во нехумани и нехигиенски услови, без храна, вода и лекови, и кои биле физички и психички злоставувани, поминале низ воените складишта во Добој и околните општини.

Еден од нив бил и Салих Брадариќ, кој според Сафет Салкиќ, бил во првата група земена за стрелање и чии останки до денес не се најдени. Неговиот син Екрем, живее во Јабланица. Тој е сопственик на работилница за лакирање на автомобили.

„И мојот татко ја работеше оваа работа во истиов деловен простор. Кога се вративме во Јабланица по војната, во работилницата не најдов ниту шрафцигер. Сè беше ограбено“, вели Брадариќ.

Тој додаде дека „не е добро што никој не одговарал за убиството на татко му и на другите соседи“.

Мујо Бегиќ, брат на убиениот Ибришим, верува дека извршителите на убиствата требало да бидат казнети.

„Тоа требаше одамна да се направи. Овие луѓе (стреланите) никому ништо не направија. Тие не беа фатени со пушки како борци. Тие беа одведени од Јабланица како цивили“, заклучи Бегиќ.

Проектот е поддржан од Владата на Велика Британија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Регионалниот проект за воени злосторства.