Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), осуди шест воени и политички функционери на самопрогласената Хрватска Република Херцег-Босна, чиј центар беше градот Мостар.
Тие беа прогласени за виновни за серија воени злосторства над Бошњаците од тој регион, вклучувајќи и за злосторствата над затворениците во логорот Хелиодром. Еден од нив беше Слободан Праљак, началник на генералштабот на ХВО, кој, додека му ја читаа пресудата, испи отров во судницата и почина веднаш потоа.
Помеѓу 9 мај 1993 и 18 или 19 април 1994 година, ХВО, во логорот Хелиодром, каде што условите биле „многу лоши“, притварал припадници на Армијата на БиХ и цивили, кои биле злоставувани, се вели во пресудата на МКТЈ. ХВО, исто така, водел затвореници на принудна работа на фронтот во Мостар, каде неколку десетици биле убиени или ранети.
Постојат и бројни случаи кога луѓето биле земани од нивните домови на територијата на Херцег-Босна, а потоа убиени. На директните сторители на овие убиства, никогаш не им е судено, исто како во случајот на Заим Коњхоџиќ.
Хусо Обрадовиќ, стоматолог од Мостар, бил затворен во Хелиодром 253 дена. Тој бил присутен кога, во почетокот на јули 1993 година, Заим Коњхоџиќ бил донесен во логорот, заедно со уште 20 затвореници.
„Човек во доцните шеесетти години дојде во нашата соба. Тој беше висок и ковчест. Го тепаа воените затвореници на ХВО во соседната просторија. Го тепаа жестоко, петорица или шесторица. Тој врескаше и бараше помош“, се сеќава Обрадовиќ.
„Во еден момент го кутнаа и едниот го удри со стап во лицето. Му пукна артеријата и голем млаз на крв почна да прска кон таванот. Претпоставувам дека се исплашија и си заминаа. Дотрчав до него и се обидов да ја запрам крвта. Успеав да го сторам тоа со компресија и му реков: „Човеку, внимавај како се однесуваш, ова е логор“.
Обрадовиќ вели дека последен пат го видел Коњхоџиќ неделго по оваа случка.
„Тој викаше, не мислам дека беше свесен за ситуацијата и за тоа каде се наоѓа“, истакнува Обрадовиќ.
„Беше попладне или рано навечер кога стана и скрши стакло во намера да си ги пресече вените. Полицаец од Чапљина, кој беше покрај него, го зграпчи и му го зеде стаклото од рацете. Десет минути подоцна, Анте Буховац, шеф на стражарите во Хелиодром, дојде и го одведе. Никогаш повеќе не го видовме тој човек. Подоцна дознавме дека семејството го погребало во Љубушки“.
Во 2007 година, Кантоналниот суд во Мостар ги осуди поранешните стражари во логорот Хелиодром, Мирослав Маријановиќ и Анто Буховац, на вкупно седум години затвор за воени злосторства.
Тие беа осудени за злоставување и за тепање на затворениците, како и поради тоа што им упатувале смртни закани. Но, во жалбена постапка, казната на Маријановиќ беше намалена на две и пол години, а на Буховац на две години затвор.
Обрадовиќ потенцира дека сакал, за Коњхоџиќ, да даде исказ пред Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон, но оти бил обесхрабрен.
„Сакав да им раскажам што видов. Сепак, во тоа време ми беше кажано дека тоа не значи ништо на суд. Буховац го одведе. Не знам дали го уби. Кои беа војниците што го претепаа? Не ги знам нивните имиња. Сè што знам е дека на едниот од нив прекарот му беше Славонац“, истакнува Обрадовиќ.
Од Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон, за БИРН изјавија дека тие не работат на ниту еден случај поврзан со Заим Коњхоџиќ.
Емир Коњхоџиќ, постариот син на Заим, ги поминал воените години во Мостар и го пријавил случајот на неговиот татко во мостарското Министерство за внатрешни работи.
Емир Коњхоџиќ смета дека Агенцијата за истраги и документирање на Босна и Херцеговина последователно ја презела документацијата во врска со логорот Хелиодром и му ја доставила на Хашкиот трибунал.
„Сепак, што се однесува до татко ми, никој не поднесе кривична пријава. Никој не контактираше со нас“, информира тој.
Емир додава дека за неговиот татко, постојат два различни датуми на смртта.
„Кога започнавме да ја подготвуваме документацијата за расправата за наследството, забележавме дека во случајот на татко ми се регистрирани два датуми на смртта. Едниот е регистриран во 1999 година и тој посочува дека починал во Хелиодром“, вели Емир Конхоџиќ.
„Кога мојата сопруга отиде во училишниот дом (каде се наоѓаат канцелариите на општината Мостар) за да ја заврши документација, од архивата доби документ дека татко ми починал во болница, во 17.00 часот на 11 јули 1993 година. Ова е глупост, затоа што според мојот брат кој го погреба, неговото тело веќе било во распаѓање. Имам чувство дека тие прават сѐ за да бидат заборавени злосторствата, а злосторниците да останат на слобода“, додава тој.
Штефица Галиќ, уредник на порталот www.tacno.net, војната ја поминала во Љубушки, работејќи како фотограф. Таа лично го познавала Заим Коњхоџиќ, па присуствувала и го фотографирала неговиот погреб.
„Кога го погребаа телото на Заим на 12 јули 1993 година, тоа веќе беше почнало да се распаѓа, бидејќи можеше да се почувствува силна миризба на распаѓање. Значи, тврдењето дека починал во болница е само прикривање на вистината“, објаснува Галиќ.
Таа посочува дека, ниту одговорните за убиствата на другите жители на Љубушки, извршени од 1992 до 1995 година, исто како и во случајот со Заим Коњхоџиќ, не биле гонети.
„Освен Заим Коњхоџиќ, чиј убиец е непознат, не се знае ниту кој ги уби Рамиза Делалиќ, Ибро Осмиќ, Хусо Караил, Мијо и Вида Грбавац“, рече таа.
„Јас се обратив до Обвинителството на Западно-херцеговскиот кантон. Ми кажаа дека водат истрага за убиството на Хусо Караил, чиј случај е воено злосторство, додека истрагите за Мијо Грбавац и Ибрахим Осмиќ се водат како редовни случаи на убиства. Што се однесува до Рамиза Делалиќ и Заим Коњхоџиќ, истраги никогаш не беа поведени“, објаснува Галиќ.
Според исказите на сведоците дадени пред Хашкиот трибунал и Судот на БиХ, дел од бошњачките затвореници од Љубушки, од Хелиодром биле префрлени во воениот истражен затвор Љубушки.
Пред Апелацискиот совет на Судот на БиХ, на почетокот на оваа година започна повторното судење на поранешните членови на ХВО, Иван Краљевиќ, Мато Јелчиќ, Стојан Одак, Вице Бебек и Винко Радишиќ, за злосторства извршени во воено истражниот затвор.
Во 2014 година, обвинителството обвини и двајца босански Хрвати, Иван Анчиќ и Видо Паламет, за воени злосторства извршени на територијата на таканаречената Херцег-Босна, но никој од нив не се појави на суд. Имено, тие двајцата живеат во Хрватска, која не ги екстрадирала во БиХ, за да им се суди.
Неказнети злосторства во болницата за лекување на болести на коските
Амер Ѓулиќ поминал вкупно 233 дена во заробеништво во објектите на ХВО – во озлогласената болница за лекување на болести на коските во Столац, и во логорите Дретељ, Габела и Хелиодром.
Тој и денес живее во Столац, и секој ден на улица среќава некои од луѓето што во 1993 година го уапсиле, сослушувале и физички го малтретирани, кога имал неполни 18 години.
Тој за БИРН вели дека во болницата, секој член на ХВО можел, доколку сакал, да ги злоставува затворениците, дека тамошните луѓе биле повикувани во овој објект на сослушување и оти биле измачувани.
„Болницата беше седиштето на воената полиција на ХВО, но беше отворена за сите припадници на ХВО кои сакаа да ја докажат својата сила и злоставуваа луѓе со врзани раце“, вели Ѓулиќ.
Тој раскажува оти бил принуден да ги погреба телата на двајца негови роднини, кои биле убиени, при што некои негови соседи од Столац физички го малтретирале повеќе од еден час, сè додека не ги прекинал еден хрватски војник. Неговото име, додава тој, ниту денеска не му е познато.
Тој посочува дека собрал нови докази против лицата за кои смета дека се одговорни за злосторствата извршени над него, а кои досега не се процесирани. Доказите, како што нагласува, пред две години ги испратил до Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
„Пред една и пол година од Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон ми беше кажано дека тие чекаат одобрение од Обвинителството на Босна и Херцеговина. Сè уште не сум добил одговор, како да ме игнорираат“, вели Ѓулиќ, денес претседател на Здружението на логорски затвореници во Столац.
Син го истражува убиството на родителите
Уште од 1994 година, Нијаз Пирагиќ чека да бидат процесирани одговорните за убиството на неговите родители, Зејна и Јусуф Пирагиќ, извршено во нивниот стан во Мостар.
„Пред неколку години ме контактираа од Државната агенција за истраги и заштита за да дадам изјава. Им кажав сè што знам. После тоа, тие ме повикаа повторно, за да ја потпишам таа изјава. Значи, за 26 години колку што трае истрагата, тие двапати ми зедоа изјава“, истакнува Пирагиќ.
Истрагата за убиството на неговите родители сè уште е во тек, па оттука Пирагиќ верува дека на убијците на неговите родители никогаш нема да им се суди. Сведок на убиството на неговите родители, починал минатата година.
„Поминаа повеќе од 25 години, сведоците умираат, а луѓето веќе не се сеќаваат на тоа. Надлежните институции – од обвинителството, до полицијата – не ја вршат својата работа и не е во нивен интерес да ги решат ваквите случаи“, истакнува Пирагиќ.
„Им реков повеќе да не ме викаат, освен ако не добијат некои нови информации. Имам посттрауматско стресно нарушување, бев ранет за време на војната“.
Пирагиќ, информациите за тоа што им се случило на неговите родители, ги добил од сведоци во мостарската населба Центар 2, каде неговите родители биле убиени.
Тој вели оти дознал дека ноќта, кога биле извршени убиствата, околу полноќ, пристигнале четворица борци со автомобил марка мерцедес, што го користела единицата на Винко Мартиновиќ, командант на таканаречениот казнен баталјон на ХВО, кого подоцна Хашкиот трибунал го осуди за протерување на Бошњаците од нивните домови во Мостар.
Пирагиќ раскажува дека војниците влегле во станот, се обиделе да го задават татко му, кој спиел, а потоа го застрелале во градите и главата.
„Мајка ми се обидела да избега низ прозорец, но двајцата ја грабнале и ја влечеле по улица, а подоцна ја убиле“, вели тој.
„Ми беше кажано дека Иван Зеленика бил таму. Ѝ реков на полицијата. Не знам дали Иван Зеленика ги убил моите родители, но знам дека Државната агенција за истраги и заштита има надлежност да го испита тоа. Тие имаат и стотици изјави за тоа што направил Зеленика во Центар 2“, додава Пирагиќ.
Во 2015 година, Кантоналниот суд во Мостар го осуди членот на ХВО, Иван Зеленика, на две и пол години затвор, за тепање и злоставување на бошњачки цивилни затвореници, за време на војната.
Во одвоен предмет, во 2016 година, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Зеленика на шест години затвор, заедно со уште тројца членови на ХВО, за злосторства извршени над српски цивилни затвореници во Мостар и во логорот Дретељ, каде што затворениците биле тепани, сексуално малтретирани и водени на присилна работа.
Убиствата на Зејна и Јусуф Пирагиќ, не беа опфатени со обвиненијата против Зеленика.