Регион

Косово: Повторно судење на Ремзи Шала

Ремзи Шала за време на војната

Адвокатот на Ремзи Шала, Натал Булакај, за БИРН  изјави дека Врховниот суд ја прифатил жалбата што поранешниот командант ја поднел на пресудата со која е осуден за воено злосторство и го вратил случајот на повторно судење.

Повторното судење ќе се одржи во Основниот суд во Призрен, кој минатиот јули го осуди Шала на 14 години затвор.

Шала, кој во војната бил познат по прекарот „Црвено јаболко“, беше осуден за киднапирање на лицето Хаџи Петреши од селото Дуље, во регионот на Сува Река, кој бил пронајден мртов неколку дена подоцна.

Шала пред судот изјави оти не е виновен и оти, за време на војната, не извршил злосторства над цивили.

„Горд сум што бев војник на ОВК, а за време на војната немав работа со цивилното население, ниту со Албанци, ниту со Срби“, нагласи тој.

Шала, минатиот јануари, требаше да се појави на разговор во Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг, кое води истрага за наводните воени и повоени злосторства на поранешните припадници на ОВК.

Но, тој не одговори на поканата за разговор и избега во Албанија, а за БИРН изјави дека не им верува на Специјализираните совети на Косово, пред кои, како што се очекува, ќе им се суди на високи членови на ОВК, кои претходно ќе бидат обвинети од страна на Специјализираното обвинителство.

Тој, исто така, не се појави ниту на своето судење во Призрен.

Сепак, како што дознава БИРН, Шала, откако бил уапсен во мај, два дена бил сослушуван во Специјализираното обвинителство.