Регион

Поднесени нови обвиненија за воени злосторства во Косово

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Хашки трибунал

Главниот обвинител на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, Џек Смит, повторно ја известил претседателката на Специјализираните совети, за неговата намера да поведе постапка пред таканаречениот специјален суд, беше соопштено денеска од Специјализираните совети.

„Затоа, претседателката, во согласност со законот и правилникот за распоредување на судии, назначи судија за претходна постапка, кој ќе ги разгледа обвиненијата поднесени од специјализираниот обвинител. Содржината на обвиненијата останува доверлива, сѐ додека не бидат потврдени од судијата за претходна постапка“, се вели во соопштението на Специјализираните совети на Косово.

Именуваниот судија има шест месеци да ги потврди или отфрли обвиненијата, или да побара дополнителни информации врзано за нив.

Ова е втор пат обвинителот Смит да побара именување на судија за претходна постапка, заради разгледување на обвиненијата. Првите обвиненија беа поднесени во февруари и се очекува да бидат потврдени кон средината на ова лето.

Имињата на обвинетите не беа објавени во јавноста.

Во изминатата година, Специјализираното обвинителство сослуша повеќе од 100 лица, претежно поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), како осомничени или сведоци на злосторствата, наводно извршени од 1 јануари 1998 година до 31 декември 1999 година.

Меѓу сослушаните беа и високи политичари, поранешни членови на ОВК, како Рамуш Харадинај, кој поднесе оставка на функцијата премиер, откако беше повикан на разговор.

Пред Специјализираните совети  ќе се најдат случаите наведени во извештајот на работната група на ЕУ, во кој се вели дека неименувани претставници на ОВК може да се соочат со обвиненија за спроведување на „кампања на прогон“ против Срби, Роми и Албанци од Косово.

Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирања, нелегално притворање и сексуално насилство.

Извештајот беше поднесен откако Советот на Европа, во 2011 година, објави истрага во која се тврди дека високи косовски функционери, вклучително и актуелниот претседател, Хашим Тачи, се одговорни за кршење на човековите права.

Тачи остро ги негираше овие обвинувања.

Судот е составен од меѓународни судии и обвинители, а ќе функционира во согласност со законите на Косово.

Преговорите за формирање на овој суд траеја од 2011 до 2015 година.

По завршувањето на војната, администрирањето со правдата на Косово беше во рацете на меѓународната заедница. Сепак, нејзините резултати беа лоши – помалку од 20 конечни пресуди во предметите на воени злосторства. Но, се веруваше дека косовското обвинителство не може да ги реши чувствителните случаи против високите функционери, што беше една од причините поради кои меѓународната заедница одлучи да формира нов суд.

Косовските законодавци гласаа за формирање на судот, како дел од судскиот систем на земјата, под притисок на САД и на ЕУ. Во Косово, новиот суд се смета за пристрасен, бидејќи пред него ќе им се суди само на поранешни борци на ОВК, кои поголемиот дел од албанското население во Косово ги смета за ослободители, додека во Србија, судот има широка поддршка, бидејќи дава надеж дека ќе бидат процесирани злосторствата врз Србите.