Регион

Зад седум логори: Од злосторство на културата до култура на злосторството

Хрватска: Изложба на фотографии кои ги документираат воените логори

Изложбата на хрватскиот фоторепортер, Хрвоје Полан „Зад седум логори: Од злосторство на културата до култура на злосторството”, која беше отворена во четврток во Новинарскиот дом во Загреб, говори за трансформацијата на културните центри, во објекти за притвор, во кои, за време на војните во 1990-тите години, луѓето биле мачени и убивани.

Фотографиите се направени во Хрватска и во Босна и Херцеговина, и се дел од последниот проект на Полан, кој почина оваа година на 48-годишна возраст – истоимената книга што тој ја објавил со писателот, Виктор Иванчиќ, и новинарот, Немања Стјепановиќ.

Отворајќи ја изложбата, претседателот на Здружението на новинарите на Хрватска, Хрвоје Зовко, истакна дека работата на Полан потенцира теми за кои повеќето луѓе во општеството не сакаат ниту да чујат, ниту да ги гледаат.

„На многумина им е полесно да се преправаат дека немало воени злосторства, дека немало логори, затвори, отколку да го прифатат фактот дека нашите граѓани, како и (граѓаните) во другите земји, биле измачувани и убивани на најлош можен начин“, нагласи Зовко.

Хрватскиот писател и новинар, Ивица Ѓикиќ, истакна дека Полан пронашол „уметничко решение, со кое крајно уверливо ја покажува ‘обичноста’ на злосторствата, вклопеноста на масакрот во секојдневието и пејзажот, во животот на луѓето“.

Полан фотографирал 24 локации. Во Босна и Херцеговина фотографирани се домовите на култура во Трнопоље, Пилица и Витез, потоа музичкото училиште во Зеница и музејот „Битката за ранетите на Неретва” во Јабланица, додека во Хрватска, со својот фотоапарат, тој ги документирал местата како што е замокот Керестинец и пристаништето Лора во Сплит.

Насловот на книгата „Зад седум логори: Од злосторство на културата до култура на злосторството”, алудира на фразата „Зад седум планини …”, која често се користи на почетокот од бајките, слично со англиската фраза „Некогаш, одамна …”.

За време на својата кариера, Полан работел за домашни и меѓународни медиуми, документирајќи ги балканските војни и конфликтите на Блискиот исток.

Изложбата „Зад седум логори: Од злосторство на културата до култура на злосторството”, отворена во Загреб. Фото: БИРН

Изложбата „Зад седум логори: Од злосторство на културата до култура на злосторството”, отворена во Загреб. Фото: БИРН