Регион

РТРС казнета поради неточни информации за масакрот во Тузла

робот на Едина Ахметашевиќ, убиена во масакрот кај тузланска Капија во 1995 година. Фото: БИРН

РАК ја казни РТРС со 12.000 конвертибилни марки (6.155 евра), поради кршење на правилата на „правичност и непристрасност“, со емитување на прилог што содржел неточни наводи за масакрот кај тузланска Капија.

РТРС, јавниот радиодифузен сервис на Република Српска, во мај оваа година емитувал прилог во кој се велело дека жртвите биле убиени во експлозија на бомба, што ја поставиле Бошњаците, а не во гранатирање на силите на босанските Срби, како што утврди судот.

Во прилогот се тврди дека Новак Ѓукиќ, воен командант на тактичката група „Озрен“, на Војскта на Република Српска (ВРС), кој беше осуден бидејќи дал наредба за гранатирање, во кое загина 71 лице, е невин.

Синан Алиќ, претседател на фондацијата „Помирување, вистина, правда“ од Тузла, која поднесе пријавата до РАК поради прилогот на РТРС, вели дека со решението се потврдува дека јавниот сервис на Република Српска е одговорен за „флагрантно кршење на правилата на професијата“.

„РТРС го прави ова континуирано со години, затоа што така им е наредено, да ја менуваат и фалсификуваат историјата, допирајќи ги најдлабоките рани на родителите на преживеаните деца и преживеаните кај Капија“, вели Алиќ за БИРН.

Дино Калесиќ, татко на Сандро Калесиќ, кој, со своите две и пол години, бил најмладата жртва на Капија, ја поздрави одлуката.

„РАК треба многу подлабоко да ја анализира нивната работа и известување, не само во однос на Капија, туку и за другите злосторства во БиХ, кои уредништворо на РТРС редовно ги презентира преку лажна историја и фризирање на фактите, без никаков морал и човечка совест“, потенцира Калесиќ за БИРН.

„Затоа што, верувајте ми, не е лесно кога, како татко на убиено дете од две и пол години, гледате како некој во програмата на РТРС, тврди дека ние сме ги убиле нашите деца“, додава тој.

БИРН не доби веднаш коментар од РТРС за казната.

Ѓукиќ е единствениот осуден за масакрот на тузланска Капија, но тој не ја издржува затворската казна, затоа што избега во Србија.

Властите на БиХ повеќе пати побараа од Србија да го преземе извршувањето на казната, меѓутоа, белградскиот суд сè уште нема донесено пресуда за ова прашање, бидејќи рочиштето на кое ова требаше да биде решено, досега неколку пати е одложувано.