Анализи

Законски катанец за историските учебници

ВМРО-ДПМНЕ со закон ќе заштитува „предмети од национално значење“

Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ планира предметите македонски јазик, историја, географија, музичка и ликовна уметност законски да ги заштити „од идно уништување или од своеволна ненаучна интерпретација“. Барем така е напишано во нивната партиска програма „Платформа 1198“.

Во неа, овие предмети се наречени „предмети од национално значење“, но нема никакво објаснување што се подразбира под силните термини, како своеволна и ненаучна интерпретација. Стравувањата во стручната јавност се дека тоа може да отвори врата за идна цензура на сè што ќе биде спротивно од убедувањата на властодршците.

Весна Јаневска, претседателка на комисијата на ВМРО-ДПМНЕ за образование, која се споменува како идна министерка во тој ресор, за БИРН, отфрла можност дека тоа ќе го прават политичарите. Вели дека што е своеволно и ненаучно толкување, „сигурно нема да оценува Министерството за образование“, туку дека ќе ги повикаат „нашите најпознати стручњаци што се етаблирани, не во општеството, туку во својата наука и на светско ниво“.

Јаневска е решителна кога зборува дека реформи во образованието се неопходни, но за моделите како тоа ќе се направи, остава простор за дискусија.

Од друга страна, Дарко Стојанов, доктор по историски науки, кој има правено и анализи на учебници, смета дека непрецизираните термини своеволно и ненаучно отвораат простор оние „што се во позиција на моќ да ги третираат како што сакаат“.

„Тоа е чудна и нејасна формулација што теоретски остава отворена врата за секаква употреба или злоупотреба“, вели Стојанов.

Партиското ветување „за заштита на предмети од национално значење“ доаѓа речиси на средина на спроведувањето на концепцијата за основно образование, која пред шест години почна да ја имплементира поранешната министерка Мила Царовска. Со неа се споија предметите историја, географија и граѓанско општество,  а во план беше и ликовно, и музичко.

Речиси паралелно се одвиваше и еден друг процес – разговорите на мешовитите историско-образовни комисии на Македонија со Грција и со Бугарија, кои, меѓу другото, требаше да резултираат и со промени во учебниците.

Тие два процеса, ВМРО-ДПМНЕ, во своето опозициско дејствување, ги спои, па во јавноста тврдеше дека образовната реформа се прави „за да се вметнат  резултатите од преговорите со Бугарија во образовниот процес и детали од Договорот од Преспа“.

И тогаш, и сега, лицето на ВМРО-ДПМНЕ, кога е во прашање образованието, е  Јаневска.

 „Имаме право на митови“

Весна Јаневска, ВМРО-ДПМНЕ

Јаневска се очекува да стане министерка за образование во новата влада | Фото:ВМРО-ДПМНЕ

Пензионираната професорка на Медицинскиот факултет се споменува и како еден од најсериозните кандидати за нов министер за образование, за што самата вели дека мора да се заврши процесот на формирање влада за да се знае дали ќе дојде на таа позиција.

Како опозиционерка, таа беше жестока во критиките кон концепцијата што ја воведе Царовска и во однос на тоа што Јаневска го нарекуваше „борба за зачувување на македонскиот идентитет“.

Јаневска тврдеше дека идните поколенија ќе изучуваат „изобличена и неточна историја“ напишана во учебниците по мерка на Бугарија, а дека со интеграцијата на предмети ќе исчезне и самиот предмет. Препораките што досега ги донесе комисијата, ВМРО-ДПМНЕ ги гледаше како бугарски диктат и како национално предавство.

Сега Јаневска вели дека Mинистерството за образование не може да се меша во одлуките на мешовитите историско-образовни комисии, но дека досега не видела некакви значајни ефекти од нивната работа. Сепак, децидна е дека „не можеме како нација да подлегнуваме под секакви притисоци“.

Има и своја црвена линија.

„Јас не сум професор по историја, но многу познати историчари кажуваат дека секоја нација има право на свој мит. Гоце Делчев не е само историска личност, тој е и наш идентитетски мит, исто како што и Илинденското востание е корен на нашето постоење“, вели Јаневска.

Нови наставни програми и учебници

Токму начинот на кој е претставено Илинденското востание во учебник за четврто одделение, според Јаневска, е само еден пример, кој покажува зошто треба да се направи ревизија на досегашната концепција за основното образование.

Спорниот текст што го читаат четвртоодделенците, всушност, е расказ. Во него, преку разговор меѓу дедо и внука, учениците читаат дека Илинденското востание било кренато поради незадоволството од османлиската власт, на што професорката револтирано вели дека на сите им било јасно дека тоа е за слобода, а не било така напишано.

Попрецизно, за судбината на досегашната концепција во основното образование, во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ стои дека ќе направат „целосна ревизија“, дека ќе одржат јавни расправи со наставниците, родителите и со директорите, „а ќе биде изготвена и стручна компаративна анализа со наставните планови и програми во другите држави, со акцент на соседните држави и државите на Европската Унија“.

Планот на новата влада е она што ќе се покаже како добро да се задржи за да има континуитет. Сè останато ќе се учи по нови наставни програми и нови учебници.

Позитивна и негативна листа на рецензенти

Учебници за седмо одделение во учебната 2023/24 година

Ќе има новини и за рецензентите | Фото: БИРН

Различна ќе биде и процедурата преку која ќе се доаѓа до готов учебник, објаснува Јаневска.

„Ние ќе разговараме со Институтот за национална историја и со Здружението на историчари и во тие преговори ќе се договориме тие да учествуваат како автори, а другите да им бидат рецензенти на колегите“, вели Јаневска, која додава дека откога ќе бидат готови, ќе ги дадат да ги погледнат и во мешовитите комисии „оти и тие се историчари“.

Најголемиот акцент во системот за подготовка на наставниот материјал, Јаневска го става на рецензентите. Најавува нови правилници и помошни алатки со кои ќе им биде објаснето како да рецензираат.

Таа вели дека досега многу често на рецензиите работеле неодговорни луѓе, кои некоректно и брзо требало да ја завршат работата, па им се провлекувале грешки. Затоа тие ќе се најдат во базата на негативно оценети рецензенти.

„Рецензентите мора да бидат многу сериозни, и како што секоја сериозна компанија, која добро менаџира, има позитивна листа на набавувачи и негативна листа на набавувачи, така ќе има и позитивна листа на рецензенти и негативна листа на рецензенти“, вели Јаневска.