Регион

Започнува нова битка за поранешните борци од Косово

Ад хок судот во Хаг, започна да води разговори со поранешни високи борци од Косово,процес кој може да ја потресе младата косовска демократија

Сербезе Хаџиај, Приштина

Сокол Добруна ги спакува своите куфери. Подготвен е, вели, за уште една, последна битка.

Овој 72-годишен човек е еден од осумте поранешни борци, косовски Албанци, кои судот во Хаг, формиран со поддршка на Европската унија, ги повика на разговор, а пред кој се подготвува поднесување на обвиненија за злосторства што наводно ја следеле борбата против српските власти на ОВК, кон крајот на 20 век.

Првиот, со кого ќе се разговара во понеделник, е Рустем Мустафа.

Иако ниту еден од нив официјално не е именуван како осомничено лице, поканите за разговор се голем чекор за овој ад хок суд и значаен предизвик за младата демократија на Косово, кое го водат претседател и премиер, кои и самите биле команданти на ОВК.

„Се надевам дека ова ќе биде нашата последна битка”, вели Добруна за БИРН.

Како шеф на воениот суд на ОВК, Добруна одлучувал кој ги кршел правилата на оваа војска и каква казна следувала за тоа. Тој чувствува презир кон Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (официјално име на новиот специјален суд на Косово), кои имаат седиште во Хаг, но сепак ќе оди на разговор.

„Не го признавам овој суд”, вели тој. „Тој е политичка креација и никогаш нема да може да ѝ служи на правдата”.

Доколку по ова следи поднесување на обвиненија, тие ќе бидат кулминација на, во тајност обвитканата, истрага на Специјализираното обвинителство, додека обвинителите се обидуваат да ги надминат лојалноста и стравот кои постојат околу ОВК и евидентираните сведоци пред другите судови, кои ги повлекле своите сведоштва или кои, во некои случаи, биле ликвидирани.

Поранешните герилци се огорчени

Лиман Муслиу. Фотографија на Лиман Муслиу

Судот е основан во 2015 година, под интензивен притисок од ЕУ и САД, а по експлозивниот извештај кој во 2010 година го достави Дик Марти, специјалниот известувач на Советот на Европа, во кој тој ја обвини ОВК за киднапирања, убиства и незаконско притворање на Срби и Роми, но и Албанци, кои се сметале за политички противници или соработници на Србија.

Марти извести оти ОВК се занимавала и со трговија со органи на српски и албански затвореници.

Поранешните команданти на ОВК, вклучувајќи го и сегашниот косовски премиер, Хашим Тачи, кого Марти директно го обвини, ги отфрлија обвинувањата како злонамерен обид, борбата на косовските Албанци за слобода, која се водела против српската репресија, борбата која на крајот на 1999 година беше поддржана со воздушни напади на НАТО, да се оцрни.

Војната што Србија ја водеше против бунтовниците, предводена од Слободан Милошевиќ, беше брутална и вклучуваше масовни убиства и протерување на стотици илјади косовски Албанци. На Милошевиќ и на неговите воени и политички соработници им се судеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), чие седиште, исто така, беше во Хаг. Милошевиќ почина во 2006 година, пред да му биде изречена казната.

Судењата на поранешните борци на ОВК, пред Хашкиот трибунал, беа пропратени со заплашување на сведоците, а беше осудено само едно лице.

Косовските Албанци, во принцип, се огорчени на новиот суд, за чие формирање, сепак, гласаше и косовскиот парламент.

„Ние сѐ уште водиме жестока битка за нашите права, за нашата слобода”, вели Лиман Муслиу, поранешен борец на ОВК, кој живее во планинското село Ликовац, каде што за време на војната, бил сместен регионалниот штаб на ОВК, кој од ридот имал поглед на Дреница.

„Овој суд е уште еден пат кон неправдата”, нагласи тој.

Поранешниот штаб на ОВК и денес е на истото место, но сега како импровизиран музеј, на чии бели ѕидови се поставени фотографии од паднатите борци на ОВК.

Харадинај: Борците за слобода не треба да бидат загрижени

Фото: Од архивата на музејот на ОВК

Покрај Добруна и Мустафа, на разговор се повикани и Сулејман Селими, Сами Луштаку, Сафет Сула, Ремзи Шала, Назиф Мехмети и Сабахајдин Цена.

Селими е поранешен амбасадор на Косово во соседна Албанија, додека Луштаку и Мустафа се членови на Демократската партија на Косово на Тачи (ПДК).

Судот не ги коментираше поканите за разговор, ниту пак дали повиканите лица се осомничени. Неколкумина се идентификуваа како такви, било лично или преку нивните адвокати.

Портпаролот на Специјализираното обвинителство изјави дека тоа „не ги коментира оперативните прашања или статусот на неговата истрага”.

Откако ќе ги истражи информациите и доказите, „обвинителството ќе одлучи дали ќе продолжи или ќе ја стопира кривичната постапка”, изјави тој за БИРН.

Адвокатот на Мустафа и на Луштаку, Арианит Коци, за БИРН изјави: “Г-дин Луштаку и г-дин Мустафа веќе отпатуваа во Хаг. Не знаеме како ќе се одвиваат постапките. Можам да кажам само дека судот прво ќе започне со г-дин Мустафа во понеделник, а потоа и со г-дин Луштаку“.

Не е јасно дали на разговор ќе дојде и Селими, бидејќи тој во моментов е во болница во Приштина. Неговиот адвокат, Томе Гаши, рече дека со обвинителите преговараат, со него да се разговара во Косово.

Клинт Вилијамсон, американски истражител кого ЕУ во 2014 година го задолжи да ги испита наводите на Марти, ја опиша „кампањата на прогон” против Србите и Ромите по војната 1998-1999 година и „незаконските убиства, нелегалните притвори и нехуманиот третман” на косовските Албанци, кои се сметале за политички ривали. Тој, исто така, предупреди на тактики за саботажа од страна на „неколку моќни лица”.

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, кого МКТЈ два пати го судеше и два пати го ослободуваше, изјави оти „нема причина борците за слобода да бидат загрижени”.

Добруна истакна дека се чувствува „смирено и решително”.

Извештајот на Дик Марти е „само лага”, изјави тој за БИРН.

Во Ликовац, Муслиу е полн со почит кон неговите поранешни команданти.

„Исто како и тие, и јас би бил подготвен за ваква правда”, вели тој, додавајќи: „И, се разбира, секогаш сум подготвен за водење на нова војна за мојата земја”.

Повеќе на следнив линк