Регион

Осуденик за воени злосторства, повторно ќе се соочи со судење

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Албина Соргуч, Сараево

Драгољуб Кунарац. фото: МКТЈ

Судот на Босна и Херцеговина,  го потврди обвинението против Драгољуб Кунарац, за злосторства извршени во Фоча во 1992 година.

Од Обвинителството на БиХ за БИРН изјавија дека сега, кога обвинението е потврдено, Судот на БиХ треба да одлучи дали случајот ќе биде префрлен во Германија или ќе побара судењето да се одржи во Сараево.

Драгољуб Кунарац, познат по прекарите „Жага“ и „Драган“, се наоѓа во Германија на отслужување на својата 28-годишна затворска казна, на која го осуди Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Кунарац во Хаг беше осуден за повеќе силувања и за држење на две жени во ропство, што е прв случај во кој еден меѓународен суд за воени злосторства, го третира сексуалното насилство како злосторство против човештвото.

Обвинителството на БиХ го товари Куњарац за прогон на бошњачките цивили во регионот на Фоча.

„Кунарац се товари оти како командир на специјална единица на ВРС, заедно со други униформирани и вооружени припадници на таа единица, на 27 и 28 јули 1992 година, од подрачјето на селата Кобиља раван, Луке и Фаловиќи-Подпеќе, во рамки на прогонот, учествувал во убиство на најмалку шест лица и во тортура и нанесување на силно физичко и психичко страдање на заробени цивили и во депортација на бошњачкото цивилно население“, се вели во соопштението на обвинителството.

Кунарац, исто така, е обвинет дека учествувал и во палење на куќи и имоти.

Во февруари 2017 година, Механизмт за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), го одби барањето за предвремено ослободување на Кунарац.

„Иако Кунарац на 1 ноември 2016 отслужи две третини од казната, конкретните околности на неговиот предмет, вклучувајќи ја и големата тежина на кривичните дела и фактот дека Кунарац не покажа доволно знаци на рехабилитација, превагнуваат против неговото ослободување во оваа фаза“, стои во одлуката на судијата Теодор Мерон.