Регион

Двајца поранешни команданти на ОВК, одат на разговор во Хаг

Дие Морина, Блерта Ибердемај, Приштина

Сами Луштаку. Архивска фотографија: Атхе Мула/БИРН

Сами Луштаку и Рустем Мустафа, поранешни команданти на ОВК, овој викенд одат во Хаг, за да разговараат со Специјализираното обвинителство.

Нивниот адвокат, Арианит Коци, за БИРН изјави дека и двајцата ќе патуваат во Холандија овој викенд, „иако сѐ уште не се знае датумот на кој разговорот ќе се води“.

Рустем Мустафа, познат како Реми, прв соопшти во декември дека обвинителството го повикало на разговор.

Неговиот адвокат додаде дека разговорот бил закажан за 14 јануари.

Судот во Приштина, во 2013 година, го осуди Мустафа, кој е и поранешен пратеник на Демократската партија на Косово, на четири години затвор, за мачење на воени затвореници во притворниот центар на ОВК во Лапаштица, за време на конфликтот со српските сили 1998-1999 година.

Неговите соборци, обвинети заедно со него, Латиф Гаши и Назиф Мехмети, исто така, поранешни команданти на ОВК, добија затворски казни во траење од шест и три години.

Апелацискиот суд ги потврди нивните пресуди. Сите тројца се познати како припадници на Лапската група на ОВК.

Адвокатот, исто така, го спомна 14 јануари како датум на кој во Хаг треба да биде воден разговор и со Луштаку.

И двајцата, како што наведе нивниот адвокат, изјавиле оти доброволно ќе одат во Хаг и дека се подготвени да учествуваат во расчистувањето на она што е предмет на истрага на Специјализираното обвинителство.

Во март 2017 година, Врховниот суд во Приштина, го ослободи Луштаку, поранешен градоначалник на Србица, од обвинението за воени злосторства.

Меѓу оние кои досега се повикани во Хаг, се поранешниот шеф на воениот суд на ОВК, Сокол Добруна, поранешниот висок член на ОВК, Назиф Мехмети, поранешните членови, Сафет Сула, Сабахајдин Цена и Раимонда Реци, како и поранешниот командант на единица на ОВК, Ремзи Шала.

Сите тие, освен Шала, изразија подготвеност да разговараат со обвинителите, нагласувајќи дека војната на ОВК била дефанзивна, а не злосторничка.

Не е познато каде во моментов се наоѓа Шала.

Тој на разговор во Хаг е повикан на 17 јануари. Инаку Шала, во средата, требаше да се појави пред косовскиот суд, пред кој му се суди од 2017 година, но тој не дојде.

Кога обвинителите го повикаа во декември, Шала на својот Фејсбук профил напиша: „…нема да одговорам на овој повик“.

Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства, извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.

Се очекува, пред овој таканаречен Специјален суд, да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега, во јавноста, обвинителството нема обелоденето дали е поднесено обвинение.