Пет години по првите сомнежи за злоупотреби со АКМИС-системот и судиите и софтверот во Кривичниот суд се исти. Различни се само власта и претседателот на судот.
Обвинителството потврди дека имало злоупотреби, на обвинителна клупа го седна експретседателот на скопска единица, Владимир Панчевски, ама за него судењето повеќе од половина година не може да почне.
Власта тврди дека таа тврдина од заробената држава е совладана, а проблемите со делењето предмети – надминати. Сменет е Законот за судовите во делот за одговорност на судиите за местење предмети, направен е надзор, а софтверот работи без опструкции и влијанија.
Но, останува фактот дека домашните институции по правило не се агилни во препознавањето на проблемот. Истражувањето на БИРН покажа дека злоупотребата на АКМИСОТ додека не влезе во извештајот на експертската група за системско владеење на правото предводена од Раjнхард Прибе беше невидлива и за Судскиот совет и за Врховниот суд, иако беше јавна тајна, а судии и службено се жалеле дека им било наложувано усно да работат некои случаи.
Сѐ почна со Прибе
Зародишот на темата за местењето судски предмети, која во владеењето на Никола Груевски беше ударна вест во медиумите, произлегува од извештајот на Рајнхард Прибе во 2015 година.
„Постои перцепција дека овие правила (за функционирање на АКМИС-от) не се секогаш почитувани и дека може да се најдат начини за да се заобиколи системот“.
Прибе во следниот извештај oд 2017 година отиде уште подалеку и директно препорача ревизија без политичко влијание на работата на АКМИС-системот. Но, уште поважно, тој ги лоцира начините преку кои бил злоупотребен системот.
„Неподобните“ судии биле префрлани во различни оддели на судот, не им биле доделувани предмети на судии што се на одмор или што биле отсутни, судиите суделе по двата закона за кривична постапка, а системот бил „надитрен“ од лица што имаат пристап до него, како што се претседателите на судовите.
Сите овие забелешки кои на Прибе му ги кажале лично судиите од кривичниот суд, се покажаа точни во 2017 година. Тогаш Министерството формира специјална работна група за да утврди дали се изигрувал системот. Како резултат на Извештајот и истрагата, Обвинителството го обвини тогашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, за злоупотреба на службената положба и овластување.
Судскиот совет и Врховниот суд не видоа проблем
Судскиот совет се однесувал како ништо да не се случува со делењето судски предмети во кривичниот суд, покажа истражувањето на БИРН.
Деталното пребарување на записниците на Судскиот совет од 2015 година до 2017 покажа дека уште на 14 септември 2015, на седница на Советот било посочено оти во АКМИС-системот не биле впишани сите промени за предметите од 2014 година во Управниот суд. Но, тоа не било аларм за членовите.
На 13 октомври 2015, на седница на Советот темата за можни злоупотреби со АКМИС-системот ја поставил Беким Реџепи. Тој побарал да се формира комисија што ќе врши надзор над работата на овој софтвер бидејќи во јавноста се прошириле сомнежи за злоупотреба.
Тогаш членовите се спротивставиле на предлогот. Образложиле дека Советот нема таква надлежност и оти дотогаш не била констатирана неправилност при распределбата на предметите.
Проблем не виделе ниту судиите на Врховниот суд. Проверката на БИРН покажа дека oд 2012 година до 2018 година, во ниеден извештај на највисокиот суд за работата на судовите во државата не се споменуваат неправилности или проблеми со работата на софтверот.
Прекршувања на процедурите се детектирани и во Врховниот суд. Таму судија кој најавил подолго боледување бил исклучен од системот еден месец по боледувањето. Oсвен тоа, електронската распределба на мал број предмети се правела повеќепати во денот, спротивно на правилата.
Судии од најголемиот кривичен суд во земјава, кои сакаат да останат анонимни, за БИРН, сепак, потврдија дека одбивале да работат предмети за кои добивале налози од претседателот на судот. Како последица на тоа биле прераспоредувани во помалку ценетите оддели, каков што е одделот за прекршоци. Според нив, за тоа постојат и службени белешки во архивата на Судот.
За овие наводи, побаравме податоци од Судскиот совет, но ова тело одби да одговори. Образложија дека со тоа би им се повредиле слободите, правата и интегритетот на судиите.
Но, за разлика од нив, проблем уште во 2016 година виде СЈО. Меѓу многубројните соопштенија каде што се жалат дека судот им ги враќа барањата како нејасни и непрецизни, има и такво од јануари 2017 година, со кое се информира дека барањата за наредби за претреси на тогашните високи функционери му биле предадени на дежурниот судија, а од непознати причини за претресот одлучувале сосема други судии, кои повторно наредбите им ги вратиле на доработка.
СЈО, незадоволно од овој исход и од пристрасноста, побара да бидат разрешени пет судијки, но постапките за нив беа запрени.
3,5 години злоупотреби и еден обвинет
Скопското Обвинителство тврди дека Панчевски, три и пол години го заобиколувал софтверот во скопска единица: од јануари 2013 година, до септември 2016 година, односно непосредно пред истекот на неговиот мандат.
Тоа се периодите кога тој прв и последен пат, со негов параф и усно им давал наредби на службеници што имале пристап во АКМИС-от, а сега се сведоци, рачно да распределуваат предмети на судиите надвор од времето на прием.
Суштината била постапките да не ги водат судии кои случајно ги определил електронскиот софтвер, туку тоа било по негова волја.
Наместо системот, поранешниот претседател определувал на кој судија да му се додели предметот, а дури потоа биле внесувани во софтверот. Реченицата „предметот рачно бил распределен“ во обвинението се споменува 49 пати, колку што вкупно има рачно распределени предмети.
Панчевски, кој на својот профил на Фејсбук постојано споделува објави за тоа дека правосудството по промената на власта е заробено, за БИРН тврди дека работел законски. Посочи дека сите предмети им ги доделил на судиите врз основа на критериуми од Судскиот деловник.
„Не сум распоредувал предмети спротивно на законот. Тоа го дозволуваат законот и Судскиот деловник, а предметите не се мои, туку се на Обвинителството и на Република Македонија против луѓе што го прекршиле законот и ги суделе судии избрани од Судскиот совет“. На други прашања не сакаше да одговори.
Имало ли злоупотреби пред злоупотребите?
Никогаш немало внатрешни пишани процедури од првиот ден на пуштањето на софтверот во кривичниот суд. Од февруари 2012 година не функционирала работната група за управување со движење на предметите. Ова го утврди извештајот за надзор на Министерството за правда.
Знаејќи дека софтверот е поставен многу порано, т.е. во 2010 година, отворено е прашањето зошто со контролата на работната група не бил опфатен периодот од самиот почеток на функционирање на АКМИС-системот.
Судијата Нанев, кој беше претседател на работната група, за БИРН потенцира дека тие постапувале според решението на Министерството за правда, во кое бил наведен периодот на проверка.
Тврди дека без докази не може да се говори за злоупотреби што се случиле порано: „Дали и за тој период биле рачно распределени предмети, одговорот би бил паушален доколку за тоа нема докази кои се тие предмети и зошто се рачно распоредени“.
Рачно делени предмети за мигранти и дрога
Од предметите што биле распоредени надвор од системот, според извештајот на Министерството за правда, најмногу (41) има од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, две обвиненија од Специјалното јавно обвинителство, четири се од скопското обвинителство и два предмета од основните судови Неготино и Куманово. Триесет и три од нив рачно биле дадени на работа во 2013 година.
БИРН направи увид во десетина предмети што биле распределени рачно и во годишните распореди на судиите на кривичниот суд. Освен делењето предмети на рака, тешко е да се докаже дали Панчевски влијаел врз конкретниот предмет, односно дали имал некаква корист од ова заобиколување на софтверот.
Во големи розови папки во собата за увид на вториот кат во судот беа донесени стотици записници, доставници, повратници, извештаи на МВР, пресуди, како и фотодокументација, анализа на телефонски броеви од операторите и службени белешки, кои биле дел од предметите.
На внатрешната страна од кориците на папките пишува датум, рачно е напишано „да се распредели на“ и има оставен потпис. Таков е на пример случајот КОК 6/13. На корицата од предметот го пишува датумот 11.03.2013 година и „Да се распредели на Ивица Стефановски“ со краток потпис.
Воочливо е дека голем дел од предметите биле притворски, односно за обвинетите се барале и биле определени мерки притвор, што значи дека имало итност во постапувањето.
Во овие десетина предмети немаше високопрофилни случаи, а најмногу пресуди беа за неовластено пуштање наркотични дроги и за шверцување мигранти.
Судската архива на списи откри таков предмет за поранешниот директор на охридски „Комуналец“, кој бил условно осуден дека ја злоупотребил службената положба и овластување затоа што лично го избрал најповолниот понудувач на тендер.
Друг предмет е и за службеник во Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, кој бил условно осуден бидејќи примил награда од 200 евра за противзаконско посредување за лице да купи трактор со субвенции од програмата ИПАРД.
Aко Панчевски биде правосилно осуден, сите лица што биле осудени, а чии предмети биле распределени спротивно на прописите, ќе може да бараат повторување на постапката. Сепак, тоа право не е неограничено и ќе важи само за тие случаи каде што немало промена на судиите што биле доделени рачно.
Во оваа папка се двата рачно распределени предмети на СЈО, „Тврдина 2“ за незаконското уништување на списите за аферата со прислушувањето и „Насилство“, познат популарно како „шамарите во Центар“. По налог на Панчевски, овие два предмета ги добиле судијките Татјана Михајлова и Лидија Петровска.
Предметите, како што пишува во обвинението, биле распределени еден по друг, на што укажуваат и последователните броеви 1904 и 1905, како и времето на распределба: Едниот во 15.35, a другиот за една минута, во 15.36 часот.
Во „Насилство“, предмет кој е во фаза на судење, обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски. Овие две судијки повеќе не ги судат овие предмети, а судењата за нив сѐ уште траат.
И адвокати го изигрувале софтверот
Несовршеноста на АКМИС-системот не бил мета само на Панчевски, туку и на помал број адвокати. Тие еден ист предмет го праќале и по неколкупати во судската архива и го повлекувале, сѐ додека не им се погоди „очекуван“ судија, тврди за БИРН, министерката за правда, Рената Дескоска.
„Имаме сознанија дека во некои судови, адвокатите поднесувале повеќе тужби со ист правен основ, и во зависност од тоа кај кои судии истиот предмет ќе биде распределен, другите тужби ги повлекувале или едноставно не плаќале судски такси, вели Дескоска.
Друга опција, според адвокатите што ги консултираше БИРН, е внесување во тужбата различни податоци за странките (пример различно име и презиме), кои системот ги препознава како различни предмети, па ги заведува како посебни.
Судската такса за предметот ќе биде платена само за тој предмет што ќе биде по желба на странката. Останатите предмети, поради неплатена судска такса, нема да бидат процесуирани.
Обвинителите против софтвер што ќе дели предмети
Не е само судот местото каде што има сомнежи за човечко влијание и пристрасност при избор на судијата. Вакви сомнежи има и во обвинителствата. Таму не постои автоматизиран електронски систем за распределба на предмети, каков што е тоа АКМИС-системот кај судовите.
Таму функционира интерен систем за управување и електронско водење предмети, но кривичните пријави се распределуваат на обвинители по редослед со римско бројче, а шефовите на обвинителствата имаат право да одлучуваат за прераспоредување на одредени предмети.
„Предметите се заведуваат уписнички и се внесуваат редоследно како што се поднесуваат кривични пријави и известувања, подеднакво на секој јавен обвинител и следствено на римскиот број по кој се заведуваат предметите на секој јавен обвинител“, велат за БИРН од Скопското обвинителство.
Но, во претпоставена ситуација, за да се погоди обвинителот што треба да го работи предметот, т.е. да се избере „подобен“ обвинител, се собираат други кривични пријави само за да се стигне до посакуваниот број на кој се наоѓа обвинителот што треба да го работи предметот. Или, пак, одредена пријава може да не се заведе истиот ден кога е примена, туку тоа да се прави во погодно време за да се избере посакуван обвинител.
Иако со Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудството 2019-2024 година се предвидува надградување на софтверот, обвинителите што ги консултираше БИРН се против идејата да се воведе софтвер што ќе ги дели предметите.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за БИРН вели дека воведувањето ваков електронски софтвер би бил проблематичен, бидејќи секој од обвинителите има различно искуство и знаење во однос на тежината на кривичните пријави. Дискутабилно е дали кривична пријава за потешки кривични дела може да ја работи обвинител кој тукушто ја почнал кариерата.
„Кај нас не би можел да се примени АКМИС-от. Обично кривичните пријави, како што ќе дојдат, се заведуваат и тогаш не може да се процени тежината на самиот предмет. Тежината е кај финансискиот криминал и злоупотребите“, вели претседателот на Советот на обвинителите, Ацо Колевски.
Но, антикорупционерите не мислат така. Тие во Стратегијата констатираа дека рачното делење предмети во Обвинителството е ризик од непринципиелно насочување на предметите кон одредени обвинители.