Истражувањa

Заштита на Преспа – странци донираат, наши игнорираат

Напуштената компостара го става езерото во ризик да се претвори во тиња

Во регион како Преспа, каде што трагите од богатото минато често се посилни од обележјата на скромната сегашност, е сосема вообичаено да се видат градби што си го отслужиле своето и се оставени во заборав. Но, тука не станува збор за чорбаџиска куќа од 19 век, со барокни и неокласични елементи увезени од Европа. 

На крајот од ресенската депонија, по патот што води покрај купиштата ѓубре низ кое буричкаат собирачи на пластика, метал и на други материјали што може да се продадат, стои напуштен објект со неколку машини во и околу него.

Оваа невпечатлива, квадратна лимена градба покрај ѓубриште е од многу поново време. Стара е само осум години. Станува збор за ресенската компостара за органски отпад, проект во кој Швајцарската агенција за развој преку УНДП вложи милион евра, со цел да се реши проблемот со фрлањето расипани јаболка во реките и во Преспанско Езеро, со што се нанесува голема еколошка штета.

Решение за илјадници тони органски отпад

Во проектот за компостарата беа вложени еден милион евра | Фото: БИРН

Компостарата беше свечено пуштена во употреба во 2014 година, во присуство на претставници од локалната власт, Министерството за животна средина и УНДП. Луѓето што биле вклучени во проектот велат дека станува збор за иновативно решение какво што немало дотогаш во Македонија, кое функционирало успешно.

Принципот е многу едноставен – се собираат непродадените јаболка, пилевината од локалната дрвна индустрија и отпадот од живинарската фарма (сите високозагадувачки материи), се мешаат машински, се оставаат да отстојат и да се претворат во квалитетен компост што може да служи за прихрана на јаболковите насади и барем делумно да ги замени вештачките ѓубрива, кои се, исто така, еколошки ризик.

„Годишните количества произведени јаболка во преспанскиот регион изнесуваат околу сто илјади тони во просек, во зависност од сезоната. Значителен процент од тоа завршува како расипано јаболко што треба да се третира. Токму затоа се воведе систем за управување со органскиот отпад од скапани јаболка и од други компоненти“, вели Никола Здравевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), која две децении со помош на меѓународни донатори спроведува проекти за заштита на природата во преспанскиот регион.

Според него, откако профункционирала оваа постројка, земјоделците сѐ повеќе се ориентирале кон користење на компостот како природно ѓубриво, бидејќи тој ѝ давал дополнителна хранлива вредност на почвата и истовремено го зголемувал приносот на произведено јаболко.

Како да се упропасти готово решение во три чекори

Опремата во компостарата полека пропаѓа | Фото: БИРН

По промената на локалната власт во 2017 година, од причини кои никому не му се јасни, компостарата престанала да работи. Па така, од пример како може да се реши земјоделскиот отпад во целата држава (нешто на што се посветува многу малку внимание), овој проект  се претвори  во пример како може да се упропасти готово решение, подарено и разработено.

Ниту во Општина Ресен, чие јавно претпријатие „Пролетер“ е задолжено да раководи со компостарата, немаат прецизен одговор зошто се прекинало собирањето отпадни јаболка и други материјали и производството на компост од нив.

„Имаше различни мислења, предизвици од аспект на менаџирањето на компостарата, кои произлегоа од тогашниот менаџмент. Тоа е човечки фактор поврзан со администрирањето на јавното комунално претпријатие, поради што компостарата беше доведена во таква состојба да не функционира како што беше предвидено, произведувајќи квалитетни еколошки ѓубрива“, вели Ајман Алмала, раководителот на општинскиот сектор за животна средина.

На изборите во 2021 повторно имаше промена на локалната власт во Ресен. Алмала вели дека сега општината и претпријатието прават подготовки за што поскоро да ја вратат компостарата во функција, но не знае кога ќе се случи тоа. Поради повеќегодишната неупотреба на дел од механизацијата во постројката, ѝ треба сервисирање или целосна замена.

Раководителот потврди дека додека била во функција, компостарата работела успешно, имала висококвалитетен производ, добила дозвола од Министерството за животна средина да прави органски отпад, а и финансиските анализи покажале дека таа е одржлив проект.

Во врска со тоа каква порака се испраќа до донаторите кога нивните донации не функционираат, тој вели – прашањето е на место и мора да се стори сѐ за да се обезбеди одржливост. Според него, овој објект е исклучок, бидејќи другите проекти за заштита на Преспа направени со донации, како лабораторијата за следење на квалитетот на водите и системот за прогноза и сигнализација преку метеоролошките станици функционираат успешно без прекин откога се пуштени.

Јаболковиот отпад го намалува кислородот во езерото

Јаболката повторно завршуваат во полето или во реките | Фото: БИРН

Колкаво е значењето на ресенската компостара покажува и фактот дека таа беше клучниот проект за да се спречи т.н. еутрофикација на Преспанско Езеро. Кога јаболката се истураа во реките, а преку нив завршуваа во езерото, се зголемуваше концентрацијата на органски материи во водата, која и онака ја има сѐ помалку во езерото поради повеќедеценискиот недостиг од врнежи.

 Овие материи потоа го поттикнуваа растот на алгите на површината на езерото и го намалуваа количеството кислород во водата, што беше исклучително неповолно за рибите и за другиот жив свет. Практично го претвораа езерото во бара, нешто што и онака природно се случува, но со земјоделскиот отпад значително се забрзува.

Со нефункционирањето, наместо двојна добивка (решавање на органскиот отпад и делумна замена на азотните и на фосфорните ѓубрива со природни), има двојна загуба.

Што се случува сега со отпадните јаболка, додека објектот наменет за нив не работи? Купчиња може да се видат како скапуваат на градското ѓубриште, покрај комуналниот отпад. Понекоја истурена приколка се наоѓа и во одводните канали или покрај реките, но количествата се мали и состојбата не е толку драматична како пред десетина години.

Со повлекувањето на водата, загадувањето од органскиот отпад прави поголема штета | Фото: БИРН

Ова најмногу се должи на бизнис-околностите, вели Марија Евтимовска од еколошкото здружение „Еко герила“ од Ресен.

„Поретко се фрлаат јаболка сега, не е како на времето. Ги истураат главно неинформирани поединци. Откупните центри го сменија пристапот и сега откупуваат речиси сѐ. Многу малку останува за фрлање. Но, ако го вратат стариот принцип да го откупуваат само квалитетното јаболко, пак ќе се врати ѓубрето, и ако нема компостара, тоа пак ќе заврши во водите“, додава Евтимовска.

Големите фирми, како откупните центри, мора да имаат решенија каде ќе го одлагаат отпадот за да ги задржат сертификатите за работа. Поради тоа не можат да си дозволат да го фрлат во природата, но во недостиг од компостара или на друго системско решение, и тие се под притисок да се снајдат за да се ослободат од вишокот, објаснуваат дел од соговорниците.

Според Здравевски од УНДП, треба да биде приоритет на Општина Ресен, во следниот период повторно да профункционира овој, како што вели, исклучително важен систем, и да се обезбеди негова одржливост. Од општината и од јавното претпријатие, пак, се едногласни во давањето чесен збор – компостарата сигурно ќе се рестартира во првиот момент кога тоа ќе биде можно.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II“, имплементиран од WWF Adria со поддршка на Сида – Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.
Содржината и ставовите изразени во ова истражување се на БИРН и истите не ги одразуваат ставовите на Сида.