Регион

Зелени идеали, валкана енергија: Напливот од обновливи извори на енергија поддржан од ЕУ тргна на лошо

БИРН истражуваше како кампањата за изградба на постројки за обновлива енергија доведе до укинување на субвенциите и уништување на чистите водени ресурси

Револуцијата за обновлива енергија во Европа го најави своето пристигнување на Камена Гора, планина во југозападна Србија, со тресок и појава на свлечиште.

Во јули 2015 година, работниците кои граделе мала хидроцентрала направиле пат преку планината и разнеле голема карпа во природниот резерват. Ги исекле заштитените дрвја, предизвикувајќи свлечиште, и се подготвувале да стават цевковод за пренасочување на водата, од планинскиот поток кон нивната нова постројка, турбина сместена во мала зграда.

Луѓето кои живееле на падините од Камена Гора биле згрозени. Го користеле потокот за да ги наводнуваат своите полиња. Малата хидроцентрала го пренасочила протокот на вода, заканувајќи се да го загрози нивниот начин на живот. Исто така, тоа претставувало исмевање на одлуката на владата, објавена само една година претходно, дека планината ќе стане природен резерват.

Во Грачаница, село со околу 200 жители, советникот Нехро Ровчанин започнал да добива поплаки за новиот проект. „Никој не смееше да дозволи да се гради во толку убав дел од земјата“, изјави тој за Балканската мрежа за истражувачко новинарство, (БИРН). „Ја нарушува животната средина и се коси со интересите на луѓето“.

Ровчанин повикал полиција и успеал да ја запре изградбата – но не за долго. За неколку дена, работата продолжила. На сопствениците на централата им недостасувал важен документ, извештај за влијанието на проектот врз животната средина, но тоа не ги попречило нивните планови.

Постројката била пуштена во употреба во 2016 година, во истата година кога нејзиниот сопственик, градежниот магнат Бранислав „Гуги“ Савиќ, бил ставен в затвор во соседна Црна Гора заради неговата улога во мултимилионскиот скандал со недвижнини. Таканаречената „афера Будва“ е попозната по ставањето крај на политичката кариера на Светозар Маровиќ, последниот претседател на остатоците од некогашната југословенска држава, кој дотогаш бил вториот најмоќен човек во Црна Гора.

Мала хидроцентрала може да изгледа како скромна инвестиција за еден богат бизнисмен кој има добри врски и лежерен став кон законот. Сепак, Савиќ не бил единствениот кој се пренасочил во полза на каузата за обновлива енергија во Србија. На истокот од земјата во близина на границата со Бугарија, градежна дозвола за мала хидроцентрала била издадена и на компанија, што се поврзува со Љубиша Буха „Чуме“, виден белградски гангстер познат по тоа што сведочел против соработниците на подземјето вмешани во убиството на поранешниот српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ. Според Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС) со седиште во Белград, клучните дозволи за истата постројка биле продадени на компанија што се поврзува со Милош Пандрц, осуден шверцер на кокаин и поранешен соработник на баронот за дрога, Дарко Шариќ, кој во моментов служи затворска казна во Србија под обвинение за шверц.

Планините околу Камена Гора биле дел од недопрената природа до изградбата на малата хидроцентрала. Фото: Дина Ѓорѓевиќ

Малите хидроцентрали на Србија се дел од градежниот бум на целиот Балкан. Во текот на последните 20 години, стотици такви постројки се изградени на планинските реки и притоки на сливот на Дунав, од Романија на исток до Албанија на запад и од Северна Македонија на југ до Словенија на север.

Во регионот има земји кои се нови членки во ЕУ, но и земји кандидатки за влез, а нивното прифаќање на малите хидроцентрали било поддржано од Унијата, која се обидува да охрабри користење на „зелени“ алтернативи наместо употребата на термоцентрали на јаглен, преку кои се обезбедувало најголем дел од енергијата во регионот. Низ југоисточна Европа, европските банки нуделе кредит за финансирање проекти за обновливи извори, додека националните влади давале дарежливи субвенции за да ги охрабрат приватните фирми да инвестираат во овој сектор.

Меѓутоа, во многу од овие земји, законите за заштита на животната средина се слаби или не се применуваат. Комбинацијата од државни субвенции и лабава регулација довела до бум во изградбата на мали хидроцентрали, при кој не се давало големо значење на обврската за зачувување на природата во замена за профит. Голем дел од изградбата се одвивала во оддалечените планински предели чии реки со брз проток се сметале за идеални за производство на енергија. Цевки, бетон и турбини биле поставувани покрај беспрекорно чистите води, навлегувајќи во националните паркови, природните резервати и живеалиштата на загрозените автохтони видови како што се балканскиот рис и лососот од Дунав.

Ова истражување на БИРН открива како потрагата по обновлива енергија на Балканот, поддржана од ЕУ, со цел за спасување на планетата, всушност  и нанела штета на животната средина. Преку приказната за еден единствен проект за изградба на мала хидроцентрала во Србија, се покажува како проверките за влијанието на проектот врз животната средина, кои биле предуслов за изградба, честопати биле игнорирани или извршени отпосле.

„Имаше релативно јасна законска рамка во однос на заштитата на животната средина, но таа се заобиколуваше секогаш кога беше можно“, изјави за БИРН Горан Секулиќ, поранешен заменик-директор на Српскиот институт за зачувување на природата, едно од неколкуте владини тела што издавале дозволи за новите постројки. „Постапките често беа заобиколени или скратувани“.

Документите до кои дојде БИРН покажуваат дека најмалку 24 од 116 мали хидроцентрали што биле поврзани со националната мрежа на Србија во 2019 година – што е приближно една петтина од вкупниот број – биле изградени без поседување на клучните еколошки дозволи. Сепак, овие очигледни прекршувања не привлекле големо внимание од страна на српските власти. Биле покренати истраги за само три од овие 24 постројки, под сомнение дека незаконски добиле градежни дозволи. Сите истраги биле завршени без да има никакво кривично гонење.

Секулиќ, кој го напуштил институтот во 2015 година и сега работи за Светскиот фонд за природа во Србија, вели дека иако биле изградени неколку постројки без законски дозволи, многу од постројките и наштетиле на животната средина и покрај тоа што биле изградени во согласност со законот. „Имавме многу штетни проекти, во заштитени подрачја или други чувствителни области, кои лесно добија дозволи“, вели тој.

Тешка машинерија била донесена во оддалечените планински реки, како што е оваа во Романија, со цел да се изградат постројките. Фото: Овидиу Миху

Бизнисмени како Бранислав Савиќ се малцинство меѓу инвеститорите во српскиот сектор за обновливи извори, бидејќи повеќето немаат криминално досие. Присуството на такви ликови во бизнисот со мали хидроцентрали е пред сè знак за големите стимулации што се даваат за поддршка на рапидниот раст на секторот, привлекувајќи широк спектар на комерцијални интереси.

На инвеститорите за мали хидроцентрали им биле понудени еден вид субвенции познати како повластени тарифи, што обично ги користат владите за да ги охрабрат малите приватни компании да градат централи за обновлива енергија. Според условите за една ваква типична тарифа, државата гарантира дека ќе ја купи електричната енергија произведена од новите постројки по галантна, фиксна цена за одреден временски период – што во случајот на Србија бил 12 години.

„Имаше огромни економски двигатели [зад растот на малите хидроцентрали]“, рече Секулиќ за БИРН. „Донесувањето одлуки [од страна на државните органи] првенствено беше насочено кон служење на финансиските интереси на инвеститорите … Животната средина не можеше да се справи со ова“.

Во текот на последната деценија, обемот на штети направени од малите хидроцентрали станал очигледен во Србија и пошироко. Во целиот регион, се појавиле познатите поплаки, за исушени потоци и овоштарници, и за чистите планински падини уништени од градежните зафати со невидени размери.

Лутината поради штетата ги поттикнала локалните движења за заштита на животната средина, вадејќи ги земјоделците и селските градоначалници на протести по улиците на главните градови. Институциите на ЕУ, исто така, ги повикале владите во регионот да ги повлечат своите субвенции, додека европските банки ги заостриле своите правила за финансирање на нови постројки.

Мерките имале ограничен ефект, со тоа што некои земји од регионот преземале првични чекори кон постепено укинување на стимулациите за изградба на мали хидроцентрали. Но, напредокот е бавен и неизвесен – како во земјите членки на ЕУ, така и во оние кои се стремат да се приклучат.

Регулаторна рамка

Енергетските пазари се лулката на проектот за заедничка Европа. Денешната ЕУ со 27 земји-членки произлезе од Европската заедница за јаглен и челик, тело во кое членувале шест нации, основано во 1951 година за регулирање на трговијата со двата ресурси кои се сметале за најважни за обнова на континентот разорен од војната. Колективната желба да се обезбеди редовно снабдување со енергија ја отвориле вратата кон идна интеграција.

Во моментов, ЕУ е трет по големина потрошувач на енергија во светот, по Кина и САД. Повеќе од половина од нејзината енергија се увезува, претежно во облик на нафта и гас од Русија. Настојувањето на Унијата за обезбедување обновлива енергија не е само заради ублажување на климатските промени, вели Јакуб М Гоџимирски, истражувач, професор и експерт за европската енергетска политика на Норвешкиот институт за меѓународни работи. Тоа  е поттикнато и од комерцијални и геополитички проблеми.

„Фокусот на обновливите извори на енергија е прво за да се намали зависноста на ЕУ од надворешно снабдување, бидејќи повеќето обновливи извори на енергија се произведуваат локално“, рече тој за БИРН. „И дополнително станува збор за тоа ЕУ да стане поконкурентна на глобално ниво. Ако пазарот за обновливи извори е конкурентен во рамките на ЕУ, тогаш ЕУ ќе може подобро да се натпреварува со актерите кои работат во глобалниот контекст“.

Гневот заради малите хидроенергетски системи ги мобилизираше демонстрантите ширум Балканот, вклучително и овие рибари во Романија. Фото: Овидиу Миху

Како трет најголем пазар на енергија во светот, ЕУ може да изврши значително влијание врз енергетската политика меѓу нејзините членки и земјите-аспиранти на Балканот. Со економската моќ доаѓа и можноста за промовирање на еколошките регулативи и реформите на пазарот, често насочени кон намалување на доминацијата на државните монополи.

ЕУ влијае врз истокот преку Енергетската заедница, меѓународно тело со седиште во Виена. Во 2006 година, Србија се приклучила на шесте балкански земји кои го ратификувале договорот со Енергетската заедница. Договорот ги обврзал потписниците на „усогласување со законодавството на ЕУ за животна средина, инвестиции, пазарно однесување и обновливи извори“ како услов за пристап до „финансии за енергетски проекти од ЕУ и меѓународните финансиски институции“.

Потписниците се согласиле да ги усвојат препораките на Енергетската заедница за зголемување на нивниот удел на електрична енергија произведена од обновливи извори. И во Србија, како и на други места, малите хидроцентрали беа приоритет пред користењето на ветерот и сончевата енергија.

Еден типичен проект за мала хидроцентрала се состои од една голема цевка во речното корито, што ја насочува водата по текот на реката кон турбината.  Поддржувачите на оваа технологија тврдат дека таа е посигурен извор на енергија отколку ветерниците и соларните централи, кои во голема мера зависат од временските услови.

Гоџимирски вели дека малите и големите хидроенергетски проекти немаат суштински недостатоци – кога се правилно регулирани, тие можат да донесат големи придобивки. „Се работи за тоа како е организиран пазарот, станува збор за стимулациите што ги давате на инвеститорите“, рече тој за БИРН. „И се работи за можноста на регулаторната рамка да ги контролира работите, [осигурувајќи дека тие] се изградени во согласност со правилата“.

Уништување на шумите

Во 2014 и 2015 година, во објектот во Камена Гора – познат официјално како мала хидроцентрала „Селце“ – дојдоа инспектори од Министерството за заштита на животната средина, една од многуте српски владини агенции кои имаат за задача да осигурат дека постројките ги исполнуваат еколошките стандарди. Инспекторите откриле дека некои еколошки дозволи на централата се застарени – биле издадени во мај 2012 година, многу пред Камена Гора да биде прогласена за природен резерват.

На сопствениците на централата им било кажано да аплицираат за добивање нови дозволи од друга српска владина агенција, Институтот за зачувување на природата. Наместо тоа, тие продолжиле со изградба на планината. Тие не барале одобрување за изградба на пат од груб чакал, ниту за сеча на дрвја во природниот резерват, ниту за уништување на една голема карпа со цел да се направи место за цевководот.

Во јули 2015 година, Министерството покренало тужба против сопствениците на централата, обвинувајќи ги дека ја граделе централата без соодветни документи. Сепак, сопствениците никогаш не дошле пред суд и случајот на крајот бил затворен заради застарување на делото во декември 2017 година.

Во меѓувреме, сопствениците на централата аплицирале и ги добиле соодветните дозволи од Институтот за зачувување на природата, осигурувајќи дека остатокот од градбата може да заврши законски. Според документите до кои дојде БИРН од Министерството за заштита на животната средина, сопствениците исто така ја обесштетиле српската држава за уништување на шумите, иако износот не бил наведен.

Нехро Ровчанин водел кампања против изградбата на малата хидроцентрала на Камена Гора, сликана зад него. Фото: Дина Ѓорѓевиќ

„Кога се сечат дрвјата, земјата исто така се оштетува“, вели за БИРН Ратко Ристиќ, декан на шумскиот факултет при белградскиот универзитет. Дури и во случаи кога би биле засадени свежи дрвја како замена, рече тој, за обновување на шумскиот еко-систем може да бидат потребни од 60 до 100 години.

Во последните три месеци БИРН во три наврати контактираше со компанијата „15 Август“ сопственик на постројката „Селце“, за нивен коментар. Во секоја пригода, во телефонски разговор, вработените во компанијата велеле дека сопственикот Бранислав Савиќ е единствената личност овластена за коментар и дека тој не е достапен.

Постројката „Селце“ била една од 116-те мали хидроцентрали што ја напојувале со електрична енергија српската национална мрежа во 2019 година, од кои огромно мнозинство биле изградени во текот на последната деценија. Според податоците собрани од БИРН од локалните власти и Институтот за зачувување на природата, биле изградени најмалку 24 постројки без почитување на клучните услови за заштита на животната средина, како што се бара според српскиот закон.

Сопствениците на овие постројки започнале со изградба без спроведување проценки за влијанието врз животната средина, кои обично треба да бидат направени во фазата на планирање. Во случајот на „Селце“, процените на крајот биле направени, но дури по отпочнување на изградбата. Проверките на животната средина биле третирани како нешто што се прави отпосле, а не како законски предуслов.

Одговорноста дека новите постројки ги исполнуваат еколошките стандарди е поделена помеѓу локалните власти и неколку српски владини агенции. Во септември 2019 година, српскиот претседател Александар Вучиќ одговорил на притисокот од активистите за заштита на животната средина со ветување дека ќе формира посебно тело што ќе ги прегледува стандардите на сите постројки изградени во последната деценија. Сепак, и по една година, нема ништо ново на овој план. Во октомври 2020 година, БИРН ја контактираше канцеларијата на Вучиќ за коментар, но не доби одговор.

Јанез Копач, директор на Секретаријатот на енергетската заедница, истакнал дека крајната одговорност за заштитата на животната средина е на Србија. „Можеме да издадеме предупредувања, да спроведеме прекршочни постапки“, рече тој за БИРН, „но на крајот, [одговорноста да се постапи] е на самата Србија“.

Селани велат дека постројката „Селце“ го сменила текот на реката на Камена Гора. Фото: Дина Ѓорѓевиќ

Овој бум за изградба на мали хидроцентрали бил потпомогнат од неколку европски финансиски институции кои сакале да промовираат обновлива енергија во регионот. Истакнати финансиери во овој сектор се Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). И двете мултилатерални развојни банки ги заостриле своите правила за давање заеми за малите хидроенергетски проекти, барајќи построги еколошки проверки.

Комерцијалните банки од цела Европа исто така помогнале за финансирање на малите хидроенергетски проекти во регионот. Меѓу нив е и австриската банка, Групација Ерсте, чија фондација ја поддржува стипендијата за новинарска извонредност, програмата во чии рамки беше направена оваа сторија.

Во електронска изјава за БИРН, српскиот огранок на Ерсте изјавил дека банката е посветена на борбата против климатските промени преку финансирање на проекти за енергетска ефикасност и обновлива енергија. Во соопштението се вели дека банката не финансирала никакви мали хидроцентрали во заштитените подрачја и донела „матрица на ризик да ги земе предвид сите социјални и еколошки фактори за да се осигура дека финансирањето е во согласност со меѓународните стандарди во областа“.

Сепак, многу еколози велат дека европските банки треба целосно да престанат да финансираат мали хидроенергетски проекти. Мрежата „Бенквоч“, регионална коалиција на групи за заштита на животната средина и човековите права, која водела кампања против малите хидроцентрали, вели дека е „скоро невозможно“ ефективно да се следат централите, делумно затоа што тие се наоѓале на оддалечени локации. „Ниту една проценка не може да ги спречи операторите да ги исушат речните корита“, вели Пипа Галоп, советник за енергетика во Југоисточна Европа од „Бенквоч“, во електронска изјава за БИРН.

„Златна треска“ за лиценци

По нејзиниот договор од 2009 година со Енергетската заедница, Србија ветила дека обновливите извори на енергија ќе учествуваат со 27% во вкупната потрошувачка на енергија до 2020 година. Најновите проценки покажуваат дека оваа цел нема да се постигне. Всушност, учеството на обновлива енергија во вкупната потрошувачка на енергија во Србија остана приближно стабилна од 2009 година.

Во 2009 година, обновливите извори обезбедувале 21% од потрошената енергија во Србија. Во меѓувреме, според извештајот на Европската комисија од 2020 година обновливите извори учествувале со 20,3 проценти во потрошувачката на енергија во Србија во 2018 година, последната година за која се достапни податоците.

Покрај тоа, најголемиот дел од оваа енергија не е од мали хидроцентрали, туку од постара технологија за обновливи извори – големи хидро-електрични брани. Малите хидроцентрали претставуваат само 0.7% од вкупната произведена енергија во Србија во 2018 година, велат податоците од државната енергетска компанија, ЕПС, и државната агенција за статистика.

Додека изградбата на која било постројка за обновливи извори има еколошки трошоци, ова треба да се надмине – во теорија – со придобивките од генерирање електрична енергија без согорување на фосилни горива. Но, екологистите велат дека ова не важи за малите хидроцентрали на Балканот, бидејќи новите централи произвеле занемарливи количини на електрична енергија. „Многу повеќе би можело да се постигне преку мерките за енергетска ефикасност за да се намали побарувачката, а многу повеќе електрична енергија може да се генерира од соодветно поставени ветерници и соларни постројки“, изјави Пипа Галоп од „Бенквоч“ мрежата за БИРН.

Грачаница е една од многуте рурални заедници во Србија што морала да се прилагоди на влијанието на малата хидроцентрала. Фото: Дина Ѓорѓевиќ

И покрај тоа што е централен дел од стратегијата за обновливи извори на Србија, малите хидроенергетски системи не произведуваат ниту одблизу доволно електрична енергија за да се исполнат заложбите на земјата кон Енергетската заедница. Сепак, им донела солидни приходи на оние кои инвестирале во овој сектор.

Истражувањето на ЦИНС, истражувачки новински центар со седиште во Белград, покажува дека Србија исплатила 105 милиони евра за мали хидроцентрали во периодот од 2013 до 2019 година. Трошоците во најголемиот дел паднале на товар на српските потрошувачи, кои плаќаат дополнително за „обновливи извори“ преку сметките за електрична енергија. Во меѓувреме корист имале инвеститорите преку повластените тарифи. Според Гоџимириски, од Норвешкиот институт за примени работи, тарифите играат витална улога за развој на капацитетот за обновливи извори на енергија – тие ги штитат инвеститорите од флуктуации во цената на енергија.

„Кога сакате да одлучите дали да инвестирате во мала хидроцентрала или мала ветерна електрана, треба да знаете дека ќе добиете убав поврат од вашата инвестиција“, рече тој за БИРН. „Кога имате стабилен договор со националната мрежа, што ќе ви овозможува продажба на вашата енергија по одредена цена, се олеснува вашата одлука за инвестирање“.

Гаранцијата за стабилен принос во тек на подолг период може да ја направи лиценцата за обновливи извори предмет на шпекулација. Во една доверлива дипломатска телеграма од американската амбасада во Белград се алудира на зголемената трговија со лиценци во 2009 година – време кога во Србија се поставиле темелите на овој сектор. Телеграмата, објавена на веб-страницата Викиликс, цитира разговор со официјални лица од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која помогнала да се соберат средства за обновливи извори. Авторите на телеграмата ги цитираат претставниците на банката како предупредуваат дека пазарот на обновливи извори „е како златна треска, при што многу мали инвеститори… се обидувале да добијат лиценци со надеж за брзо продавање на овие права на други инвеститори“.

Нема докази за корупција во постројката „Селце“ ниту во целокупното управување на српската влада со секторот за обновливи извори.

Меѓутоа, на други места, се знае дека повластените тарифи обезбедуваат можности за корупција. Гоџимирски вели дека системот е далеку од беспрекорен и може да создаде „можност за корупција“ во секое лошо регулирано опкружување каде државните службеници донесуваат одлуки што влијаат врз финансиите на приватните фирми. Тој за БИРН изјави дека фирмите кои работат во секторот за обновливи извори може, на пример, да бидат ставени во искушение да им понудат „економски стимулации“ на владините службеници за да се осигурат дека добиле особено дарежлив поврат на инвестицијата, преку повластената тарифа.

Најпознатиот случај на корупција во проектите за обновливи извори поддржани од ЕУ бил откриен на Сицилија пред десет години, кога обвинителството открило дека локалната мафија профитирала од изградбата на ветерници и соларни фарми.

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Јанез Копач, исто така, признал дека ризикот за корупција е својствен за системот. „Каде и да имате повластени тарифи, мафијата може да го преземе бизнисот“, рече тој за БИРН. „Како директен договор склучен со државата, тој бизнис може да биде многу профитабилен“.

Копач вели дека ваквото однесување обично е ограничено на мал број играчи во секторот за обновливи извори. „Државата ќе банкротира ако склучи слични зделки со сите“, рече тој за БИРН. „Само фирмите кои се блиски до државата можат да профитираат на овој начин“.

Неверојатните Фагарашки планини во Романија се место на неколку мали хидроенергетски проекти. Фото: Дина Ѓорѓевиќ

Копач вели дека повластените тарифи „треба да се толерираат“ само во исклучителни ситуации, како краткорочна стимулација за приватните фирми да градат капацитети за обновливи извори. Тој за БИРН изјави дека Енергетската заедница ги советува владите да ги укинат повластените тарифи што е можно побрзо, заменувајќи ги со аукциски систем, при што инвеститорите ќе треба да се наддаваат за лиценците.

„Овие мали хидроцентрали се неефикасни инвестиции и државата ги охрабрува [со повластени тарифи]“, вели тој. „Аукциите би го решиле проблемот преку ноќ затоа што повеќе нема да има стимулации за неефикасни инвестиции“.

Сепак, вели Копач, неговата организација има ограничено влијание врз националните влади кои не ги почитуваат нејзините совети. „Теоретски, можно е една земја да се протера од Енергетската заедница“, вели тој за БИРН, но тоа би била „нуклеарна опција“.

Несигурни добивки

Додека Србија продолжува да нуди повластени тарифи за малите хидроцентрали што е во спротивност со упатствата на ЕУ, другите влади во регионот станаа жртва на еколошки проблеми.

Како земја-членка на ЕУ од 2007 година, Романија започна градежен тренд што доведе до изградба на стотици мали хидроцентрали во планинските области. Дел од новите постројки биле изградени на реките Буда и Капра во Фагарашките планини, кои се дел од Јужните Карпати, планински венец кој се протега низ централна Романија.

Фагарашките планини се популарна дестинација за планинарење и живеалиште на различни видови како кафени мечки и рис. Автопатот кој поминува низ планините, во шоуто за автомобили на Би-Би-Си „Топ Гир“ бил опишан како „најдобриот пат во светот“ заради неверојатните погледи и остри свиоци.

Балканскиот бум за изградба на хидроцентрали стигна до овие планини пред десет години, со звукот на динамит и тешка машинерија. Овидиу Миху, локален наставник, кој уживал да лови риба во Капра, се сеќава на неговата прва средба со работниците и булдожерите кои поставувале цевки преку коритото на реката во 2010 година. „Бев изреволтиран“, рече тој за БИРН, на едно од патувањата во областа. „Реката е дел од моето срце, но тоа беше последен пат кога дојдов овде да ловам риба. Беше како да гледате некој за кого знаете дека ќе умре“.

Налутен, Миху се свртел кон таен активизам. Во локалните барови, тој се среќавал со работниците кои ги граделе малите хидроцентрали и ги слушал нивните приказни, не дозволувајќи им да дознаат дека собира информации. За да остане трезен додека пиеле, тој дискретно ја полнел чашата со ладен чај наместо пиво.

Овидиу Миху станал активист за заштита на животната средина, откако бил сведок за влијанието на малиот хидроенергетски проект на реката каде што порано ловел риби. Фото: Дина Ѓорѓевиќ

Откако романските власти останале глуви на неговите први извештаи, Миху по електронски пат ја испратил првата од многуте жалби до Европската комисија во март 2012 година. Тој, исто така, ги здружил силите со другите активисти, барајќи од романските власти да ја прекинат изградбата на мали хидроцентрали во недопрената природа.

Успеале во 2015 година, кога ефективно запрела изградбата на мали хидроцентрали, кога Романија ги повлекла субвенциите за секторот. Во 2016 година, Европската комисија отворила таканаречена постапка за повреда против Романија, испитувајќи дали го прекршила еколошкото законодавство на ЕУ.

Истрагата сѐ уште не е завршена, но придобивките од активистите за заштита на животната средина се покажале како трајни. Но, само ж засега. Во септември, романската влада донела контроверзен закон со кој се одобрува изградба на хидроцентрали во заштитените подрачја.

Еколозите сметаат дека легислативата е насочена кон поскоро завршување на големите државни хидроенергетски проекти, кои останале недовршени, бидејќи биле во спротивност со правилата на ЕУ. Тие не очекуваат дека со новиот закон повторно ќе започне нов бран за изградба на мали хидроцентрали, бидејќи не е вклучена никаква одредба за субвенционирање на новите централи. Дијана Космоиу, координатор за политики во Светскиот фонд за природа во Романија, изјави за БИРН дека напорите на активистите овозможиле „последната верзија на националната енергетска стратегија да не нуди поддршка за развој на мали хидроцентрали“.

Експертите за БИРН изјавија дека регулативите за животна средина на ЕУ имаат тенденција да бидат построги за земјите кои се во Унијата, за разлика од оние кои се стремат да се приклучат кон неа. На пример, српската влада, повеќепати била повикувана од ЕУ да се откаже од повластените тарифи во корист на аукциите, при што неодамнешниот повик датира од 2020 година, но Белград сè уште ја нуди субвенцијата.

За Нехро Ровчанин, советник од Грачаница, кампањата против малите хидроцентрали во неговата земја само покажала колку е тешко да се побара одговорност од моќниците. „Инвеститорот може да стави цевковод во река, но само ние, обичните граѓани, ќе бидеме казнети ако го прекршиме законот“, вели тој.