Среќко Латал, Едит Инотаи, Мирослава Германова, Клаудија Цобану, Роб Андерсон | Сараево, Будимпешта, Братислава, Варшава, Прага | БИРН
Кога новата Европска комисија ќе почне со работа во октомври, ќе се соочи со прашања што се закануваат да го уништат самото ткиво на Европската унија: Брегзит, миграција, владеење на правото.
Слободно може да се каже дека загриженоста на членките-кандидатки од Балканот за влез во ЕУ нема да бидат приоритет на агендата на Комисијата, велат дипломати од ЕУ.
Но, во сѐ пофрагментарна Европа, официјални претставници на Вишеградската четворка (В4) – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка – велат дека тие ќе бидат поборници во рамките на новата Комисија за проширување на ЕУ.
Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија се земји-кандидатки за ЕУ, додека Босна и Херцеговина и Косово, Европската комисија ги смета за потенцијални кандидати.
„Полска е поборник за проширувањето, како една од најуспешните политики на ЕУ“, изјави за БИРН, Магдалена Чубала, шефица на одделот за проширување на Југоисточна Европа и ЕУ во полското Министерство за надворешни работи.
„Ние ќе го завршиме европскиот проект дури откога Западен Балкан ќе ѝ се приклучи на унијата“.
Додека официјалните претставници во Братислава, Будимпешта и Прага го делат ваквиот став, аналитичарите велат дека навивањето не е доволно за да се зголеми добрата волја за проширување (видете ја рамката).
„Ние, дури и со Вишеградската четворка, немаме доволно моќ за лобирање за да го протуркаме проширувањето“, вели Иштван Шент-Ивани, поранешен државен секретар во унгарското Министерство за надворешни работи и екс унгарски амбасадор во Словенија.
„Во Западна Европа не постои вистински економски интерес за натамошно проширување и паралелно со тоа, на Балканот се развива таканаречен замор од проширување“.
Францускиот претседател Емануел Макрон го постави тонот во јуни, кога земјите се судрија околу тоа кој би ги добил највисоките работни места во ЕУ по изборите во Европскиот парламент.
„Ќе одбијам секаков вид проширување пред да се направи длабока реформа во нашето институционално функционирање“, рече тој.
Во меѓувреме, останува отворено прашање дали државите од В4, и самите обвинети за заостанување во демократските реформи ќе бидат ефективни застапници на балканските интереси во Комисијата.
Минатата година, Европскиот парламент гласаше за преземање невидени дисциплински мерки против Унгарија за наводно кршење на основните вредности на ЕУ. Во меѓувреме, Европската комисија презема правни дејствија против Полска за непочитување на демократските правила.
Сојузници наспроти вазали
Чешката Република, која во моментов заседава со ротирачкото претседателство на В4, го промовираше пристапувањето на Западен Балкан кон Унијата, како еден од приоритетите во својот мандат.
Сите земји од В4 групата лобираа Комисијата да ги одреди датумите за почеток на преговорите за пристапување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ. Тие сакаат датумите да бидат објавени во октомври.
Аналитичарите велат дека голем дел од оваа поддршка е водена од личен интерес.
„Замор од проширување“
По балканските војни во 1990-тите, лидерите на ЕУ и на САД, во раните 2000-ти се согласија дека брзото членство во ЕУ е клучот за долгорочна стабилност и реинтеграција на балканскиот регион, а со тоа и за стабилноста и безбедноста на цела Европа.
Таа одлука произлезе од сознанието дека само границите на ЕУ биле доволно широки за мирно да го прилагодат и постепено да го трансформираат национализмот што изникна на Балканот со крајот на Студената војна.
Сепак, како што минуваше времето, аналитичарите велат дека ЕУ заборави на своите горчливи искуства од насилното распаѓање на поранешна Југославија.
Поривот за поголема безбедност им отстапи место на сложените агенди за реформи на Балканот, кои понекогаш се чинеше дека имаат за цел да ги затворат земјите, наместо да им посакаат добредојде во семејството на ЕУ.
Критичарите ја обвинуваат оваа наводна заложба за проширување, за заживување на национализмот и популизмот во регионот во последните години.
Тие, исто така, велат дека ја ослабнала решеноста на балканските земји да почнат со тешки реформи, за возврат давајќи им на европските престолнини дополнителен изговор за разводнување на политиките за проширување на блокот.
На почетокот на мандатот во 2014 година, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека ниту една балканска земја нема да влезе во ЕУ за време на неговиот мандат, со што е јасно дека проширувањето ниту било високо на агендата на Комисијата, ниту реално.
Кон крајот на мандатот, Јункер малку ја смени својата позиција, предупредувајќи на опасностите од тоа да не се донесе „европска перспектива“ за регионот.
„Ако на овие земји, од овој крајно комплициран регион, им ја одземеме, може да кажам трагично, европската перспектива, ние ќе го живееме она што веќе го поминавме во 1990-тите“, изјави тој во говорот пред Европскиот парламент во април.
Неколку високи официјални претставници на ЕУ, за БИРН, изјавија дека новата Европска комисија ќе посвети дури и помалку внимание на проширувањето.
Ваквиот „замор од проширување“ произлегува главно од фактот дека повеќето држави во ЕУ нема да почнат да размислуваат за прифаќање нови членки, сè додека блокот не реши поголем број внатрешни проблеми.
Во текот на изминатата година, Германија даде сѐ од себе за да го одржи во живот сонот за проширување. Во август, канцеларката Ангела Меркел рече дека Европа ќе биде „вистински обединета“, кога Западен Балкан ќе влезе во ЕУ.
Сепак, повеќето држави-членки отворено или премолчено се спротивставуваат на натамошно проширување.
Додека Франција и Холандија се сметаат за најсилни противници на проширувањето, земјите од В4 групата засега се најголеми поборници за балканската кауза, велат официјални лица.
Во очите на В4, пристапувањето во ЕУ може да им даде моќ на балканските земји да дејствуваат како подобра тампон-зона против мигрантите од Африка и од Азија, обидувајќи се да влезат во ЕУ.
Исто така, може да се спротивстави на растечкото влијание од страна на Русија, Кина и Турција, за кое некои стравуваат дека може да ги засили социјалните, политичките и етничките тензии на Балканот.
А може и да помогне во спречување на организираниот криминал што со години од Балканот доаѓа во Европа.
Унгарија во последно време е најгласната нација од В4 групата, кога станува збор за проширувањето на ЕУ. Таа е единствената земја од оваа група што граничи со Балканот и ја дели заедничката историја со земјите кои некогаш биле дел од Австро-унгарската империја.
Неколку официјални претставници на ЕУ, за БИРН, изјавија дека Унгарија има добра шанса да го добие европското портфолио за соседска политика и проширување во следната Комисија – иако други велат дека е речиси сигурно оти тоа ќе остане кај австрискиот политичар Јоханес Хан.
Дури и ако кандидатот на Унгарија, поранешниот министер за правда, Ласло Трочањи, биде одобрен, не е сигурно дали ќе го помине гласањето во Европскиот парламент.
Некои извори во ЕУ велат дека земји како Германија сакаат да ѝ фрлат коска на Унгарија, а во исто време да ја казнат со тоа што ќе ѝ дадат портфолио што речиси никој друг не го сака.
Неодамнешните изјави на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, не оставаат никаква дилема за ставот на Будимпешта околу проширувањето.
„Лицемерно е што на зборови сите се френетично посветени, но кога станува збор за донесување одлука, тие не се осмелуваат да дејствуваат“, изјави тој во Брисел, во јуни кога се отвори последното поглавје на Србија за преговори со ЕУ.
„Проширувањето би бил најдобриот одговор за несомнено постојаните тензии во регионот. Ние во соседството точно знаеме колку се важни мирот и спокојството во регионот“.
Тој додаде дека само кредибилна стратегија за проширување може да ја запре миграцијата преку Западен Балкан.
Унгарија ја поддржа својата реторика со поголем ангажман во регионот.
Од 2016 година, владата го субвенционираше „Визер“, втората по големина буџетска авиокомпанија во Европа, за поврзување на неколку балкански престолнини со Будимпешта. Во март, државата основаше фонд од 30 милиони евра за поддршка на унгарските инвестиции во регионот.
Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан воспостави блиски врски со лидерите на Балканот, вклучувајќи го и српскиот претседател Александар Вучиќ, кого критичарите го обвинуваат дека станува сè поголем автократ, и поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски.
Унгарија привлече меѓународни критики минатиот ноември, кога Груевски избега во Будимпешта за да избегне двегодишна затворска казна дома за обвиненија поврзани со корупција.
Финансиската и политичката поддршка на Унгарија за етничките унгарски малцинства што живеат во соседните земји, исто така, предизвика контроверзии.
„Проблемот е што унгарската влада не бара вистински сојузници, туку вазали“, вели Шент-Ивани, поранешен унгарски дипломат и владин претставник.
„Постојат обиди да се мешаат во локалната домашна политика, за која сметам дека се многу ризични и сомнителни. Политичкиот неутрален став ќе биде покорисен за нашите долгорочни деловни интереси“.
Зборови и дела
Експертите велат дека другите држави од групата В4 го поддржуваат пристапувањето на балканските држави од различни причини, почнувајќи од солидарност со другите словенски нации, со кои имаа заедничко комунистичко минато, со надеж за поголема трговија и страв од руското влијание во регионот.
Во Чешка и во Полска, односите со Балканот изгледаат прилично апстрактно. Повеќето врски со регионот се на ниво на В4 групата, наместо преку билатерални односи.
„В4 обезбедува посебен модел на регионална соработка и државите од оваа група продолжуваат со промовирање на ова искуство во Западен Балкан“, вели Томас Допита, виш истражувач на Институтот за меѓународни односи во Прага.
Допита вели дека „најочигледниот исход“ од оваа соработка е Фондот за Западен Балкан на Вишеградската група, кој ја поддржува регионалната соработка.
Односите на Полска со Балканот беа во фокусот, во јули, кога полскиот град Познан беше домаќин на последниот самит за Западен Балкан. Тој се одржа како дел од т.н. Берлински процес, почнат во 2014 година, како поддршка на влезот на балканските држави во ЕУ.
„Без целосна интеграција на Балканот, со нивните убави традиции и културна мешавина, Европа нема да почне да дише целосно“, изјавил полскиот претседател Анджеј Дуда за време на самитот.
Чубала од полското Министерство за надворешни работи, за БИРН, изјави дека Полска е често поборник за стратешкото значење на регионот во ЕУ форумите.
„Ние мора да го поддржиме развојот на регионот, да го задржиме во нашето семејство и да не дозволиме надворешните сили да ги загрозуваат стабилноста и мирот“, рече таа, додавајќи дека Варшава „ќе се бори“ за почнување преговори со Албанија и со Северна Македонија.
И покрај генералниот консензус меѓу полската политичка класа и пошироката јавност дека Западен Балкан припаѓа во ЕУ, аналитичарите забележуваат дека полските интереси во регионот главно се ограничени на туризмот. Инвестицијата на земјата на Балканот е мала.
„Полското учество на Балканот отсекогаш било тактичко, а не стратешко: ние бевме таму за да му покажеме на Западот дека сме сигурни и предвидливи партнери, подготвени сме да го направиме тоа што треба во ЕУ и во НАТО“, вели Спасимир Домараџиски, политички научник од универзитетот„Лазарки“ во Варшава.
„Полското учество на Балканот е она што ѝ треба на Полска, а не она што му е потребно на Балканот“.
Словачка одржува блиски билатерални односи со балканските земји и негува деловни врски со Србија, особено затоа што многу српски работници се вработени во словачки автофабрики.
Експертите велат дека словачката поддршка за пристапување на Балканот кон ЕУ произлегува од признавањето на потенцијалните стабилизирачки ефекти на членството во ЕУ, во време на растечки популизам и екстремизам низ цела Европа.
Словачка, една од петте држави на ЕУ што не ја признаваат независноста на Косово, исто така, сака да се залага за подобрување на односите меѓу Приштина и Белград.
„Не сакаме Косово да стане „црна дупка“ на картата на Западен Балкан“, изјави Мирослав Лајчак, словачки министер за надворешни работи и поранешен висок претставник за Босна.
Но, не сите во Словачка, или во другите земји од В4 групата, се убедени дека границите на ЕУ треба да се прошират.
„Кога земјите ќе се приклучат, ќе им треба помош и сите ќе платиме за тоа“, вели Петра Павлицкова, 35-годишна оперативна менаџерка во Братислава. „Но, така беше и кога ние влеговме во ЕУ, така што навистина не знам дали би гласала за или против“.
Лукас Добрански, 31-годишен ИТ администратор од источна Словачка, кој живее во Чешка, е помалку амбивалентен.
„Мислам дека не треба да прифаќаме повеќе балкански земји“, вели тој. „Барем не додека не ги решат своите односи, што веројатно никогаш нема да се случи“.