Регион

Жалба против одлуката, предметот на радикалите, да му се отстапи на Белград

Радоша Милутиновиќ, Белград

Вјерица Радета, една од обвинетите радикали. Фото: Српска радикална партија

Хашката обвинителка, Дијана Елис, најави дека ќе поднесе жалба против одлуката, да му се отстапи на Белград процесот против членовите на СРП, Петар Јојиќ и Вјерица Радета.

Одлуката на Јојиќ и на Радета да им се суди во Белград, а не во Хаг, ја донесе Механизмот за Меѓународни кривични трибунали, ММКТ, на почетокот на овој месец.

Во нејзината жалба, Елис наведува дека судијата, Ајдин Сефа Акај, погрешил кога не му дал доволна важност на повеќегодишното одбивање на Србија, да ги екстрадира Јојиќ и Радета во Хашкиот трибунал, што, според Трибуналот, била обврзана и според својот закон и според меѓународното право.

Обвинителката посочи дека судијата занемарил дека српските власти одбиле да ги уапсат Јојиќ и Радета, и покрај наредбата на Трибуналот.

Трибуналот во октомври 2012 година ги обвини Јојиќ и Радета, дека влијаеле на сведоците во процесот што во Хаг се водеше против нивниот партиски лидер, Воислав Шешељ, при што со закани, уцени и поткуп ги убедувале да ги сменат своите искази или да не сведочат.

По ова, помеѓу Трибуналот и Србија се водеше долготраен спор околу апсењето и екстрадицијата на двајцата радикали.

Во јануари 2015 година, Трибуналот издаде потерница за нивно апсење.

Сепак, Советот за воени злосторства при Вишиот суд во Белград, во мај 2016 година, одлучи дека не постои правна основа за екстрадиција на радикалите, бидејќи српските власти можат да екстрадираат само лица кои Трибуналот ги бара за воени злосторства, а не и за непочитување на судот.

Трибуналот во октомври 2016 издаде меѓународна потерница по Јојиќ и Радета, наведувајќи оти Србија во неколку наврати одбила да се усогласи со судскиот налог, и да ги уапси и екстрадира во Хаг двајцата радикали.

Потоа, Интерпол издаде „црвена потерница“ по Јојиќ и Радета.

Трибуналот неколкупати пред Советот за безбедност посочи дека Србија не соработува во овој случај.

Третообвинетиот во овој предмет, Јово Остојиќ, почина во Србија во 2017 година.

Во април, ММКТ го осуди Шешељ на 10 години затвор за протерување на Хрватите од селото Хртковци, Војводина, за време на војната во 1992 година.

Но, тој нема да оди во затвор, бидејќи повеќе од 11 години помина во притвор.

Инаку Шешељ, кој е пратеник во српскиот парламент, рече дека нема да го напушти Собранието и покрај тоа што е осуден за воено злосторство, иако ова законски го дисквалификува како пратеник.