Истражувањa

Жените губат работни места поради бременост

Жените во Македонија немаат еднаков пристап до вработувањето како мажите. Тие за време на интервјуата се соочуваат со дискриминација, бидејќи им се поставуваат прашања од лична природа

Голем број жени во потрагата по нова работа се соочуваат со пречка бидејќи не се во брак и немаат деца

Голем број жени во потрагата по нова работа се соочуваат со пречка бидејќи не се во брак и немаат деца

Кога триесет и седумгодишната Анета од Скопје се решила пред две години да даде отказ од фирма за продажба на канцелариски материјали каде што работела за да се посвети на барањето работа соодветна на нејзината факултетска диплома, очекувала дека ризикот можеби нема да ѝ се исплати. Но, не очекувала дека во потрагата по нова работа најголема пречка ќе ѝ биде тоа што не е мажена и нема деца.

Отакако по неколку месеци безуспешно ги проверувала огласите за вработување во кои се бара дипломиран психолог, решила да се врати на старата работа за која веќе била квалификувана.

Со искуство од пет години и препорака од колега кој се заложил за неа, отишла на интервју во една од конкурентските фирми со којашто соработувала и самата и нејзината поранешната фирма. На интервјуто стекнала впечаток дека работното место ѝ е загарантирано, бидејќи се договорила за условите и само било прашање во која нивна продавница ќе работи. На Анета не ѝ паднало чудно кога директорката која ја познавала од порано на крајот на интервјуто ја прашала дали е во брак, иако забележала дека нејзиниот лик се променил кога одговорила негативно.

„Прашањето не го сфатив сериозно и не очекував дека поради тоа нема да ме примат на работа“, вели таа.

Анета е само една од низата примери на девојки или жени на кои, иако е спротивно на Законот за работни односи, на интервјуата за работа им се поставувани прашања дали се мажени и кога планираат да забременат и да оформат семејство.

Тоа се покажало и пресудно за Анета да не ја добие работата. Откако од фирмата на мејл ја известиле дека се решиле за други двајца кандидати таа прашала која е причината, бидејќи и кажале дека е компетентна и оти ја познава работата на што добила одговор кој не го очекувала.

„Примивме едно машко и едно женско со две деца, бидејќи навистина голем проблем ни претставува примање нов вработен, па по извесно време одење на трудничко… Со цел да формираме стандардна екипа, се решивме за тие двајца кандидати. Анета, се надеваме дека ќе ја разбереш нашата ситуација и ти посакуваме среќа и брзо вработување , гласел мејлот.

Принт-скрин од електронската порака со образложението зошто Анета не ја добила работата

Принт-скрин од електронската порака со образложението зошто Анета не ја добила работата

Анета, иако имала искуство зад себе, препорака и била квалификувана за позицијата, работното место не го добила само поради фактот што не била во брак и немала деца.

Во Законот за работни односи во членот 6 е уредена забраната за дискриминација. Во законот прецизно е наведено дека работодавачот не смее барателот на вработување или работникот да го става во нееднаква положба, меѓу другото и поради полот. На жените и на мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата и условите за работа.

Анета вели дека не реагирала на мејлот, бидејќи била стаписана од одговорот кој буквално значел дека не можат да ја вработат, затоа што во иднина ќе остане трудна.

„ Сега многу ми е криво, особено што такво обајснување добив од фирма која ја предводат две жени кои се мажени и имаат деца“, вели таа.

Дискриминацијата тешко се докажува

Неда Чаловска од платформата за заштита од дискриминација на жените вели дека најголем број од невработените жени се на возраст од 24 до 35 години кога се наоѓаат во репродуктивен период. На интервјуата најчесто им се поставуваат вознемирувачки прашања од овој тип кои не се поврзани со работното место и кои се косат со законот.

Жените кои сѐ уште не се решиле да станат мајки се соочуваат со незгодни и вознемирувачки прашања за време на интервјуата | Фото: Марија Митевска

Жените кои сѐ уште не се решиле да станат мајки се соочуваат со незгодни и вознемирувачки прашања за време на интервјуата | Фото: Марија Митевска

„Меѓутоа прашање е колку законските одредби се почитуваат и колку се следи дали се спроведуваат, затоа што имаме многу примери на жени кои пријавуваат дека им се прекршуваат правата“, вели таа.

На прашањето што презема Министерството за труд и социјална политика во ваквите случаи нѐ упатија во Комисијата за заштита од дискриминација. Претседателот на комисијата, Душко Миновски, вели дека во изминатата година до нив стигнале 106 претставки за дискриминација, а само седум биле по основа на род и пол. Од нив, во една е констатирана дискриминација, три се во тек, две се одбиени, а една воопшто не е земена предвид.

Според него, може да се констатира дека има појави на дискриминација од овој вид, но повеќето само се интересираат за процедурата и не пријавуваат, бидејќи се плашат од последиците.

„Евидентно е дека се случува работодавачите да си земаат за право да навлегуваат во приватната сфера на потенцијалните кандидатки за вработување“, вели тој.

Штетни договори

Работодавачите не само што поставуваат приватни прашања на интервјуата туку жените не се ни безбедни откако ќе се вработат, односно можат да добијат отказ и кога ќе забременат. Елена од Скопје на 24-годишна возврат за прв пат се вработила во приватна фирма за имплементација на софтвери, откако ја поминала потребната обука со договор на определено време во рок од три месеци. Во меѓувреме, таа, иако не планирала, останала бремена.

„Кога им јавив дека сум трудна беа изненадени и воопшто не регираа добро на веста“ вели Елена, на која ѝ дадовме псевдоним со цел да ѝ го заштитиме идентитетот, бидејќи таа се плаши од последиците во иднина.

Нејзе ѝ било јасно дека нема да си го задржи работното место откако ќе замине на породилно отсуство, но не очекувала дека ќе го загуби предвреме.

„Ме одјавија на еден ден пред истекувањето на договорот без никакво објаснување. Поради прекинот, иако најдов работа во друга фирма со која се договорив сама да ги плаќам придонесите, не бев во можност да добивам труднички надоместок“, додава Елена.

Таа вели дека била немоќна што било да преземе, а стресот и нервозата кои ги претрпела во тој момент сфатила дека не смее да си ги дозволи поради своето неродено дете.

„Јас можев да го премолчам фактот дека сум бремена во првите неколку месеци, но бев коректна за разлика од нив. Сега ми е жал што исходот беше таков и подоцна сфатив дека не сум единствената која се нашла во таква ситуација“, вели Елена, која и денес смета дека не би можела да докаже оти била отпуштена поради тоа што останала бремена.

Според Законот за работни односи, работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работник за време на бременост, раѓање и родителство и отсуство поради нега и чување деца.

Законот не ги штити и жените со договори на определно време

Чаловска вели дека Законот за работни односи забранува отказ за бремена жена. Проблемот е тоа што овој закон ги штити само жените вработени на неопределено време, но не и жените коишто се вработени на определено време.

„Сѐ уште нема случај за кој е поведена судска постапка и притоа е докажана дискриминацијата, а причината е сомнежот во институциите и волјата да се докажува дискриминацијата“, вели таа.

Миновски вели дека е факт оти постои еден таканаречен вакуум простор и со потпишувањето на тие договори на определно време самите потписници се сложуваат со таквиот услов кој не им гарантира дека ќе го задржат работното место.

И од Министерството за труд и социјална политика информираат дека овие околности не го спречуваат престанокот на договорот за вработување на определено време, доколку истече рокот за кој тој договор е склучен. Ова е од причина што договорот за вработување на определено време се склучува со однапред определено времетраење, а согласно законот еден од начините на престанок на важноста на договорот за вработување е со изминување на времето за коешто бил склучен. Согласно законот, овој вид договор се склучува за определен временски период, а истекот на договорот за вработување е определен од објективни услови и тоа доаѓањето на одреден датум, завршувањето одредена задача или појавата на одреден настан.

Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека можат само да ги советуваат компаниите да ги почитуваат Законите за работни односи и конвенциите за заштита на човекови права. Според нив, компаниите не смеат да ги дискриминираат луѓето при вработувањето, односно да претендираат да вработат мажи. Таква дискриминација не треба да се случува во македонското општество, заклучуваат оттаму.

Анета неодамна работи како психолог во едно основно училиште, но и таму работното место не ѝ е сигурно.

„Работам со договор на определно време, што не ми гарантира дека нема да бидам отпуштена, односно нема да ми биде продолжен договорот кога ќе забременам“, вели таа.

За разлика од неа, Елена сега има и второ дете, а во новата фирма без проблем го прифатиле фактот дека останала бремена и работното место ја чека откако ќе ѝ заврши породилното отсуство.