Регион

Жените во албанските медиуми: од секундарна виктимизација до погрдни именувања

Етичките кодекси значат малку кога станува збор за начинот на кој албанските медиуми известуваат за жените жртви на сексуална злоупотреба

Во октомври 2017 година, 15-годишна девојка од зафрлено село во југоисточна Албанија пријавила во полиција дека била многупати силувана од сосед, маж на возраст од педесет години. По приведувањето на сторителот, полицијата излезе со соопштение. А потоа темата влезе во медиумите.

Во рок од 24 часа, жртвата и нејзината мајка дадоа шест интервјуа за медиумите, а коментарите на девојката беа објавени во вестите на 11 телевизии. Само нејзините очи беа затемнети во еден страшно неадекватен обид да се испочитуваат медиумските правила. Нејзината куќа и улица беа прикажани на вестите, како и нејзините родители и баба и дедо. Нејзините интервјуа на интернет имаат повеќе од милион прегледи.

Поминаа речиси пет години, но за жртвата времето застана, нејзината приказна стана пречка за нејзиното образование, вработување и лични односи. Таа рече дека се обидела да се самоубие.

„Мислев дека некако ќе се заштитам од мојот насилник зборувајќи со новинарите. Бев шокирана и не ми беше добро. Предолго ja криев злоупотребата и сакав само да врескам и да барам помош“, рече таа.

Сега, ова искуство го опишува како „да е злоупотребена по вторпат“.

„Сите што ги познавав во училиште и во моето село можеа да замислат што ми се случи и всушност ме осудуваа поради тоа. Мислам дека новинарите го искористија фактот дека бев само дете и ситуацијата на моето семејство во тоа време. Ние сме сиромашни, а татко ми не е во добра психичка состојба“.

„Можеби да не знаеше целиот свет, полесно ќе ја пребродев траумата сама. Моите родители ме гледаат како да сум го посрамила целото семејство. Ниту еден од чичковците не ми зборува. Дури рекоа дека можеби сум го испровоцирала насилникот“.

Нејзината приказна за медиумско изложување и секундарна виктимизација веќе не е невообичаена во Албанија, каде што правилата и нормите во врска со известувањата за сексуалната злоупотреба и злосторствата врз малолетниците често се прекршуваат.

Анализата на БИРН на написите на интернет помеѓу јануари 2020 и април 2022 година откри 320 загрижувачки случаи што се однесуваат на сексуална злоупотреба во кои е идентификувана жртвата, се идентификува семејството, се открива домашната адреса или се објавуваат и други лични податоци.

Исто така, анализата на известувањето за семејно насилство во истиот период откри 142 написи што се обидуваат директно или индиректно да го оправдаат насилството и 364 статии што откриваат лични податоци на жртвите, нивни фотографии и/или видеа. На телевизија, 32 програми во истиот период вклучуваа интервјуа со деца жртви на сексуална злоупотреба или членови на нивните семејства и емитуваа детали за случаите.

Новинарката, медиумски експерт и тренер, Валбона Сулче вели дека, според нејзиното искуство, новинарите знаат како треба да се обработуваат такви теми, но се соочуваат со притисок на сензационализмот.

„Според моето искуство од тренинзи со новинарите, кога ги прашувам за овој феномен, сите тие велат: ‘Ние знаеме да напишеме етичка, несексистичка статија. Но, во редакцијата сме под притисок бидејќи професионалните и неутралните написи не носат кликови’“, изјави Сулче за БИРН.

Infographic: BIRN/Igor Vujcic

Занемарени етички кодекси

Етичкиот кодекс на медиумите во Албанија од 2006 година е јасен: „Новинарите внимателно да се однесуваат кон идентификацијата на жртви и сведоци на насилства, особено во случаите што вклучуваат сексуален напад, освен ако тие не се согласат да бидат идентификувани“.

А кога станува збор за малолетно лице, „новинарите нема да ја искористуваат невиноста и довербата на детето и ќе објавуваат информации или слики за приватниот живот на детето само доколку постои јавен интерес“.

Слично на тоа, Кодексот на албанската управа за аудиовизуелни медиуми предупредува дека „треба да се избегнува секој извештај или емитување директно или индиректно што води кон идентификација на кое било дете што може или било вклучено во сериозен домашен случај“.

Радиодифузерите, се наведува, „не треба да ги злоупотребуваат ранливите групи, туку треба да промовираат позитивен пристап кон ранливите групи (малцинства, жени подложени на насилство, лица со попреченост итн.).

Докторката Силвана Лока, психолог, која со години работела со жртви на сексуална злоупотреба и семејно насилство, вели дека начинот на кој албанските медиуми известуваат за таквите злосторства, често само ги влошува работите.

„Јавното идентификување често го поттикнува општеството да ја обвини жртвата“, вели Лока за БИРН. „Тоа, не само што ги зголемува сите емоционални реакции на жртвата со тоа што ја повредува емотивно, туку ризикува нејзина повторна виктимизација од други потенцијални насилници што чекаат да најдат жртва“.

Во јануари 2021 година, Топ ченл, еден од главните телевизиски канали во Албанија, емитуваше епизода од емисија наречена „Сакам да те направам среќна“, во која една жена раскажуваше за систематското злоставување што го претрпела од страна на нејзиниот сопруг. Тој беше донесен во студио и се извини, по што двојката се смири, а злоупотребата беше релативизирана.

Потоа, тука е и исмевање на физичкиот изглед.

БИРН идентификуваше 939 написи објавени во периодот од јануари 2020 до април 2022 година и кои ги содржеа фразите „дебела е“, „се здебелила“, „се посрамоти“ или на друг погрден начин го референцираат телесниот изглед на жената.

„Постои конкретен напис што можам да го идентификувам, за кој поднесов жалба до Советот за етика“, рече Сулче.

„Во веста се зборува за една албанска пратеничка, која се вратила во парламентот по бременоста, облечена во тесна облека. Написот сугерира дека пратеничката треба да се врати во теретана или ќе мора да се консултира со стилист за нејзината облека, испраќајќи порака дека парламентот не е место за несовршени тела.“

Последиците се „реални“

Илустрација Unsplash.com/Mika Baumeister

Ваквото известување не е ново. Емилијано Казиај, медиумски експерт и програмски менаџер во ИРЕКС, вели дека направил две мониторинг студии за говорот на омраза и неетичкиот јазик во албанските медиуми во 2018 и во 2020 година.

„Во 2020 година беа идентификувани 293 написи што содржат неетички јазик, вклучително и говор на омраза, сексистичка и дискриминаторска содржина“.

„Овој вид написи ги прикажуваат жените и девојките или идеите поврзани со нив и нивната реалност од погрешна перспектива“, рече тој.

„Второ, тие ги засилуваат лошите стереотипи за девојките и за жените“.

Известување на таков начин „во реалниот живот има вистински последици за нив“.

„Начинот на кој публиката гледа како девојките и жените се прикажуваат во медиумите влијае врз тоа како ги третираме во нашите семејства, заедници, работни места, врски итн. Нема сомнеж дека таквите написи ги зајакнуваат патријархалните идеи на Албанците“.

Генерално, родовите стереотипи се широко распространети во албанските медиуми; студија од 2020 година објавена од фондацијата „Фридрих Еберт“ покажа дека радиодифузерите имаат тенденција да известуваат „повеќе за жените како мајки, домаќинки или сопруги, земајќи ги предвид модата, убавината и изгледот“.

Жените и девојчињата се претежно ставени во позиција на жртва и се „многу помалку присутни во политичките вести“, се вели во извештајот. И анализа на БИРН го потврдува ова; од 1 декември 2021 до 1 април 2022 година, во шесте политички емисии на албанската телевизија во ударниот термин, учествуваа 312 мажи и само 56 жени.

Специфичен е тонот и начинот на кој албанските медиуми известуваат за Албанките што избираат да летуваат или да живеат и работат во места како Дубаи.

Изгледа дека во многу медиуми тие жени се портретирани како лесни. Меѓу нив е и Адела Кодра, албанска блогерка и манекенка, која често објавувала на социјалните мрежи додека летувала во Дубаи.

Нејзините објави поттикнаа наслови како „Албанската манекенка ги ‘полудува’ шеиците во Дубаи“.

„Често сум злоупотребувана од онлајн-медиумите; Моите фотографии беа прикажани и за време на ТВ дискусии во грд контекст“, вели 22-годишната Кодра, моделка и студентка на трета година по новинарство.

„Бев на одмор, кој си го платив преку рекламирање, но тоа беше оценето како неморално. Како да го имаат ова ново правило – ако одите во Дубаи, сте им дале право на медиумите некако да ве категоризираат“.

Таквиот начин на известување ја натера Кодра да ги напушти социјалните мрежи и да ја смени кариерата.

„Не знам што згрешив, но чувствував неверојатен притисок“, изјави таа за БИРН.

„Моите родители сѐ уште се во шок. Решив да ја сменам професијата. Емотивно е неподносливо“, рече Кодра.

„Не разбирам како медиумите имаат право да пишуваат што сакаат без да се потпираат на какви било информации или индиции“.

Valbona Bezati