Регион

САД: Пресуда за помагање на ИСИС

Вашингтон. Photo ; Anna Lowe , Pexels

Њујорчанецот Мирсад Кандиќ (40), роден во Косово, се соочува со доживотен затвор затоа што станал борец на ИСИС, регрутирал други борци и обезбедувал оружје, опрема и разузнавачки информации за ИСИС, објави во средата американското Министерство за правда.

„Кандиќ се соочува со максимална казна доживотен затвор по двете точки од обвинението за кои е можна и смртна казна, и 20 години затвор за секое од другите четири обвиненија“, се вели во соопштението за печатот.

Федералната порота во Бруклин, во вторникот пресуди дека е виновен по една точка од обвинението, за заговор за давање материјална поддршка на ИСИС и пет други точки: за обезбедување материјална поддршка на ИСИС во форма на персонал, меѓу кој е и тој, како и услуги, оружје, имот, опрема, лажна документација и идентификација. Сево ова во период меѓу јануари 2013 и јуни 2017 година, кога обвинетиот беше уапсен во Сараево.

Кандиќ е роден во Косово, во 1981 година, а подоцна се преселил во Бронкс и Бруклин во САД.

Тој ги напуштил САД во 2013 година и отпатувал во Турција за да се приклучи на Исламската држава. Оттаму, тој регрутирал поединци од САД, Велика Британија, Австралија и други места за да патуваат на територијата контролирана од ИСИС во Сирија и во Ирак и да се борат.

Пред неговата екстрадиција во 2017 година, Кандиќ беше уапсен од босанските власти во областа Грбавица во Сараево, каде што се криел под името Радончиќ и наводно поседувал лажна лична карта издадена во Црна Гора.

Sasa Dragojlo