Цените на становите во најатрактивните општини вртоглаво растат, а речиси половина од купопродажбите се во готовина, откри неодамна гувернерот Трајко Славески – што отвори сомнежи дека недвижностите сè почесто се купуваат како инвестиција, а не за домување, што ја крева цената.
Во исто време, Агенцијата за катастар, со години, не го објавува регистарот на цени за купување и наем, иако тоа е законска обврска. Тој треба да биде алатка со која ќе се овозможат реални податоци врз кои ќе можат да се креираат политики. По средбата со Славески, директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски најави дека регистарот наскоро ќе биде достапен.
Во интервју за БИРН, тој објаснува дека, сепак, нема да ја прикаже вистинската цена што се плаќа во моментов, бидејќи се темели на стари преддоговори, кога цените беа далеку пониски.
Со него зборувавме и за обврските на Катастарот во врска со легализацијата на дивоградбите – прашање што пред години го отворија новинарите, а неодамна повторно го актуализираше градоначалничката на Скопје во заминување, Данела Арсовска.
БИРН: Господине Живковски, врз основа на кои документи и од кои институции, Агенцијата за катастар го прави регистарот за цените на недвижности?
Живковски: Институцијата ги добива преддоговорите, договорите, хипотеките од професионалните корисници, како што се општините, Градот Скопје, нотарите, извршителите, геодетите…
Во конкретниот случај, договорите за купопродажба ни стигаат во електронска форма од нотарите, кои ги заверуваат сите работи поврзани со недвижностите. Тие при доставувањето на целокупната документација ни праќаат и изјава за самиот промет на недвижноста, односно за износот на купопродажбата.
Потоа ние ги преработуваме тие податоци, ги анализираме, по што би требало да излезе регистарот за цените на недвижностите.
На ист начин ги добиваме и цените за закупнините. Законска обврска е кога ќе се склучи договор за закуп тоа да се прибележи и во имотниот лист на имотот што се дава под закупнина, а во самиот договор за закуп да е наведен месечниот наем.
Иако сум свесен за сивата економија, која се провлекува 35 години и сите не склучуваат договори за закуп, сепак, ќе имаме некаква слика оти закупот на деловни објекти, или на странски претставништва и на странци мора да биде врз основа на склучен договор бидејќи им е потребно за да го регулираат престојот во Македонија и немаат можност за манипулација на системот.
БИРН: Кога може да се очекува објавување на регистарот и дали со него ќе се дознаат реалните цени на недвижностите во моментов?
Живковски: Ние веќе имаме подготвен извештај за првиот квартал од годинава, кој деновиве ќе го објавиме, а наскоро подоцна и самиот регистар.
Но, сакам да укажам на некои работи. Во последниве 18 месеци има скок на цените на недвижности за 50 отсто, а во некои случаи и повеќе во однос на претходниот период.
Меѓутоа, кај новите станови, договорот што ние го имаме за овој период од годинава, е последица на преддоговор склучен пред две, три или четири години. Значи, сега во катастарот ни доаѓаат за упис згради што почнале да се градат на крајот на 2020/2021 година, зависи од големината на објектот и рокот за изградба.
Во овие случаи, сумата што е ставена во главниот договор е во целост исплатена според она што било договорено кога бил склучен преддоговорот, без оглед дали тој бил врз основа на кредитирање од банка или на парични средства што ги имал купувачот.
А тие суми се многу поразлични од оние што се сега и затоа регистарот не може да ни даде реална слика за цените во моментов. Еве како пример, регистарот ќе ни покаже дека цената за квадрат за стан во Центар, во првиот квартал од 2025 година е 1.600 евра, иако реалната цена знаеме дека е речиси 2.800, 3.000 евра во најлуксузните градби во најатрактивната општина, а во некои случаи и над тоа.
Затоа, во моментов, пред да го објавиме регистарот, работиме на проширување на модулот каде што ќе можеме да ги разграничиме и преддоговорите за градби и ќе биде јасно врз која основа се тие цени.
Периодов ни стигнуваат преддоговори за градби што се сега почнати.
Можеби таа цена, додека дојде зградата за упис ќе биде многу повисока, а можеби ќе се случи и крах на пазарот на недвижности, па цената ќе биде и пониска.
Сегашните преддоговори што ги добиваме, ги покажуваат истите суми што циркулираат на пазарот на недвижнини. Па така, во моментов, врз основа на преддоговорите, цената во центарот на Скопје се движи некаде од 2.400-2.500 евра за квадрат, а во некои случаи достигнува и до 3.000 евра.
БИРН: Новинарски истражувања, а подоцна и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, укажуваа дека згради во Чаир се легализирани врз основа на геодетски елаборати дека се изградени пред законскиот рок, односно 2011 година, иако докажуваа дека почнале да се градат и десетина години подоцна. Вие имате законска можност да ги контролирате геодетите, кои мора да достават елаборат за градбата. Дали откако сте директор сте спровеле некаква контрола како дошло до ова?
Ние, според Законот за катастар за недвижности, само проверуваме дали решението, односно конкретниот правен акт е донесен од надлежен орган. Во случајот со легализациите, надлежен орган е единицата на локална самоуправа.
Ние проверуваме само дали документите имаат печат, штембил, дали се потпишани од градоначалникот и заверени со печатот од општина, потоа дали има соодветност на податоците дека се работи за таа и таа катастарска парцела, дали имаат геодетски елаборат.
Службениците во агенцијата не навлегуваат во содржината на поднесените документи, а истовремено се должни да постапат во рамки на законскиот рок.
За геодетските фирми имаме механизми за контрола. Вршиме редовни и вонредни контроли. Редовните контроли се предвидени на годишно ниво и им се најавени на фирмите, а вонредната контрола најчесто се прави по пријава за сомнително постапување на геодетска фирма.
Ние постапуваме по секоја пријава. Откако сум директор, досега имаме одземено пет-шест овластувања на геодетски фирми, а во оние случаи во кои сметаме дека се работи за потежок облик на прекршок, го известуваме и Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување.
Не можам точно да кажам за кои предмети се работи и дали меѓу нив има геодетски фирми што работеле на спорните случаи во Чаир, но можам да кажам дека секторот за контрола во Агенцијата за катастар работи со полна пареа. Ние се трудиме да бидеме партнери, пред сè, со геодетските фирми затоа што, сепак, тие се тесно поврзани со нас, меѓутоа секој обид за манипулација ќе го казнуваме.