Корупцијата носи несигурност во животите на луѓето. Кога таа владее, воспоставените предвидливи правила не важат, туку важи еден сосема поинаков вредносен систем – неизвесен, недоверлив, непринципиелен, кој се заснова врз позицијата и снаодливоста на актерите во општеството, а не врз правата на граѓаните и обврските на институциите.
Корупцијата предизвикала многумина да се соочат со ситуации во кои не очекувале да се најдат и да решаваат проблеми што немало да ги имаат доколку институциите на системот функционирале подобро.
Понекогаш тоа се одлуки на властите што влијаат врз образованието на нивните деца. Во други случаи се долгогодишни судски процеси или чудни пресуди. Во трети е тешката одлука да се прифати или да се одбие понудата да се даде незаконски подарок во замена за лекувањето на некој близок. А сè почести се и случаите кога на луѓето им се загрозува непосредната животна околина со исполнувањето нечии желби за градење во нивното соседство.
Наставниот кадар како потрошен материјал
Законските одредби, според кои, наставниците во основното образование се вработуваат на определено време и треба долго да чекаат за да го трансформираат своето вработување во трајно, го прави овој кадар подложен на притисоци, а секторот подложен на партиски вработувања.
За партиското влијание врз наставниците се зборуваше и во „бомбите“ на СДСМ од пред пет години, каде што се тврди дека поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, со своите соговорници објаснува дека кадарот примен во училиштата во времето на ВМРО-ДПМНЕ треба да се оддолжи за да може да си ги задржи работните места.
„Кај сите учителки завртете, кол-центарот, со следнава насока: Ви благодариме што излеговте на гласање. Ве молиме за конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Центар да обезбедите уште еден глас за ВМРО-ДПМНЕ“, се слуша во еден од разговорите, за кој беше речено дека е меѓу Јанакиески и претседателката на Советот на град Скопје, Ирена Мишева.
Нема информации дали некој го загубил работното место затоа што не ја исполнил оваа партиска наредба, но често има информации за родители што протестираат затоа што под нејасни околности биле заменети наставниците на нивните деца, вработени на определено време.
Тоа се случуваше во училиштето „11 Октомври“, во скопската Општина Центар во 2015 година, во охридската гимназија и во неколку основни училишта во Општина Охрид во 2017, како и во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров во 2018 година.
Овие реакции обично не успеваат. На пример, во „Димитар Поп Георгиев Беровски“ биле примени други наставници наместо тие на кои им истекле договорите, и наставата продолжила редовно, односно не дошло до бојкот.
Во повеќето случаи, родителите се жалат дека замената на одделенскиот наставник е голем шок за децата, а во дел обвинуваат дека зад нивните отпуштања стои интерес да се вработат партиски кадри. Класично прекршување на законот обично нема, бидејќи станува збор за истекување на договорот за работа, дури и кога тоа значи промена на наставникот среде учебната година.
Несигурноста на работните места и лесната заменливост носи ризик од вметнување неквалитетен кадар во образованието, или од откажување на наставниците од својот интегритет, за да го задржат работното место. На сметка на тоа, учениците може да добијат недоволно квалитетна настава или нееднаков третман во однос на некои соученици, во време кога го градат својот карактер и и системот на вредности. Но, тоа е тема на која обично не се разговара.
БИРН контактираше со четири наставнички од училиштата каде што во изминативе години имало реакции поради замената на кадарот со истечени договори. Ниту анонимно тие не сакаа да коментираат какво влијание имаат договорите на определено време врз сигурноста на наставниот кадар и врз квалитетот на наставата.
Од „Сваровски“ до „ќебап“ судство
„За украдени ќебапи затвор, а за украдени милиони ништо“. Оваа реченица стана вообичаена во изминативе години меѓу граѓаните, кога укажуваат на нееднаков третман на странките пред судовите.
Случајот со кражбата на 150 ќебапи, за која еден велешанец во 2015 година беше осуден на три години затвор, подоцна се покажа дека не бил толку едноставен колку што се прикажува. Сепак, станувало збор за лице што и претходно извршувало кривични дела и многу фактори биле земени предвид при пресудата. Но, тоа не го менува податокот дека се бројни случаите со предизвикани милионски штети за кои нема разрешница.
Еден од рекордните примери за ова е судењето против поранешниот директор на стоковите резерви, Ванчо Пеловски, и поранешниот сопственик на компанијата „Рудине“, Димитар Марковски, кои се товарат дека ја оштетиле државата за 20 милиони евра преку продажба на смрзнато месо. Според обвинението, делото го сториле меѓу 1999 и 2002 година. Тоа било поднесено во 2005, а судењето почнало во 2007 година и сè уште трае, веќе 14-та година. Предметот сега е кај судијката Оља Ристова.
Зошто во еден предмет за кој постојат документирани траги што и кога се случувало е толку тешко да се донесе пресуда дали обвинетите се виновни?
„Најмногу се одложувале рочиштата поради недоаѓање на обвинителот, не знам од кои причини бидејќи јас го наследив предметот. Од минатата година почна да доаѓа, но тогаш еден од обвинетите беше болен, сепак станува збор за повозрасни лица. Пак продолживме од почетокот на годинава, но се случи пандемијата со корона вирусот. Кога ќе заврши ова, ќе продолжиме и верувам дека ќе завршиме за кратко време бидејќи веќе нема причини за одложување“, вели судијката Ристова.
Сепак, се поставува прашањето кога такво одолжување е можно за лица што се од понизок ешалон на власта, тогаш како поминуваат оние од владиниот врв што се осомничени или обвинети за кривични дела?
Истражувањето на БИРН утврди дека во изминативе 20 години имало речиси 90 членови на Владата против кои била поднесена кривична пријава, но само двајца завршиле во затвор, од кои само еден за проневера на државни пари.
Сево ова кај граѓаните го засилува впечатокот дека божицата на правдата ѕирка под превезот за да види кој стои пред неа и да одлучи како да суди.
Наместо еден, 16 соседи
Корупцијата често не е директно прекршување на правилата, туку нивно кроење според интересот на малкумина наспроти поширокиот интерес. Во Македонија, особено во Скопје, ова стана највидливо во урбанистичкото планирање.
Голем број згради се изградија врз поранешни јавни или зелени површини, или среде области со семејни куќи. Во многу случаи, локалните жители реагирале дека тоа им ја загрозува животната средина и квалитетот на животот поради зголемената фреквенција на луѓе и автомобили, бучава, оптовареност на инфраструктурата и аерозагадување. Но, речиси секогаш општините и инвеститорите го имаат истиот аргумент – градбата е согласно планот и законот.
Како се направил тој план и закон, пак, е сосема друго прашање. Кога треба да се оствари нечиј интерес, планерите знаат да бидат флексибилни, но, сепак, да останат во рамките на правилата. На пример, кога треба да се направи зграда во зона на куќи, како во еден случај во скопската населба Пржино.
Законот дозволува една куќа да има најмногу четири нивоа и во неа да живеат до четири домаќинства. Тоа трансформираше многу населби со куќи во населби со мали згради од по четири ката, со поголема основа на градбата, а на сметка на тоа со многу помалку зеленило во дворовите.
Во случајот со Пржино, пак, еден сопственик на стара куќа, во една слепа улица не добил една, туку четири градежни маркички за куќи на неговиот имот. Теоретски планот му овозможува да направи четири куќи, односно 16 стана во улица каде што живеат вкупно 17 семејства и која веќе има проблем со оптовареност на инфраструктурата. Никој друг не добил таква привилегија, само тој. Сите други во планскиот опфат имаат по една, најмногу две маркички.
Жителите се организираа да ја спречат градбата, но од општината одговараа дека законски не можат да сторат ништо. Сопственикот објаснуваше дека, пред сè, сакал да обезбеди станови за своето пошироко семејство.
Сепак, соседите успеале со жалба до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски да го поништат одобрението за градба што тој го добил од општината.
„Ние укажавме на пренаселеност, проблеми со оптовареност на инфраструктурата, а комисијата најде неправилности и кај градежната линија, нивелацијата, решението за паркирање и друго“, вели Дарко Милановски, еден од жителите.
Ова е редок пример во кој успеала една граѓанска иницијатива против градба. Многу почесто, гласот на граѓаните се затрупува во темелите на висококатниците во Аеродром, Карпош, Центар и во други општини.
Од сто грама кафе до полн паричник
Здравството, заедно со судството, од македонските граѓани е гледано како област со најмногу корупција. Граѓаните не можат сами да ја видат корупцијата во набавките на медицинска опрема, големите тендери за изградба на здравствени објекти, или во ограничената конкуренција во набавката на лекови како бизнис што го контролира мала група големи компании. Во сите тие активности постои ризик од корупција, но обичниот пациент е најдиректно погоден од она што е најраспространето – ситната корупција или барањето и примањето мито.
Поранешниот заменик-министер за здравство, Асим Муса, помина само со оставка откако албанската телевизија Клан го сними како прима мито за да помогне на пациент од Албанија да се лекува во Македонија. Потоа беше и „казнет“ со нова позиција во јавното здравство – доктор на Клиниката за урологија.
Имало и други лекари и медицински персонал, кои поминале малку потешко, со условни казни за барање поткуп од пациенти за да ги излекуваат. Меѓу нив и анестезиолог од Битола, кој барал 15 илјади евра од едно семејство за да го одржи во живот нивниот син, кој бил донесен во болницата како итен случај, а потоа починал. Осум години траела постапката против него. Анестезиологот добил условна осуда, а семејството право да бара отштета пред граѓански суд.
Како е можно одредени здравствени работници толку слободно да си дозволуваат да бараат поткуп, дури кога се на високи државни позиции, како Асим Муса, или кога станува збор за животот на пациентот, како битолскиот анестезиолог?
Поранешниот член на Државната комисија за спречување на корупцијата, Драган Малиновски вели дека делумно причините треба да се бараат во распространетата традиција да се носат подароци на здравствениот персонал. Како што објаснува тој, многу луѓе сакаат да ги почестат лекарите или сестрите зашто им решиле здравствен проблем.
Но, кога здравствените работници ќе се навикнат да примаат повеќе, поединци меѓу нив ќе се охрабрат да побараат уште повеќе. И само кога сумата ќе стане поголема, по некој граѓанин ќе се охрабри да пријави.
„Во некои случаи, граѓаните може да одбијат да дадат мито дури и ако тоа значи дека нема да добијат услуга, на пример ако администрацијата не им го решава нивниот имотно-правен предмет. Но, кога станува збор за здравјето, тоа е егзистенцијално прашање од кое не можат да се откажат и затоа тука прагот е понизок“, вели Малиновски.
Еден понудувач и во редовна и во вонредна состојба
Кај јавните набавки важи едноставното правило – колку повеќе понудувачи ќе се јават, толку подобра понуда може да се добие. Но, и покрај тоа што во земјава се регистирани околу 76.000 компании во голем број различни дејности, сè уште има тендери на кои се јавува само една од нив и успева скапо да наплати некој производ. И тоа не се исклучоци. На дури 32 отсто од тендерите во 2018 година се пријавил само еден понудувач.
Набавките со еден понудувач влегоа во фокусот во изминатиов период откако трае вонредната состојба за справувањето со кризата поради корона вирусот и потребата од итност. Центарот за граѓански комуникации, кој ги следи јавните набавки, забележал дека од почетокот на март до 20 април, 44 отсто од итните договори на здравствените институции биле со по една понуда, поради што се плаќале и цени повисоки од пазарните.
Сепак, тој процент не е драстично поголем од оној во редовна состојба. А примери за тоа колкава разлика прави отсуството на конкуренција во набавките има многу. Во анализа на рационалноста на набавките од пред две години, Центарот забележал дека детските градинки купувале кломпи за вработените со слични карактеристики во однос на составот и на материјалите (говедска кожа и дрвен ѓон), но со разлика во цената од 1 спрема 3. Така градинката „25 Мај“ во Гази Баба платила 718 денари по чифт, а „Буба Мара“ во Аеродром 2.183 денари, или трипати повеќе. Како било можно тоа? Така што градинката од Гази Баба добила три понуди на тендерот, а таа од Аеродром само една.
Тендерите со една понуда може да бидат случајност, или резултат на недоволното залагање на институцијата да обезбеди конкуренција. Но, тие секогаш го вклучуваат алармот за корупција поради веќе докажаните пракси на местење преку фаворизирање. Тоа се прави преку вметнување услови во тендерската документација, преку која однапред се знае дека само една фирма ќе ги исполни.
Некои од тие случаи станаа познати, како „Тенк“ или „Секјуриком“, но понекогаш фаворизирањето поминува со помал одек во јавноста и без институционална разрешница.