Истражувањa

Дамки врз тендерот за чистење на Владата

Десетмилионскиот тендер за чистење на Владата бил спроведен на начин со кој се елиминира конкуренцијата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Веќе 14 години, фирмата „Секјуриком“ е задолжена да ги чисти Владата и поголем дел од министерствата, односно оваа фирма од 2002 година, кога го склучила првиот договор со државава, па наваму, ги добива владините тендери за хигиена и за одржување.

БИРН, преку ланскиот десетмилионски тендер, го истражуваше начинот на кој „Секјуриком“ станува непобедлива фирма, практика што фрла сомнеж дека тендерите се „цртаат“ во корист на одредени компании.

Истражувањето нѐ води кон заклучокот дека Владата ѝ овозможила на „Секјуриком“ да се појави како три различни компании на тендерската анкета, само за да се создаде привид дека на пазарот има повеќе од пет фирми способни за обемни работи, сè со цел да не се дели тендерот и со тоа да се намалат шансите на помалите конкуренти.

Дел од бизнисмените се незадоволни како се спровел тендерот, меѓутоа се претпазливи и јавно не говорат.

„Денес може да те снема од бизнисот, ако проговориш“, велат тие.

Сами на себе си глумеле конкуренција

На 1 јули 2015 година, Службата за општи и заеднички работи на Владата ги известила фирмите што одржуваат хигиена дека подготвува тендер, ги запознала со условите и побарала компаниите да ѝ кажат дали се способни да ја извршат задачата, така како што е замислена и следствено на тоа да учествуваат на тендерот, зголемувајќи ја конкуренцијата.

Уште во овој прв чекор, пред објавување на тендерот, има најблагоречено недоследности.

Владината служба известила осум компании, меѓутоа испуштила да информира неколку сериозни фирми кои со години работат во бизнисот за чистење, а некои од нив имаат и искуство чистејќи државни институции.

На прашањата на БИРН зошто тие не се информирани и според кои критериуми се избрани фирмите вклучени во анкетата, од владината служба одговорија:

„Извршивме анализа на пазарот согласно член 36-а, став 2, алинеја 3 од Законот за јавни набавки“.

Понатаму, истиот 1 јули и наредните два дена, седум од осумте информирани компании одговориле дека можат да ги извршат сите задачи што се поставуваат со тендерот, односно да ги чистат, одржуваат и да ги обезбедуваат сите владини и просториите на другите министерства, што на хартија значи дека имало доволно конкуренција на пазарот и дека тендерот не треба да се дели или да поминува на оценување кај Советот за јавни набавки.

Законот за овој вид тендери предвидува повеќе од пет фирми позитивно да се изјаснат на анкетата.

Само еден поглед врз компаниите открива дека дури три од седумте фирми му припаѓаат на ист сопственик, односно на газдата што стои зад фирмата победник на тендерот, „Секјуриком мултисервис интернационал“.

Тоа е австрискиот бизнисмен Волфганг Гампер.

Дополнително, една од трите фирми на Гампер, која се изјаснила дека е во можност да ги исполни задачите, има само тројца вработени, иако минимум услов за некоја фирма да учествува на тендерот е да има најмалку 571 вработен.

Сопственикот и управител на „Секјуриком“, Австриецот Волфганг Гампер, за БИРН вели дека не е спорно тоа што некој во Македонија има повеќе фирми и оти треба Владата да се праша зошто ги анкетирала сите три негови компании при подготвувањето на тендерот.

„Анализата се врши на економски оператори, а не на сопственици“, кусо одговорија од владината служба.

Тендерот – трка со еден натпреварувач

Фирмата дошла во Македонија во 2001 година

Фирмата дошла во Македонија во 2001 година

Анкетата траела три дена, по што владината служба го објавила тендерот.

Подоцна, на наддавањето се појавила само една од фирмите на „Секјуриком“, но не и нејзините други две компании, ниту, пак, другите четири што се изјасниле дека се во можност да ги извршат зададените задачи.

„Секјуриком“, всушност, на тендерот немала со кого да се наддава, дала понуда пониска само за 16 денари од проценетата вредност, го добила договорот и до 2018 година ќе ги опслужува Владата и министерствата за цена од 10,7 милиони евра.

Пред да објави тендер, Владата треба да го истражи пазарот, односно да се увери дека има доволно фирми во Македонија или во странство што може да ја завршат работата така како што ја замислила, за потоа повеќе компании да си конкурираат со цените.

Доколку нема доволно компании што може да си конкурираат, тогаш се подразбира дека Владата треба поинаку да го осмисли тендерот, да го подели на региони, периоди или на дејности, со што ќе го намали обемот на работа и ќе привлече повеќе помали компании да конкурираат на различни делови од тендерот.

Исклучок се специфични работи што не можат да се поделат или поинаку да се осмислат, и во таков случај, доколку нема конкуренција, стручниот тим на независниот Совет за јавни набавки го има последниот збор.

Меѓутоа, при процедурата за ланскиот тендер за чистење на Владата, овие услови биле исполнети на креативен начин.

Останува отворено прашањето зошто се вложиле толкави „напори“ да не се менува тендерот, ниту, пак, да не се дели, особено ако се земе предвид дека помали јавни набавки за чистење, како онаа на Министерството за внатрешни работи од 2013 година, е поделена на неколку региони во Македонија.

Владата им должи 2,5 милиони евра
Сопственикот на „Секјуриком“, Волфганг Гампер, за БИРН изјави дека во овој период додека соработувале со Владата, нивните цени паѓале, иако трошоците им растеле.
Невладината Центар за граѓански комуникации, во ноември 2012 година објави споредба за тоа колку институциите плаќаат за одржување хигиена во внатрешните работни простории по квадратен метар.
Ако просекот бил 49 денари, Советот за радиодифузија за оваа услуга плаќал 24 денари, додека владината служба на „Секјуриком“ му плаќала дури 61 денар, или за четвртина повеќе од просечната цена што ја пресметал Центарот.
Со ланскиот договор, владината служба му плаќа помалку на „Секјуриком“, и тоа 47,7 денари.
Волфганг Гампер, меѓу другото, се пожали и дека во изминативе пет до шест години, Владата постојано му должи 2,5 милиони евра, долг кој во еден момент бил и три милиони евра.

Невообичаено е тоа што владината служба барала само една компанија што ќе чисти, тековно ќе ги одржува сите тие простории, ќе ги обезбедува и она што е најчудно ќе нуди дактилографски, стенографски и секретарски услуги.

Како за илустрација, владината служба барала фирма што ќе има минимум 300 лица за одржување на хигиената, 150 лица за обезбедување на објекти, 70 лица за тековно одржување, 13 дактилографки, 30 лица раководен персонал и четири секретарки.

Единствената компанија во Македонија што самостојно може да ги понуди сите овие услуги е „Секјуриком“.

На нашето прашање зошто тендерот не бил поделен, од владината служба ни одговорија дека постапката била транспарентна, направиле истражување на пазарот и организирале технички дијалог на кој фирмите што имале забелешки можеле да реагираат на сите недоследности.

Покрај сите овие отворени дилеми, прашање е и зошто ниту една од другите фирми, оние што не се во сопственост на „Секјуриком“, не се јавила на тендерот. Една од нив е подизведувач на австриската фирма, и помага токму во чистењето на владините згради.

Првиот дил на „Секјуриком“ е со владата на Љубчо Георгиевски

„Секјуриком“ дошла во Македонија на почетокот на 2001 година, а наредната година на 31 август потпишала десетгодишен договор со Владата за чистење, и тоа само месец и пол пред изборите на кои ВМРО-ДПМНЕ ја препушти власта на СДСМ.

Со оглед дека во изминативе 14 години, токму „Секјуриком“ ги извршувала овие задачи во Владата, оној што ќе го добиел ланскиот тендер, покрај тоа што требало да пријави минимум 571 вработен, подоцна, со потпишувањето на договорот ќе требало да преземе уште 210 работници токму од „Секјуриком“, уште еден услов што ја става оваа компанија во предност наспроти другите.

Mалата или никаква конкуренција се должи и на суптилното фаворизирање на одредени фирми или брендови

Mалата или никаква конкуренција се должи и на суптилното фаворизирање на одредени фирми или брендови

Австриецот Волфганг Гампер, сопственик на „Секјуриком“, нема вработени во Австрија и целиот негов бизнис во моментов почива врз активностите во Македонија, иако во последно време компанијата, како што вели тој за БИРН, се обидува да се пробие на пазарите во Србија, Косово и во Албанија.

Во Македонија дошол во 2001 година, уште пред да го склучи договорот со Владата и прво со „Секјуриком“ влегол во скопскиот Тутунски комбинат, како резултат на добрата соработка што ја имал со словенечкиот комбинат „Тобачна“.

Денес, покрај со Владата, соработува и со неколку големи приватни компании во Македонија.

Европа постојано критикува дека нема доволно конкуренција на тендерите во Македонија и тоа го повторува последните неколку години. Нејзините наоди ги потврдува и истражувањето на невладината Центар за граѓански комуникации, според кое, на секој четврт тендер се јавила само по една фирма-понудувач.

Центарот следел 60 тендери на државно ниво во втората половина од 2015 година.

Покрај низата административни пречки, малата или никаква конкуренција се должи и на суптилното фаворизирање на одредени фирми или брендови, кога уште од самиот старт може да се насети победникот на тендерот, поради специфичните услови поставени во самиот оглас.