Регион

Жртва на воено силување од Косово, побара од Конгресот на САД, да се заложи за правда

Атифете Јахјага, Пол Вилијамс, Илир Битиќи и Васвије Битиќи-Фудман, сведочеа пред Претставничкиот дом на САД. Фото: БИРН

Васвије Красниќи-Гудман, една од првите жени во Косово што јавно проговоре дека во војната била жртва на силување, сведочеше пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД во Вашингтон, при што нагласи дека САД треба да извршат притисок, со цел жртвите на воени злосторства да добијат правда.

Во емотивното сведочење на расправата пред Комисијата, насловена како „Косовските жртви на војната: Потрага по правда”, Красниќи-Гудман, изјави дека таа имала 16 години кога во нејзиното село во 1999 година ја силувале српски полицајци.

„(Потоа) плачев без контрола, го молев да ме убие. Не, рече тој, нема, бидејќи вака ќе страдаш повеќе. Тој беше во право, страдав“, нагласи таа.

Во своето обраќање истакна оти сè што сака е правда.

„Нема да се помирам со моето минато, сѐ додека правдата не биде задоволена. Затоа, денека, ги повикувам претставниците на Конгресот на САД, да се осврнат на неказнувањето на воените злосторства и злоупотреби, преземајќи итни мерки со кои ќе побараат правда за преживеаните“, изјави таа.

Косовската амбасадорка во Вашингтон, Влора Читаку, истакна оти сведочењето на Красниќи Гудман имало огромно емотивно влијание врз присутните членови на Конгресот на САД.

„Во просторијата владееше тишина и солзи“, напиша Читаку на Твитер.

На расправата пред Комисијата, за својата борба за правда, сведочеше и Илир Битиќи, Американец од албанско потекло, чии тројца браќа, во 1999 година, по завршувањето на војната во Косово, беа убиени, откако претходно беа уапсени од српската полиција.

Битиќи ги обвини српските власти дека ги штитат убијците.

„Претседателот Вучиќ ги штити криминалците кои ги убија моите браќа”, нагласи тој.

Посмртните останки на неговите браќа беа пронајдени во полицискиот центар за обука во Петрово село, Србија. Српските власти отворија истрага за овој случај во 2002 година, но досега не е поднесено ниту едно обвинение.

Претседавачот на Комисијата, конгресменот Елиот Енгл, изјави оти тој, во својата канцеларија, два пати му бил домаќин на Вучиќ и оти и во двете пригоди српскиот претседател му ветил оти ќе вложи напори да се реши сучајот на браќата Битиќи, но дека досега не е постигнат никаков напредок.

„Ова значи дека неговите зборови апсолутно не значат ништо“, нагласи Енгл.

Пред комисијата се дискутираше и за новите Специјализирани совети на Косово, со седиште во Хаг, кои, според очекувањата, ќе им судат на поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК, за воени и повоени злосторства.

Пол Вилијамс, професор по право и меѓународни односи на Колеџот за право во Вашингтон, шпекулираше за можноста, јурисдикцијата на таканаречениот специјален суд, да биде проширена и на Србите одговорни за силувања и сексуални напади, извршени за време на војната.

„Ниту едно од обвиненијата за сторителите на српскиот режим, не вклучуваше обвиненија за силување или сексуално насилство како самостојно злосторство. Само шест сторители на српскиот режим беа осудени од страна на Трибуналот на ООН за Југославија“, нагласи Вилијамс.

Тој истакна оти гонењето на сексуалното насилство извршено за време на војната треба да има специфичен фокус на судот.

„Овој суд има најсовремена заштита на сведоци, што го прави идеален за судење на сексуални злосторства поврзани со конфликот“, додаде тој.

Поранешната косовска претседателка, Атифете Јахјага, на расправата изјави дека употребата на силувањето како оружје на војната, имало трајни последици врз жртвите и заедниците.

„Запознав стотици жени што преживеале сексуално насилство. Нивното стравотно искуство е сé уште живо. Тие сé уште страдаат од телесни повреди и тешко ПТСН“, рече Јахјага, која, додека беше на функција, се залагаше за правата на жртвите на силување.