Регион

Жртвите на експлозии на мини, живеат тежок живот

Повеќе од 200 лица во Албанија, биле повредени во експлозии на нагазни мини,што српските сили ги поставиле на границата со Косово

За Шаќир Колоши, жител на планинското село Белес, лоцирано во североисточна Албанија, во близина на границата со Косово, движењето е секојдневна борба, поради неговиот инвалидитет.

Имено, во 1999 година, Колоши бил сериозно повреден во експлозија на мина поставена на границата. Левата нога му е ампутирана под коленото, како и половина од десното стопало. Оди тешко, со помош на две патерици и сам си ги поправа протезите, за да може да биде подвижен.

Ова го прави повеќе од три години, со помош на метални плочи, железо, дрво и кожа, но неговото здравје се влошува.

„Одењето ми е сѐ потешко. Се плашам дека нозете ми се инфицирани, затоа што ме боли кога носам протези“, вели Колоши за БИРН.

Тој е само едно од стотиците лица, кои останаа инвалиди во експлозии на мини, поставени од југословенските сили, за време на војната во Косово во 1999 година, во пограничната област помеѓу Албанија и Косово, каде меѓу општините Кукс, Хас и Тропоја, се наоѓаат 30 села.

Откако НАТО, во март 1999 година, започна со бомбардирањето на Југославија, кое имаше за цел да го принуди Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз косовските Албанци и да ги повлече своите сили од Косово, пограничното подрачје со Албанија, беше систематски целено со артилериски оган од страна на Војската на Југославија (ВЈ), а се случуваа и напади на српските паравоени сили, на албанска територија.

Над 3.350 гранати биле фрлени во пограничната област и биле поставени голем број противпешадиски мини, што резултирало со постоење на бројни неексплодирани убојни средства. По завршувањето на војната во Косово, во јуни 1999 година, била потребна една деценија, деминерите да го исчистат ова подрачје.

По војната, во експлозија на мина биле повредени 268 лица, а 34 го загубиле животот. Од повредените, 12 го загубиле видот, 54 биле тешко ранети, а 168 добиле други повреди. Најмногу луѓе биле повредени во областа Тропоја – 140, потоа во Хас – 88 и во областа Кукс – 40.

Кошмарот со кој се соочуваат жртвите на мините поставени од српските сили, трае и денес, бидејќи во овие области здравствените услуги се минимални, а жртвите не можат да добијат ниту здравствена нега, ниту рехабилитација, кои им се потребни за некаков нормален живот.

„Половина од мојата пензија оди на лекови“

Фото: Валери Плеш

Пограничните области Кукс, Хас и Тропоја, имаат силна врска со војната во Косово. Имено, за време на конфликтот, локалните жители ја поддржувале Ослободителната војска на Косово (ОВК), и многу куќи биле претворени во засолништа или штабови на ОВК.

Во областа Кукс, припадниците на ОВК наводно држеле затвореници во импровизирани затвори, што денес е во фокусот на обвиненијата подигнати пред Специјалниот суд за воени злосторства.

Од друга страна, жителите на овие погранични села продолжуваат да се соочуваат со последиците од војната во 1999 година.

Така, во малото село Добруне, во општина Хас, кое се наоѓа веднаш преку границата, од другата страна на Ѓаковица, 22 момчиња и девојчиња биле повредени во експлозија на мини, а три лица го загубиле животот.

Во куќата на Соса Мулај, за време на војната, престојувале десетици борци на ОВК. По војната, таа почнала да се грижи за нејзиниот син Кораб, кој ги загубил рацете и се здобил со повреди на окото, во експлозија на мина во близина на селото.

Со солзи во очите, Мулај раскажува за експлозијата, во која во јуни 2000 година, Кораб бил повреден, додека го чувал добитокот. Имал 18 години и се подготвувал за матура, но инцидентот му ја уништил иднината.

Мулај истакнува дека Кораб го спасиле косовски Албанци кои собирале дрва во шумата, кои го однеле во болницата во Ѓаковица. Потоа, силите на НАТО стационирани во Косово, со хеликоптер го префрлиле во болница во Приштина, каде се лекувал шест месеци.

Денес Кораб има 39 години, татко е на две деца и живее со инвалиднина од 18.000 леки (146 евра) месечно. Неговата мајка е разочарана, како што самата вели, од недостигот на правда за воените злосторства извршени од силите на Милошевиќ.

„Меѓународната заедница и судот на ООН во Хаг, не судат праведно. Му реков на сопругот да го земе нашиот осакатен син, заедно со уште 22 други момчиња и други деца од Добруне, да оди во Хаг, да протестира пред судот и да им каже: „Дали гледате како Србите се однесуваа со нашите деца?“, нагласува таа.

Кадри Мула, 58, бил војник во албанската армија, кога згазнал на мина додека патролирал на границата. Неговата задача била да ги предупредува воените бегалци од Косово, да не влегуваат во минираната област, но на 18 јуни 1999 година, тој самиот стапнал на мина.

„Додека патролирав на граничната линија, згазнав мина и бев повреден во двете нозе. Ме однесоа во (најблискиот град) Крума, каде ми дадоа прва помош во градската џамија, каде што беше поставена полска болница за припадниците на ОВК“, вели Мула.

Потоа со хеликоптер бил префрлен во Тирана. Тој бил во кома 48 часа, но преживеал. Сепак, експлозијата му предизвикала и други здравствени проблеми, па денес тој страда од дијабетес и Паркинсонова болест.

„Добивам пензија од 17.000 леки (138 евра) и половина од тоа оди на лекови“, нагласува Мула за БИРН.

Косовските власти, на некои жители на Хас, им доделиле статус на ветерани или воени инвалиди на ОВК, давајќи им можност да добијат одредени бенефиции, како признание за нивната помош во вооружената борба на ОВК.

Сепак, Зоје Хоти, сопруга на денес покојниот Хисни Хоти, кој најпрво бил ранет од српски снајперист, а потоа бил сериозно повреден во експлозија на мина, нагласува дека отпатувала во Приштина за да праша дали нејзиниот сопруг има право на статус на воен инвалид, но оти таму, како што истакнува, ѝ барале мито.

„Никогаш не ми дадоа ништо (косовските власти), иако ние, како семејство, чија куќа беше на границата, дадовме свој придонес за време на војната“, објаснува Хоти.

„Инвалидите сами си купуваат протези“

Фадил Шеху, во единицата за протетика, во Кукс. Фото: Баским Шала.

Албанските закони не им даваат посебен статус на жртвите што преживеале експлозија на мина, со што би им се дала можност за поголеми бенефиции во однос на другите инвалидизирани лица.

Изет Адеми од селото Бардоц, лоцирано во регионот на Кукс, ја изгубил ногата во пролетта 1999 година. Денес, тој е член на здружение кое се залага за правата на луѓето кои станале инвалиди како резултат на експлозија на нагазна мина или биле ранети од огнено оружје. Тој за БИРН посочува дека бенефициите што ги добиваат се несоодветни.

„Повеќето луѓе во селото што преживеале експлозија на мина, се соочуваат со големи тешкотии. Претходно, тие добиваа од 9.000 до 11.000 леки (од 73 до 89 евра месечно) од општинскиот фонд за социјална заштита, но овој фонд повеќе не постои“, информира Адеми.

За да им се помогне на лицата со инвалидитет во оваа областа, во 2005 година, во близина на регионалната болница Кукс, е основана единица за протетика, која се финансира со донации од меѓународни организации.

Но, единствениот експерт во единицата, Фадил Шеху, за БИРН вели дека од 2015 година, единицата се соочува со недостиг на средства.

Оваа година на единицата ѝ е доделен буџет од три милиони леки (24.290 евра), што, според Шеху, е „симболична“ сума во однос на цените на квалитетните протези.

„Само една протеза чини околу 1.000 евра. Инвалидите сами си купуваат квалитетни протези, ако можат да си го дозволат тоа, бидејќи квалитетно карбонско стапало чини 1.000 евра“, посочува тој.

Втор проблем е што во Албанија нема специјализирани компании, кои продаваат делови за поправка на протези, што значи дека ако некое лице со инвалидитет ја даде својата протеза на поправка, ќе мора долго да се снаоѓа без своето помагало.

Кадри Мула, од селото Добруне, со месеци чека да му биде вратена протезата.

„Ја испратив протезата на поправка во Кукс, но сè уште е таму, затоа што нема материјал за да се поправи“, вели тој.