Регион

Австриската полиција соопшти дека во Блајбург „не е најавен“ комеморативен собир

Комеморација во Блајбург, во 2017 година. Фото: Framnat.eu.

Овој викенд не се очекува одржување на контроверзниот годишен масовен собир на Хрватите на Лојбашко поле, во близина на австрискиот град Блајбург, соопшти денеска австриската полиција. Овој собир беше откажан и минатата година, поради пандемијата на корона вирусот.

„За викендот не е пријавен собир, ниту од Почесниот блајбуршки вод, кој досега го организираше овој собир“, ја цитираа хрватските медиуми изјавата на портпаролот на полицијата на Корушка, Реинер Дионисио, дадена за Австриската новинска агенција (АПА).

Тој најави дека полицијата, сепак, во сабота, ќе биде „присутна на лице место“. Тој, исто така, посочи дека секој што ќе влезе од Хрватска во Австрија, ќе мора да оди во карантин, поради изречените мерки со цел спречување на ширењето на корона вирусот.

Сепак, според него, се очекува во сабота противниците на годишните митинзи да одржат протест во центарот на Блајбург.

Сo oвие собири, се одбележува годишнината од страдањето на десетици илјади хрватски пронацистички усташки војници и цивили, кои беа убиени во 1945 година од партизаните.

Но, комеморациите во Блајбург станаа контроверзни, затоа што дел од учесници на тој настан, истакнуваа симболи на усташкото движење, кое во Втората светска војна убиваше Евреи, Срби, Роми и антифашисти. Ова ја натера Австрија да забрани истакнување на одредени усташки симболи.

Минатата година, пратениците во Австрискиот национален совет, долниот дом на парламентот на оваа земја, усвоија резолуција со која се бара забрана за собирот во Блајбург, поради, како што истакнаа, величање на усташкиот режим.

Од друга страна, организаторот на собирот во Блајбург, Почесниот блајбуршки вод, на почетокот на оваа недела објави дека годишнината ќе се одбележи во сабота во Блајбург, на гробиштата во Загреб, Мирогој, и во хрватскиот град Удбина.

Беше речено дека претседателот на хрватското собрание, Гордан Јандроковиќ, ќе присуствува на комеморациите во Мирогој и Удбина, а хрватскиот амбасадор во Австрија, ќе положи венец во Блајбург.

Хрватската радиотелевизија, ХРТ, во живо ќе ги пренесува комеморативниот собир на гробиштата во Загреб и мисата во црквата на хрватските маченици во Удбина.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеологија.

Минатата година, кога комеморацијата во Австрија беше откажана поради пандемијата на корона вирусот, во Сараево се одржа миса за жртвите од Блајбург, што предизвика антифашистички протести на кои се собраа околу 5.000 луѓе.