Анализи

Зоран Ставрески: Министер и кум кому му изгоре државното „ќесе“

Негови поранешни соработници го опишуваат со неколку зборови: Интелегентен и арогантен, понизен пред надредените, суров кон подредените. Но, по серијата прислушувани разговори што ги објави опозицијата, се појави нова, неоткриена верзија на вицепремиерот: искрен опонент на сопствените и владини политики. Граѓаните кои се прашуваат колку лица има тој, се повеќе одбираат да му веруваат исклучиво на „телефонскиот“ Ставрески.

Фото: МИА

„Лицето со црвена вратовска и крената рака е македонскиот министер за финансии.“ Со ваква легенда под фотографијата, Си-ен-ен пред три години им објаснуваше на читателите кој е еден од главните протагонисти на бурните настани од 24 декември 2012 година, познат како „црн понеделник“. Тоа беше денот кога расправата за буџетот за 2013 година заврши со насилно исфрлање на опозициските пратеници од нивниот дом – Парламентот. Ставрески со гестикулации му даваше налог на собраниското обезбедување да ги избрка опозиционерите кои се противат на донесувањето на буџетот.

Да имаше повеќе професионална искреност, Си-ен-ен можеше да го опише и како човек „со широка рака“. Со негов потпис, на таа ТВ-мрежа се свртеа најскапо платените спотови за рекламирање на Македонија – од природните убавини, преку туристичките дестинации, до рајот за странските инвеститори.

Секој што ги гледал тие колоритни спотови, сигурно посакал да дојде во инвестицискиот и финансиски рај на Ставрески. А секој што е сограѓанин на Ставрески, повеќе би сакал да го запознае миграцискиот пекол. Тие два екстрема се парадигма и за човекот со „две лица“, иако многу негови колеги би се обложиле дека ги има и повеќе.

Зоран Ставрески (51), сопруг и татко на една ќерка, од 2006 година е вицепремиер на десничарската Влада на ВМРО-ДПМНЕ задолжен за економски работи, а од 2009 до денес чувар и менаџер на државната каса во семејството од над 2 милиони жители.

Овој економист со магистерски труд „Избор на оптимална монетарна стратегија и инструменти – случајот на Република Македонија“, е еден од ретките кој влезе во Владата без книшка на ВМРО-ДПМНЕ. Но, набрзо доби важен сертификат: Стана кум и го круниса вториот брак на премиерот. Подоцна и официјално беше инкорпориран во партиските органи. На оние кои го прашуваа зошто не ја вратил членската книшка од опозициската СДСМ, лаконски им одговори: „Не ја вратив, зашто жена ми ја испра. Ми беше во задниот џеб од панталоните“.

Јапиевец од нашето маало

Ставрески беше претседавач на Годишните собранија на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд за 2008 година / Фото: Министерство за финансии

Ставрески се наметна кај премиерот исклучиво со имиџ на македонски јапи со американско искуство. По првото вработување во „Автомакедонија“, продолжи како истражувач и директор во Народната банка на Република Македонија (1993-2000). Потоа следи петгодишното искуство во Светска банка – од советник на Извршниот директор во Холандската конституенца, преку консултант, до економист за развојни политики.

Се врати во Македонија во 2006 година, а во САД, како што пишуваа медиумите, остана само неговиот имот – стан во близина на Вашингтон, општината Монгомети во Сојузната држава Мериленд. Токму поради познавањето на политиката и оперативните процедури за пристап до средства од меѓународните финансиски институции, тој стана посакуваниот „далечински управувач“ на премиерот за сите големи задолжувања.

„Македонската економија е оценета како најдобра во регионот и со највисок раст. Македонија е рекордер по привлекување странски инвестиции. Македонија е прва во регионот по индексот на економска слобода. Македонија е прва во Европа и трета во светот во реформите за олеснување на водењето бизнис“, изјавуваше Ставрески во стил на провинциска мис, накитена со ленти „шампиони во сѐ“ .

На забелешките од домашните економисти дека Македонија е лидер во Европа, но според три клучни егзистенцијални параметри – невработеност (30 отсто), нееднаквост (според џини-индексот е социјално најраслоена држава во Европа) и сиромаштија (30 отсто), министерот одговара со други бројки. Дел од нив се постигнати со масовни партиски вработувања во гломазната државна администрација, а уште повеќе со административно бришење на невработените од евиденцијата.

„Во последните години креирани се околу 130.000 работни места. Само во индустријата отворени се нови 30.000 работни места. Невработеноста е на историски најниско ниво од 27,6%. Трендот ќе продолжи и до 2018 невработеноста ќе падне до 22%“, најави Ставрески.

Податоците од Државниот завод за статистика, дека бруто домашниот производ (БДП) во 2014 година се зголемил за 3,8%, тој го прогласи за втор најдобар резултат во Европа.

„Ова е добар показател дека владините политики даваат добри резултати. Ниските даноци, привлекувањето странски инвестиции, капиталните инвестиции во инфраструктурата ќе овозможат трендот на раст да продолжи и во наредниот период, кога стапките на раст на БДП ќе се движат меѓу 4 и 4,5%“, најави министерот за финансии.

Шлагот што тој го стави на многу пропагандни торти, гласи дека и Европа учи од Македонија: „Политиките што ги спроведуваме во Македонија, им се советуваат на сите земји со цел да остварат економски раст, бидејќи според оценките што ги слушаме, состојбите во Европа не се најдобри и европската економија не е во најдобра кондиција“.

Ставрески против Ставрески

Колку лица има Ставрески – се прашуваа граѓаните. Негови поранешни соработници го опишуваат со неколку зборови: Интелигентен и арогантен, понизен пред надредените, суров кон подредените / Фото: Официјална фејсбук страница на Зоран Ставрески

Но, деветгодишниот напор во градењето на Потемкиново село за успешена економија и финансиска стабилност, се распадна за само 15 минути. Толку траеше телефонскиот разговор на Ставрески со министерката за внатрешни работи, кој го слушна целата јавност, откако опозицијата обелодени скандал за незаконски прислушкувани разговори на над 20.000 граѓани. Меѓу прислушкуваните беше и Ставрески.

„Не се издржува, ги дувам приходите вештачки“, „Сѐ повеќе и повеќе должиме“, „Ние не сме нормални“, „Ние сме лудаци“, „Па на дрво ли ги берам парите?“, „Кога нема пари, значи нема пари“, „Трошиме на чоколади, а немаме дома леб“, „Ситуацијата станува неиздржлива“… „Америка да бевме, немаше да издржиме“, „Премиерот изгубил контакт со реалноста“…

Овие изјави, кои покажаа дека главен критичар на министерот Ставрески е економистот Ставрески, следниот ден од владина говорница беа демантирани од вицепремиерот Ставрески: „Македонската економија е во добра состојба и никакво сценарио за банкрот нема да се случи. Државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа, пензиите континуирано се зголемуваат и стапката достигна до 62 отсто, се зголемува социјалната помош, а над 600 милиони евра се издвоени и за земјоделците“.

Колку лица има Ставрески – се прашуваа граѓаните. Негови поранешни соработници го опишуваат со неколку зборови: Интелигентен и арогантен, понизен пред надредените, суров кон подредените.

Едно од многуте лица на Ставрески беше откриено со уште една аудио-снимка во која се слуша неговиот глас: „Орав, тој копиљот од ЕУ (амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав н.з.) тужел, затоа што ИПА средства не ќе се искористеле, а ресорите финансии и екологија биле виновни. Сељак. И второто што ми нудат е буџетска поддршка од 20 милиони евра, замисли, а со тоа сакаат да ми влезат во трезор и да копаат“.

Следеше поважното прашање: Што сака да сокрие Ставрски? Можеби колкав е јавниот долг? Тие податоци со години не се достапни, па економистите се обидуваат да го состават мозаикот преку други податоци достапни на веб-страницата на Министерството за финансии.

Според тие податоци, во 2008 година јавниот долг (по редуцирана дефиниција, а не според таа што е пропишана со Прирачникот на ММФ) изнесувал околу 1,6 милијарди евра или 23% во БДП. Во 2014 година во четвртиот квартал јавниот долг изнесувал речиси 4 милијарди евра, или околу 46% од БДП.

Според овие нецелосни податоци, се забележува дека од доаѓањето на Ставрески во ресорот финансии, јавниот долг е двојно зголемен. Но, во овие податоци не се вклучени достасаните, а неисплатени обврски кон приватниот сектор, кои по дефиниција треба да се дел од буџетскиот дефицит, а со тоа и од долгот. Таа бројка е најчуваната државна тајна: ја знаат само Ставрески, Груевски и евентуално два-тројца службеници во Министерството за финансии.

За илустрација, само долговите на Фондот за здравство кон домашните коминтенти се над 60 милиони евра. Огромни се и доцнењата во исплатите по основа на ДДВ, обрските кон градежни и други компании и социјалните трансфери. Не е искажан и долгот на општините. Во објавените податоци фигурира бројка од само 16 милиони евра, а јавен податок е дека само две општини заедно должат над 50 милиони евра. Не е вклучен ни долгот на јавните претпријатија за кој Владата не дала гаранција, не е вклучен вкупниот долг на компаниите во кои државата има удел од над 50% сопственост, ниту долгот на НБРМ.

Според пресметки на експертите, ако се вклучат сите овие ставки, би се покажало дека јавниот долг изнесува далеку над 50% од БДП. Но, министерот Ставрески досега нема дадено изјава што кореспондира со фактичката состојба во јавните финансии. Неговото продавање илузии подеднакво е насочено и кон домашната и кон меѓународната јавност.

Почеток на крајот

Од започнувањето на изградбата на гасоводот Клековце-Штип / Фото: МИА

Сите овие резултати го враќаат на „црниот понеделник“, ден кој стана почеток кон извесниот крај на неговата министерска кариера. Денес стигнуваат за наплата високите камати токму за неговото инсистирање буџетот за 2013 година да се изгласа во законскиот рок по секоја цена, па дури и по цена опозицијата да биде исфрлена од Парламентот.

„Ако не го изгласавме буџетот и не се обезбедеше негово финансирање со поволни кредити од Светска банка, ќе произлезеа многу последици. Во прашање ќе беше исплатата на пензиите, социјалната помош, субвенциите, обврските кон фирмите, капиталните инвестиции. Второ, ќе се нарушеше имиџот на државата. Ако една држава не може да донесе буџет, тогаш дали е способна да донесе каква било политичка одлука. Тоа е лош сигнал и за странските инвеститори, за меѓународните финансиски институции и за Европската комисија. Со изгласување на буџетот се спречи криза во економијата, но и воопшто – во земјава“, се правдаше Ставрески во 2012.

Неговото тогашно бегање од можни финансиски импликаци, донесе повеќедимензионални проблеми: и финансиски, и социјални, но најмногу политички. Неконтролираното задолжувањето продолжи, избрканата опозицијата ни по ланските избори на влезе во Парламентот со обвинувања дека е направен изборен фалсификат, а Ставрески продолжи да ги шминка резултатите.

Македонија влезе во најголемата политичка криза досега, од која не ќе може да излезе без помош од меѓународната заедница. Во врвот на таа криза, Ставрески се однесува како ништо вонредно да не се случува. Најавува проекти, глорифицира резултати.

Но, граѓаните веќе не обрнуваат внимание на неговите јавни изјави. Трпеливо ја чекаат следната прес-конференција на опозицијата, со нова тура аудио-снимки во која ќе го слушнат неговиот „приватен“ глас. Единствено на „тој“ Ставрески му веруваат. На другиот незапирливо му истече песочниот часовник.