Анализи

Зошто хрватските медиуми им даваат простор на ревизионистите?

Во време на растечки историски ревизионизам во Хрватска, хрватската телевизија и весниците, им отстапуваат време и простор на десничарите, кои ги минимизираат злосторствата извршени од фашистичкиот усташки режим, во Втората светска војна

Свен Милекиќ | Даблин

Во последниве неколку недели, повторно бевме сведоци на отстапување на простор во етерот, на скриени историски ревизионисти, од страна на јавниот хрватски серис, Хрватската радио телевизија, ХРТ.

Минатата недела, за време на претставувањето на „Фестивалот на патриотскиот филм“, посветен на хрватскиот новинар, Горан Ледерер, кој во 1991 година беше убиен од Југословенската народна армија (ЈНА), на организаторите на фестивалот им беше дозволено, во утринската емисија што се емитува на ХРТ, „Добро утро Хрватска” , да претстават многу контроверзни филмови.

Покрај фактот, дека главен организатор на фестивалот е здружението на бранители чиј претседател и основач беше хрватскиот воен злосторник, Томислав Мерчеп, изборот на филмови, симболично, е уште полош.

„Тука е и ‘Митот за Јасеновац’ на Роман Лељак. Мило ми е што и него го вклучивте, тој многу истражуваше за ова, така што ќе биде интересно да се погледнат неговите два филма“, рече возбудено водителката на емисијата, Лилјана Винковиќ, држејќи во рацете печатен примерок на плакатот за овој филм.

„Ние треба да одиме со вистината и крајно време е да престанеме да се делиме на леви и десни и да го прифатиме минатото такво какво што е”, одговори, Смиљан Томашевиќ, еден од организаторите на фестивалот.

Лељак е словенечки самонаречен истражувач на комунистичките злосторства, кој со својот документарен филм и книгата „Мит за Јасеновац”, се обидува целосно да ги искриви историските факти и истражувањата за концентрациониот логор Јасеновац, со кој помеѓу 1941 и 1945 година раководеше усташкото движење.

Во својот филм, со користење на тактиката на избор на нему соодветни документи, што директно в лице им ги сервира на гледачите, Лељак сака да го „деконструира”, како што вели „митот за Јасеновац”, за кој тврди дека го конструирале југословенските комунисти. Тој наведува дека официјалниот список, кој се базира на истражувања, а кој содржи имиња на 83.145 жртви кои настрадале во логорот, во голема мера е преувеличан, во однос на „вистинскиот” број од 1.500 жртви.

Лељак, исто така, тврди дека Јасеновац продолжил да функционира како логор сѐ до 1948 година, и дека под комунистичка управа бил дури и побрутален. Ова е омилена историска заблуда во хрватскиот десничарски паралелен универзум, која наликува на превртениот свет од серијата на Нетфликс, „Stranger things“.

Всушност, за да се види колку е Лељак веродостоен, доволно е да се погледне во неговата лична историја, во кривичните дела за кои тој беше осуден и неговиот контрадикторни изјави.

Но, сето тоа не беше доволно за водителите на ХРТ, кои случајно зборуваа за филмот „Митот за Јасеновац”, во контекст на „патриотските филмови”, иако врската помеѓу минимизирањето меѓу усташките злосторства и патриотизмот, ми избега.

Во истата емисија, водителите презентираа уште еден контроверзен документарец: “Сто години српски терор во Хрватска (Од Караѓорѓевиќ и Прибичевиќ до Вучиќ и Пуповац)”, на кралот на жанрот „алтернативни факти”, Јаков Седлар.

Во филмот, Милорад Пуповац, пратеник на српското малцинство во Хрватска, е прикажан заедно со југословенскиот крал, Александар Караѓорѓевиќ, кој го суспендира собранието и политичките партии и воведе диктатура, и актуелниот српски претседател, Александар Вучиќ, кој е познат по своите разгорувачки говори против Бошњаците во 90-тите години.

Фотошоп на историјата

Насловната страница на „Вјесник“, изменета во фотошоп, во филмот „Јасеновац-вистината“ на Јаков Седлар | Фото: Јутјуб

Филмот на Седлар продолжува да го изнесува истиот аргумент кој тој го користи со години – дека усташкиот режим бил само реакција на бруталната српска репресија врз Хрватите.

Тој експлицитно го тврди ова во својот историски квази-документарен филм „Јасеновац – вистината”, кој, кога премиерно беше прикажан во Загреб во 2016 година, предизвика големо незадоволство.

Среде многубројни заблуди и фактички грешки во филмот, ќе го споменам само обидот , како „доказ” за лагите на југословенскиот режим за Јасеновац, да се пласира, преработена во фотошоп, насловна страница на дневниот државен весник „Вјесник“, од 1945 година.

Кога беше прикажан филмот, ХРТ му даде на Седлар простор да го претстави својот филм полн со измами.

Во мај оваа година, ХРТ му даде простор и на самонаречениот истражувач, Игор Вукиќ. Неговата книга, „Работениот логор Јасеновац”, е на иста линија со теориите на Лељак и Седлар, за овој логор.

Според Вукиќ, Јасеновац бил работен и казнен логор за непријателите на хрватската држава. Како и Лељак, и Вукиќ тврди дека во логорот починале околу 1.500 лица и дека Јасеновац станал логор на смртта дури во повоениот комунистички период.

Во емисијата „Добро ден Хрватска”, која се емитува на ХРТ, Вукиќ лежерно објаснуваше како Евреите биле испраќани во овој логор, за да бидат спасени од депортацијата во нацистичките логори. Иако водителите имаа неспретна и непријатна насмевка, тие му овозможија на Вукиќ да продолжи, бидејќи, на крајот на краиштата, шоуто мора да продолжи.

Среде шокот во емисијата, водителката, Марина Медвед Пулиќ, изјави оти му дозволила на Вукиќ да зборува, бидејќи тој тврдел дека разговарал со сведоци и видел документи.

Сето ова докажува оти овие „инциденти” не се случајност, туку правило – дел од уредувачката политика на ХРТ.

Да бидам искрен, ХРТ не е единствениот меинстрим медиум кој им нуди простор на ревизионистите.

Имено, во август, во својот коментар, „Јасеновац ослободен од идеологијата, пристрасноста и комунистичкиот фалсификат”, новинарот на „Вечерњи лист“, Милан Ивкошиќ, ја пофали книгата на Вукиќ, што предизвика негативни реакции кај експертите за холокаустот.

Во својот коментар, Ивкошиќ морбидно тврди дека „во логорот имало забава“, како што биле фудбалските натпревари и театарските претстави, вклучувајќи ги и оние кои биле дело на самите затвореници.

Доказ оти ова не е „инцидент” е фактот дека „Вечерњи лист“ објави посебен прилог за историјата на Евреите во Хрватска, во кој, покрај валидни и научно базирани текстови, беше „прошверцувано” и интервју со Седлар. Во интервјуто, Седлар е прикажан како пријател на Евреите, поради неговите професионални врски со израелските Евреи, и тоа откако излезе со тврдењето оти усташите ги спасувале Евреите.

Дури и „Јутарњи лист“, кој некои сѐ уште го сметаат за либерален дневен весник, се впушти во областа на преиспитување на историјата.

Во својот прилог – „Историја”, „Јутарњи лист“ објави сензационалистички напис за битка одржана во 1945 година, нешто повеќе како масовна престрелка, меѓу усташките сили и припадниците на четничкото движење, на Лиевче поле, во северна Босна.

Во текстот е даден преувеличен број на убиени четници; митолошка идеја за епската битка која претставува бајка што со децении се негува во усташките и четничките емиграциски кругови, со цел да се создаде впечаток дека тие се крајни непријатели.

Во хрватски контекст, текстот најверојатно требал да послужи како „доказ” дека усташите навистина се бореле со четниците – иако во реалноста тие многу повеќе соработувале, отколку што воделе меѓусебни борби.

Логиката на сензационализам

Јаков Седлар, кралот на жанрот на „алтернативни факти“ | Фото: БЕТА

Во целост, постои тренд на свртување кон историскиот ревизионизам во општеството, што доаѓа од десничарските кругови, во кои меинстрим медиумите дејствуваат како тапанари и кои, давајќи простор, влијаат на зголемувањето на темпото на овој тренд.

Зошто го прават тоа? Пред сѐ, историскиот ревизионизам, како таков, е широко распространет и растечки општествен феномен, паралелно со растот на Гугл и Википедија ‘сѐ знае’, генерацијата. Нивниот наводен скептицизам, сепак, е изграден исклучиво на „алтернативни факти”, нејасна пропаганда и преголемо поедноставување.

Друга причина зошто медиумите им даваат простор на ревизионистите, е чисто деловна логика – едноставен сензационализам.

Сензационалистичкото толкување на историјата, што го нудат еднодимензионалните митологии и кое на адекватен начин се поврзува со денешните лоши односи помеѓу Хрватите и Србите, е далеку попривлечно за просечниот читател. Во случајот со „Јутарњи лист“, идејата дека „усташите биле фашисти, но барем убивале четници”, совршено се вклопи во доминантната општествена приказна на Хрватите и Србите како древни непријатели.

Со други зборови, со оглед на тоа што медиумите се откажаа од проширувањето на хоризонтите на своите читатели, единствениот начин да се продолжи е затапувањето.

Исто така, медиумите им даваат простор на ревизионистите под изговор дека тие им нудат простор на „сите засегнати страни”. Затоа еден историчар не се појавува во ТВ-дуел со друг историчар, туку со самопрогласен истражувач без валидна академска заднина; географ со блогер на Јутјуб кој тврди дека Земјата е рамна, и така натаму.

Да, секој има право на мислење, но тоа не значи дека сите мислења се подеднакво вредни. Можеби и јас имам големи идеи за третман на ракот на мозокот, но не очекувам да бидам поканет на ТВ емисија за да дебатирам со неврохирурзи и научници од областа на медицината.

Но, зошто медиумите би се откажале од историскиот ревизионизам, ако тоа им носи читатели?

Свесен сум дека повеќето медиуми не се грижат за тоа дека со негирање на злосторството, жртвата е убиена по втор пат. Иако знам дека весниците не сакаат да ги просветлат своите читатели, медиумите треба да размислат за директните последици од нивната работа.

Не толку одамна, медиумите во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора, ги подбуцнуваа масите. Дали преку фабрикувани вести, лажни писма од читатели, историски ревизионизам или едноставно нудејќи простор за „сите засегнати страни”, медиумите придонесоа за насилството во деведесеттите години.

Медиумите не можат да се обвинат за почеток на војната, но може да се обвинат за создавање на страв и на омраза во главите на читателите и гледачите.

Весниците, ТВ и радио станиците, никогаш не се извинија за овие злосторства, ниту пак санкционирале новинари и уредници кои биле вклучени во нив. Некои ја игнорираа целата работа, а некои дури и продолжија да го слават своето известување за време на војната.

Денес повеќе не ни треба нивното извинување. Денес треба да ги спречиме, пред спиралата на омразата, да ни излета од рака.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.