Регион

Зошто југословенскиот павилјон во Аушвиц е празен

Државите наследнички не можат да се договорат за тоа како холокаустот треба да биде претставен во Југославија

Во јуни 1947 година, на местото на поранешниот логор на смртта, во Ошвјечим, Полска, е отворен Државниот музеј Аушвиц-Биркенау. Во 1960 година, на земјите чии граѓани биле депортирани во овој логор, им биле дадени посебни павилјони за да постават „национални изложби“.

Југословенската национална изложба била отворена во 1963 година, на иницијатива на Сојузот на здруженија на борците на Народноослободителната војна на Југославија.

На изложбата главно биле прикажани слики на отпорот на југословенските партизани, графички прикази на тортурата и страдањето на притворените во југословенските логори, фотокопии од германски документи кои говореле за огромниот број на  југословенски жртви во војната, како и наредби за масовни репресалии против акциите на партизанскиот отпор.

Поставката содржела и некои оригинални уметнички дела, вклучително и скулптури на скулпторката Вида Јоциќ, која и самата го преживеала Аушвиц. Комплетно изоставено од изложбата – но во голема мера во согласност со глобалното сеќавање на Втората светска војна во тоа време – било посебното сеќавање на југословенските Евреи и Роми, убиени во логорот поради националниот, а не поради антифашистичкиот идентитет.

Партизанскиот отпор останал во фокусот и на ажурираната југословенска национална изложба, отворена во 1988 година, а дополнета со нови визуелни и текстуални артефакти, која била организирана од Музејот на револуцијата на народите и народностите на Југославија. На оваа изложба останале некои скулптури на поранешни затвореници од Аушвиц, но поставени биле и многу нови предмети.

И додека комунистичкото инсистирање на антифашизмот и одбивањето да се признае еврејското или друго етничко или расно страдање, како нешто друго освен како генерички „жртви на фашизмот“, биле јасно редукционистички и исклучувачки, крајот на комунизмот произведе своја инверзија и исклучување на сеќавањето.

Југословенските војни го засенија сеќавањето на холокаустот

Милан Недиќ, премиер на квислиншката влада на Србија, за време на нацистичката окупација. Фото: Дигитална библиотека на Словенија.

Насилната смрт на Југославија за време на серијата војни во периодот 1991-1999 година, целосно го измени јавното сеќавање на Втората светска војна и холокаустот во новите држави, создадени со распадот на Југославија.

Интересот за холокаустот на новите држави, во кои преовладуваше сеќавањата за злосторствата извршени во последните војни, беше во голема мера занемарлив.

Генерално, холокаустот стана дел од новите политички наративи, користени за да се прикаже бруталноста на спротивната страна, за време на војните во 1990-тите.

Така, низ „холокаустот“ во Србија се претставуваат злосторствата на усташите над Србите, додека во Хрватска и во Босна и Херцеговина низ сеќавањето на четничкото движење се претставуваат српските злосторства над несрпското цивилно население, во војните во 1990-тите години.

Вистинскиот, обемен и разурнувачки холокауст на југословенските Евреи и Роми остана на екстремните маргини на јавното сеќавање.

Јавноста во Србија има мали сознанија за уништувањето на српските Евреи, а уште помалку за српските Роми, чија судбина е секогаш во сенка на страдањето на Србите за време на Втората светска војна, и во окупирана Србија, и, особено, во НДХ.

Во текот на изминатата деценија, бројни српски фашистички соработници беа официјално – политички и законски – рехабилитирани и денес се слават како српски антикомунистички херои.

Јавноста малку знае и за улогата што квислиншката влада на премиерот Милан Недиќ ја имала во уништувањето на српските Евреи. Бројните локации на масовните погубувања на српските Евреи, кои постојат низ Србија, се речиси целосно напуштени, пренаменети или необележани.

Во Хрватска, усташите се нормализираа во општествениот дискурс и нивните униформи и обележја веќе не се неприфатливи во јавноста.

Под знак прашалник се ставаат историските наоди за хрватските концентрациони логори, особено за најголемиот логор Јасеновац, каде околу 85.000 луѓе (главно Срби, Евреи и Роми) биле убиени на особено грозен начин.

Неодамна се појави и наратив дека Јасеновац бил комунистички, а не фашистички логор и дека жртвите биле Хрвати, а не Срби и Евреи. Хрватските политички водачи почнаа да ги обвинуваат Германците за холокаустот на хрватските Евреи и да ја намалуваат централната улога на НДХ во истребувањето на сопствените граѓани.

И во Словенија, антикомунистичките интелектуалци тврдеа дека комунистичкиот логор Техарје во Словенија е концентрационен логор полош од Аушвиц. По ова следеше голема рехабилитација на словенечките колаборационисти од Втората светска војна, на кои  од осамостојувањето на оваа држава во 1991 година до денес, им се подигнати над 200 споменици и спомен-обележја.

Овие национални наративи се толку неспоиви, што заедничката изложба за холокаустот, прифатлива за сите држави наследнички, е нешто што тешко може да се замисли.

Соработката меѓу земјите од поранешна Југославија е во застој

Споменикот „Камен цвет“ во спомен-подрачјето Јасеновац. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.

Токму во овој поширок посткомунистички контекст, Хрватска, во 2002 година, започна да лобира за затворање на југословенскиот павилјон, тврдејќи дека изложбата е застарена со оглед на тоа што државата што ја поставила, веќе не постои.

Оваа „напред-назад“ ситуација со музејот на Аушвиц и со државите наследнички, траеше до 2009 година, кога музејот го затвори југословенскиот павилјон и ја испрати изложбената поставка на чување во Музејот на историјата на Југославија во Белград.

Во 2011 година, владите на шест постјугословенски држави (освен Косово) формираа меѓудржавна работна група за да го надгледуваат поставувањето на можната заедничка изложба. Составена од историчари и претставници на владите, оваа работна група одржа повеќе состаноци и започна со планови за поставување на заедничка поставка.

Сепак, од 2014 година наваму, соработката е во застој, затоа што владите не можеа да се обврзат дека ќе го финансираат овој проект или дека ќе ја одобрат неговата содржина, и покрај постојаните ветување дека нешто на крајот ќе биде сторено.

Меморијалниот музеј Аушвиц сè уште го чува местото на поранешниот југословенски павилјон, со надеж дека ќе биде поставена заедничка изложба.

Во пресрет на 75-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, која ќе биде одбележана во понеделник, југословенскиот павилјон во Аушвиц е празен. Поставено е известување за посетителите дека изложбите се „преработуваат“.

Во музејот повеќе не се претставени 20.000 југословенски жртви од Аушвиц. Сеќавањето за нивниот живот и смрт исчезнува со исчезнувањето на државата во која некогаш живееле.

Jelena Subotic е професор по политички науки на Државниот универзитет во Џорџија во Атланта. Автор е на книгата „Одземање на правдата: Справување со минатото на Балканот“ и „Жолта ѕвезда, црвена ѕвезда: сеќавање на холокаустот после комунизмот“.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.