Анализи

Зошто не смееме да ја заборавиме Сребреница

Негирањето на геноцидот во Сребреница мора да престане, a на сторители кои не се кривично гонети мора да им се суди

Дуња Мијатовиќ, Стразбур

Секоја година на 11 јули, после 1995 година, илјадници луѓе се собираат во Поточари, во знак на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, најстрашното злосторство извршено на европско тло по Втората светска војна. Преживеаните и семејствата на жртвите бараат правда, признание и почит.

Во тие неколку јулски денови, пред дваесет и три години, систематски и брутално беа погубени повеќе од 8.000 мажи и момчиња, а 30.000 луѓе насилно беа раселени. Оттогаш, семејствата на жртвите – особено мајките кои ги изгубиле своите сопрузи, синови, браќа – се во долг, храбар од кон правдата и признанието.

На тој пат тие делумни ги најдоа правдата и признанието. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија утврди дека во Сребреница е извршен геноцид и им изрече пресуди на некои воени злосторници кои го организирале геноцидот и учествувале во него. Здруженијата на граѓани поминуваат преку големи препреки во барањето на вистината и покренувањето на тешкиот и макотрпен процес на помирување. Сето ова е исклучително значајно, но и натаму им е слаба утеха на преживеаните, како и на семејствата на жртвите.

Образованието во БиХ го карактеризира прикривање на вистината за минатото, а со фактите за настаните во неодамнешната војна се манипулира

Тие бараат да се најдат нивните најблиски, но бавниот процес на идентификација им предизвикува дополнително страдање. Тие бараат здравствена заштита заради лекување на траумите, а помошта што ја добиваат е несоодветна. Тие бараат одговорност, но бројни воени злосторници и понатаму се неказнети и на слобода. Тие бараат признание, но многумина го игнорираат, осудуваат или го негираат нивното страдање.

Ова последното е, секако, една од најголемите навреди што треба да ја трпат по страдањата на нивните најблиски. Сепак, тие наоѓаат сила да ја продолжат својата борба за вистината и правдата, и покрај негирањето и минимизирањето на геноцидот на кои им сведочиме и во образованието. Образовниот систем во Босна и Херцеговина сè уште го карактеризираат еднонационални училишта и системот „две училишта под еден покрив“. Образованието во БиХ го карактеризира прикривање на вистината за минатото, а со фактите за настаните во неодамнешната војна се манипулира.

Ваквата ситуација ги одржува етничките поделби кои ги овозможија тензиите во минатото, но и во сегашноста, а ги оневозможуваат помирувањето и мирот. Ова мора да го смениме.

Лицата што го преживеале геноцидот во Сребреница мора да добијат соодветна социјална заштита и подобра правна помош, заради остварување на нивните права, и да добијат отштета.

Политичките и судските власти во Босна и Херцеговина и во Србија мора да ја подобрат соработката и со идентификување и казнување на воените злосторници да стават крај на практиката на неказнивост. Тие треба да вложат повеќе во идентификувањето на жртвите на геноцидот и во расветлувањето на судбината на оние кои сé уште се водат за исчезнати. Мора да се интензивира потрагата по масовните гробници и да се осигура дека сведоците, кои би можеле да дадат информации потребни за да се откријат сите други места на кои се закопани останки, ќе се чувствуваат доволно безбедни за да го направат тоа.

Лицата што го преживеале геноцидот во Сребреница мора да добијат соодветна социјална заштита и подобра правна помош, заради остварување на нивните права, и да добијат отштета

Владите и носителите на одлуки мора да усвојат долгорочни политики на делување, со кои ќе ја утврдат личната одговорност на виновниците и ќе се фокусираат на образованието. Ова мора да биде заедничка одговорност, пред сѐ на Босна и Херцеговина и на Србија, но и на сите други европски земји, не само на територијата на поранешна Југославија.

Образовните системи во регионот мора да бидат повеќе инклузивни, мора младите генерации да ги извлечат од пештерите на предрасудите, во кои изманипулираната реалност ја замаглува вистината и шири семе на омраза. Учебниците, не само во Србија и во Босна и Херцеговина, туку и во цела Европа, мора да содржат учење за минатото, вклучувајќи го и геноцидот во Сребреница, базирано на факти и лишено од идеологиите на војната. Мора да ги учиме децата за важноста на правдата и еднаквоста за сите.

Европските земји треба да обезбедат поголема поддршка за граѓанските иницијативи за помирување и да влијаат на политичарите и на другите јавни личности во Србија и во Босна и Херцеговина, да престанат со негирање на минатото и да започнат со изградба на повеќе инклузивни образовни системи и општества.

Ако сакаме да пишуваме посветла иднина, не смееме да заборавиме на минатото и мора да ги третираме сите жртви како свои жртви, без политички или етнички конотации

Исто како и Холокаустот, и геноцидот во Руанда, и геноцидот во Сребреница не беше извршен случајно. Тој започна долго време пред да биде извршен. Започна кога луѓето беа одвојувани врз основа на етничкото потекло. Тој растеше низ јавниот дискурс, со помош на некои медиуми, кои ги дехуманизираа луѓето и ги маргинализираа критичките гласови. Вообличен е како систематско и претприемнички организирано истребување на голема група луѓе, пред очите на пасивната меѓународна заедница. А трае и денес, преку негирањето и неказнувањето.

Геноцидот во Сребреница е една од најмрачните страници во европската историја. Ако сакаме да пишуваме посветла иднина, не смееме да заборавиме на минатото и мора да ги третираме сите жртви како свои жртви, без политички или етнички конотации. Треба да го признаеме страдањето на преживеаните и на семејствата на жртвите. Нивната борба за правда, мора да ја поставиме како своја цел.

Како комесар на Советот на Европа за човекови права, ќе продолжам да барам правда за жртвите на сите злосторства што се случија за време на војните на Балканот. Да се биде во служба на правдата е единствениот начин сите да се соочиме со минатото и да спречиме тоа да се случи повторно.

Дуња Мијатовиќ е комесар за човекови права на Советот на Европа.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.