Анализи

Тендер по тендер, нема крај за зградата на ЕЛЕМ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Наместо една ипол година, објектот се гради веќе шеста година | Фото: БИРН

По пет години изградба, два тендери и еден анекс, барокната административна зграда на државната компанија „Електрани на Македонија“ и натаму не е готова, ниту на неа се изведуваат некакви градежни активности. Досега за овој проект се потрошени над 17 милиони евра, но ќе се трошат уште, бидејќи компанијата повторно распишува тендери за доградба на објектот.

Иако според јавните повици објавени претходно, избраните фирми требало целосно да ја завршат, односно да ја довршат зградата на ЕЛЕМ, тоа не се случило. Само се пробиле роковите и зградата е оставена како градилиште.

И покрај тоа, од ЕЛЕМ досега немало никаква информација за испитување на причините и на одговорноста за оваа состојба. Од компанијата за БИРН најавија дека деновиве ќе ги одговорат сите прашања поврзани со зградата на прес-конференција.

Кој не си ја завршил работата?

Во првиот тендер има упатства дури и за големината и бојата на буквите | Фото: БИРН

Првиот договор за изградба на деловна зграда на ЕЛЕМ беше склучен на 24 март 2013 година со австриската компанија „Страбаг“. Нејзиниот рок беше да го заврши објектот до октомври 2014 година и за тоа да наплати 11,6 милиони евра.

Во условите на тендерот на кој победила „Страбаг“ се наведени сите градежни и занаетчиски работи што избраната компанија требало да ги изврши. Во многу детали е опишано како да се направат ископите и другите земјени работи, каде и како да се бетонира, ѕида, како да се молерисаат ѕидовите, какви подови да има (епоксидни) итн.

Нарачката има и прецизни инструкции за спуштените плафони, осветлувањето, позициите и бојата на декоративните лајсни, дури и за бојата, материјалот и димензиите на буквите на натписот „ АД Електрани на Македонија“ на предната фасада (високи 25-30 сантиметри и дебели три сантиметри). Има и детали за тоа какви да бидат плочките внатре и со што да се исполнат фугите.

Металната молња веќе почнала да фаќа ’рѓа | Фото: БИРН

Во документот објавен на страницата на Бирото за јавни набавки се вели и дека зградата треба да има хидрауличен лифт за автомобили. Опишани се и сите работи што треба да се извршат за спроведувањето на електричните, водоводните, канализациските, вентилациските и другите инсталации, како противпожарната заштита, ладењето и греењето, безбедносниот систем за влегување и за заштита од кражби итн.

Но, на крајот од рокот, ЕЛЕМ, не само што не доби готова зграда, туку потпиша анекс со „Страбаг“ за уште три милиони евра, со кој времето за изградба се продолжи уште една година, до ноември 2015. Не се објавени детали за тоа што се предвидува да се направи со овој договор, туку само стандардно образложение зошто се склучува анекс.

Според ова објаснување, кога е потребно проширување или замена на вообичаените стоки и инсталации, подобро е да се склучи договор со истиот понудувач наместо да се бара нов, за да се избегне ризикот тој да употребува материјали што не одговараат со она што веќе е вградено во објектот. Единствените услови се дека таквите дополнителни набавки не треба да надминат 30 отсто од вредноста на основниот договор. Анексот на „Страбаг“ изнесувал 26 отсто од сумата предвидена во првиот договор.

Договор од 2,6 милиони евра со фирма за вентилација

На неколку метри оддалеченост стојат таблите на двете фирми, над плакатите за концерти | Фото: БИРН

Поминал и тој рок, а зградата, не само што не била готова, туку државната компанија тогаш решила, сепак, да склучи договор со друг понудувач. На тендер била избрана компанијата „Озон“, која склучила договор за „довршување на изградбата на административната зграда на АД ЕЛЕМ, градежни и градежно-занаетчиски работи“. Договорот бил потпишан на 1 март 2016, половина година откако истекол рокот на тој со „Страбаг“. Според него, „Озон“ требало да ја доврши зградата за шест месеци, и за тоа да добие 2,6 милиони евра.

Таблата на „Озон“ сѐ уште стои зад тарабите на градилиштето, на неколку метри од таа на „Страбаг“. И двете се наведени како изведувачи на градежните работи. Но, „Озон“ не е градежна фирма, туку компанија што изработува и нуди системи за вентилација, греење и ладење. Овие услуги биле содржани и во тендерот на кој победи „Страбаг“. Сумата што ја добива „Озон“ е 22 отсто од онаа за која „Страбаг“ првично се договорил да ја изгради целата зграда.

Оваа скопска компанија има учествувано и на други тендери за помали занаетчиски работи, од кои има заработено вкупно 109 илјади евра од јавните институции, според пребарувањето на страната на Бирото за јавни набавки. Вредноста на нејзиниот договор со ЕЛЕМ е 24 пати поголема од целата таа заработка и е приближно еднаква на вкупниот обрт на фирмата во последните две години.

Од „Страбаг“ за БИРН најавија одговор на прашањата што требало да направат со зградата и дали целосно си го исполниле договорот, но до објавувањето не добивме нивни став. Од „Озон“ не беа во можност да одговорат поради годишните одмори.

Нови нарачки за исти услуги

Зградата треба да има и хидрауличен лифт за автомобили | Фото: БИРН

Поминаа речиси две години од септември 2016 година, кога зградата требаше да биде довршена според договорот со „Озон“. И натаму стојат знаците „Градилиште“ и тарабите на кои се лепат плакати за концерти. На покривот стои триумфалната порта низ која на двоколка поминува маж што држи метална молња во раката, која веќе почнала да фаќа ’рѓа (коментарите на социјалните мрежи се дека станува збор или за старословенскиот бог на громот Перун или за Свети Илија Громовникот). Зад фасадата со многу орнаменти понекогаш се запалува некоја светилка, а на затворените врати стои натпис дека објектот е под напон. Градежни работи не се извршуваат.

Во февруари годинава, ЕЛЕМ распиша нов оглас, повторно за довршување на зградата со градежни и градежно-занаетчиски работи, со проценета вредност од околу 90 илјади евра, но го поништи во април поради, како што се вели, битни повреди на Законот за јавни набавки. Со овој тендер компанијата бараше фирма што ќе вгради машински, слабострујни и јакострујни инсталации во новиот објект. Таква набавка беше предвидена и во првиот тендер, но овојпат се бара различна опрема од таа наведена во 2012 година.

Со барок против „грдите згради“

Вратите на објектот се затворени, а минувачите се предупредуваат да стојат настрана | Фото: БИРН

Зградата на ЕЛЕМ се прави по проект на „Неимар инженеринг“, која проектирала уште девет објекти од проектот „Скопје 2014“. Идејното решение е избрано во јануари 2012 година од жири-комисија, во која учествувале Паско Кузман, Лиљана Митровиќ, Благој Здравев, Андрија Фаревалд и Каролина Боцевска.

Но, еден од прислушуваните разговори, т.н. „бомби“ што ги објави СДСМ во неговата кампања „Вистината за Македонија“ сугерира дека иницијатор на идејата да се направат згради во тој дел од центарот на Скопје е поранешниот премиер Никола Груевски. Во еден од разговорите за кој се вели дека бил воден меѓу Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, Груевски вели дека во парковите може да се направат згради. На тоа Јанакиески одговара дека местото е многу „начичкано“ и сообраќајното решение може да биде проблем, на што  соговорникот му вели „знам дека е начичкано, ама со грди згради е начичкано, сакам да го разубавам просторот“.

Веднаш до зградата на ЕЛЕМ се наоѓа објектот на регулаторни тела, а спроти неа е објектот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Сите три се дел од проектот „Скопје 2014“ и се изградија на места каде што претходно имаше зеленило.