Анализи

Бетонска џунгла демне од скопските ДУП-ови

Градежната офанзива ни од далеку не завршува со „Скопје 2014“, Водно, Кисела Вода и Дебар маало


И покрај интензивното градење во Скопје изминатите две децении, што предизвика коментари дека градот се задушил во урбанистички хаос, сѐ уште постојат стотици неискористени градежни маркички во деталните урбанистички планови.

Градежната офанзива ни од далеку не завршува со „Скопје 2014“, Водно, Кисела Вода и Дебар маало. Има многу отворени можности за нови градби и тоа од мали згради на четири ката што на хартија се куќи за индивидуално домување, па сѐ до облакодери на 62 ката и до станбени блокови како ѕидови покрај булеварите. Има и простори за катни гаражи, спортски објекти, трговски објекти, хотели и јавни установи.

Сето тоа им стои на располагање на инвеститорите, а може да им предизвика главоболки на граѓаните, на активистите за позелен град и на побунтовниот дел од стручната фела.

Продолжува трансформацијата на населбите

Ќе продолжи преобразбата на старите населби со куќи | Фото: БИРН

Најголемиот број од маркичките се наоѓаат во населбите што се блиску до центарот на градот или се лесно достапни преку проширените булевари, каде што има бараки и семејни куќи. Сите тие имат можност да се доизградат до четири ката во висина (приземје, два ката и поткровје), што на инвеститорите им овозможува на местото каде што живеело едно домаќинство да сместат четири, осум или повеќе станови.

Ова масовно се случува во Тафталиџе 1, Козле, Црниче и во други населби, а е овозможено и во Тафталиџе 2, Трнодол и во други населби. Во Дебар маало се оди и кат погоре.  Секоја куќа таму може да се изгради најмалку до пет ката. Зад трговскиот центар Буњаковец, пак, има вцртано една деветкатница и повеќе седумкатници, како и катна гаража.

Процесот што е при крај во Стар Аеродром сега го зафаќа Маџир маало, каде што има вцртано над 80 маркички за седумкатници на местото на старите куќи, а десетина веќе се изградени. И во Стар Аеродром преостанатите двокатни згради ќе се заменат со десеткатници, од кои дел ќе бидат како ѕидови покрај булеварите. Во Крњево, спроти зградата на МРТВ, има маркички за седумдесетина згради од по седум ката.

Во сите овие случаи станува збор за приватни имоти кај кои во плановите е вметната можноста за надградување. Во практика ова значи дека куќите со дворови во кои често има и дрвја се заменуваат со згради во многу поголем обем ги искористуваат градежните парцели и не оставаат простор за зеленило.

Узурпација на зеленилото

Ѕид од деловни згради се предвидени на зеленилото покрај Илинденска | Фото: БИРН

Маркичка за хотел на осум ката стои пред Олимпискиот базен, на една од последните зелени површини во центарот по узурпацијата на парковите до плоштадот „Македонија“ и кај Старата железничка станица.

Деловни објекти од по шест ката можат да се изградат покрај булеварот „Илинден“ на целиот потег меѓу зоолошката градина и крстосницата со булеварот „8 Септември“, како и во близина на салата „Борис Трајковски“.

Повеќе згради се предвидени и во зелениот појас меѓу булеварот „Србија“ и населбата Ново Лисиче, од кои една е наменета за домување, а другите за државни институции. Изградба на училиште е предвидена на почетокот од т.н. детска улица „Тоше Проески“, а со згради ќе се пополнат и две преостанати празни површини во Реонски центар Аеродром.

И паркот околу црквата „Света Богородица“ во центарот може да се пополни со три објекти од верски тип, два од по пет ката и еден од девет ката. Во паркчето меѓу Собранието и  Домот на АРМ, пак, има не само маркичка туку и табла за изградба на катна гаража висока девет метри. Овозможено е и уште мало ширење на градот нагоре кон Водно.

Летање во облаците

Познатите сини кули на Партизанска ќе ги надвиснат згради двојно повисоки од нив | Фото: БИРН

Четирите згради на Џеваир во Аеродром може да бидат само почеток на претворањето на Скопје во град на облакодери. Во урбанистичките планови можат да се најдат десетина маркички за згради меѓу 12 и 62 ката.

Највисоки се трите облакодери спроти хотелот „Холидеј ин“, вцртани пред десетина години, кои го зафаќаат просторот врз паркингот и врз старите куќи покрај булеварот. Максималната висина им е 62 ката, но за да се изградат би требало да се надминат многу имотно-правни пречки. И на местото на Европскиот универзитет (кај некогашната НИП „Нова Македонија“) е предвидена зграда од приземје и 25 ката.

Но, издигнувањето кон облаците не се задржува само во центарот. Зграда од 28 ката е предвидена зад бензинската станица Макпетрол на булеварот „Партизански одреди“. Во дворот на поранешната фабрика „Алумина“, пак, се предвидува хотел од 105 метри и станбена зграда од 80 метри.

Една од новите згради кај ресторанот „Имес“ може да се издигне до 17 ката. Спроти Скопски саем има маркичка за објект од 14 ката како ѕид покрај булеварот и од 12 ката на аголот на Ново Лисиче спроти паркот со авион.

Нови населби

Градот истовремено ќе се згуснува во центарот и ќе се шири на периферијата | Фото: БИРН

На неколку локации во урбанистичките планови се предвидени станбени згради на места каде што порано немало домување.

Таков е делот меѓу двете населби 11 Октомври во општината Кисела Вода, спроти населбата Расадник. Таму сега има стоваришта и напуштени објекти, а се предвидува изградба на 12 згради од по девет ката.

Нова населба може да се изгради и во подрачјето околу Универзитетот ФОН, каде што се впишани девет згради до универзитетскиот објект и 11 станбени објекти во близина на поранешната кожарска фабрика, високи меѓу шест и десет ката.

И на просторот покрај Вардар во Керамидница, каде што ќе излегува новиот мост што го најави градоначалникот Петре Шилегов, е предвидена изградба на згради од по 11 ката, зад фабриките „Санос“ и „Комуна“.

Повеќето новоизбрани градоначалници во кампањата ветуваа ревидирање на деталните планови за да се запре урбанистичкиот хаос. Некои веќе влегоа во тој процес. Но, постои загриженост кај дел од локалните власти дека евентуалните обиди да избришат градежни маркички од приватни парцели или да им ги намалат димензиите, може да им донесе тужби за отштета поради обезвреднетото земјиште. Сепак, дел од парцелите сѐ уште се државен имот, особено зелените површини каде што се предвидени градби.