Истражувањa

Намален е бројот на студенти, освен оние на веронаука

Се намалува бројот на студенти на приватните високообразовни институции и кај државните високи школи, додека државните факултети сè уште се `држат`

Анализата на временските серии податоци за бројот на запишани студенти во последните шест учебни години покажува општо намалување на бројот на студенти и кај државните и кај приватните високообразовни институции. Последните шест учебни години, од 2010/11 до 2015/16 вкупниот број запишани студенти во земјава е намален за 5,4%, односно за 3.385 студенти. Најдрастичен пад имало во учебната 2012/13. Од следната 2013/14 наваму бројот на студенти е во благ пораст, но сè уште е далеку од нивото во 2010/11.

broj-na-studenti-po-godini

Падот е особено голем кај приватните високообразовни институции каде што само за шест години се запишале 26,4% студенти помалку. Кај државните високообразовни институции, намалувањето на бројот на запишани студенти е 1,3%. Единствено расте бројот на запишани студенти на верските факултети каде што порастот е 6,1%.

dvizenje-na-studenti

На верските факултети, пак, растот најмногу се должи на огромниот скок на запишани студенти на Факултетот за исламски науки од 46,4%, наспроти огромниот пад од 38,1% на запишани студенти на Православниот богословски факултет. Така, ако пред пет години разликата меѓу бројот на запишани студенти на овие два факултета изнесувала само 12 студенти повеќе на Факултетот за исламски науки, сега таа изнесува 124 студенти повеќе на овој факултет во однос на оние запишани на Православниот богословски факултет.

broj-na-zapisani-na-fakulteti

Подеталната анализа на бројот на запишани студенти на државните високообразовни институции низ годините покажува дека најголем пад има на бројот на студенти на високите стручни школи каде што само во последните шест учебни години се запишале 62,5% помалку студенти, односно од 1.853 во 2012/11, бројот на запишани паднал на 694 во 2015/16.

10945710_10206014135653479_4376267055879081321_o

Од петте државни универзитети најголем број студенти изгубиле двата најстари и најголеми универзитети, скопскиот „Св. Кирил и Методиј“ и битолскиот „Св. Климент Охридски“ / Фото: Роберт Атанасовски

Кај факултетите, пак, бројот на запишани се зголемил минимално за 494, односно само за 1%. Ако во 2010/11 имало запишани 50.761 студент на државните факултети, минатата учебна 2015/16 година се запишале 51.255 студенти.

studenti-na-drzavni-institucii

Кај приватните високообразовни институции има спротивно движење од она кај државните. Кај приватните расте бројот на студенти на високите стручни школи, а се намалува на факултетите.

Број на студенти на приватните високообразовни институции

namalen-e-brojot-na-studenti-osven-onie-na-veronauka-prizma

Анализата на бројот на запишани студенти на петте државни универзитети покажува дека најголем број студенти изгубиле двата најстари и најголеми универзитети, скопскиот „Св. Кирил и Методиј“ и битолскиот „Св. Климент Охридски“. Бројот за запишани студенти на скопскиот универзитет во анализираните последни шест учебни години се намамил за 3.062, односно за 10,5%. Кај битолскиот, падот е уште поголем. Бројот на студенти е намален за 3.669, што е пад од цели 39% на бројот на запишани студенти само за шест години.

Спротивно, голем раст има кај трите понови универзитети. Најмногу нови студенти има Државниот универзитет во Тетово каде што само за шест години се запишале 4.208 повеќе студенти, односно скок од 92,8% во 2015/16 во однос на запишаните во 2010/11. Дури 2.793 повеќе запишани студенти во овој период има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, што е скок за 36,6%. Најголем скок во проценти кај бројот на запишани студенти има на охридскиот универзитет „Св. Апостол Павле“ каде што се запишани 164,7% повеќе студенти ланската година во однос на 2010 или во апсолутна бројка 224 студенти повеќе.

Двете државни високи стручни школи, медицинската во Битола и здравствената во Штип, заедно имаат 1.159 студенти помалку, односно, изминатите шест години имаат изгубено 62,5% студенти.

Број на запишани студенти на државните високообразовни институции

namalen-e-brojot-na-studenti-osven-onie-na-veronauka-prizma1

На приватните факултети во периодот од последните шест години се запишале 2.762 студенти помалку, што е намалување за 27,3%. Сепак, состојбата по поединечни факултети и универзитети е различна. Најмногу студенти има изгубено Југоисточно-европскиот универзитет во Тетово, 2.684, односно -57,5% само за шест години, додека најмногу има добиено Меѓународниот балкански универзитет од Скопје, 672 студенти или пораст на бројот на запишани студенти последните шест години од 214%.

Број на запишани студенти на приватните високообразовни институции

namalen-e-brojot-na-studenti-osven-onie-na-veronauka-prizma3

*бројката се однесува на учебната 2011/12

И на крајот, кога станува збор за бројот на запишани студенти на приватните високи стручни школи, тој е зголемен за 26 студенти, односно од 249 во 2010/11 на 275 студенти во 2015/16 година, односно за 10,4%.

Методолошко објаснување:

Изворните податоци врз чијашто основа се изработени временските серии и се направени истражувањето и анализата се добиени од Државниот завод за статистика – Запишани студенти на високите стручни школи и факултетите во Република Македонија (прв циклус на студии) во академската 2010/2011, 2011/2012, 2012/2013, 2013/2014, 2014/2015 и 2015/2016 година.

Податоците во Excel формат се достапни овде.