Македонија чека да види како ќе се развиваат настаните со бегалците, откако Германија одлучи привремено да воведе контроли на границата со Австрија, а во Унгарија од утре стапува на сила законот кој ќе предвидува депортација на бегалците во Србија.
„Засега не се случува ништо вонредно, ниту на северната, ниту на јужната граница“ изјави за БИРН портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Изјавата следува откако Германија и Унгарија воведоа дополнителни мерки за да се заштитат од илјадниците бегалци кои секојдневно влегуваат во европските држави, по што се отвори прашањето што доколку во тие земји се постави брана на реката од луѓе која секојдневно тече преку Турција, Грција, Македонија и Србија до Унгарија, потоа до Австрија и Германија како крајна дестинација.
„Загрижени сме дека комбинацијата на различни, индивидуални мерки може да создаде ситуација во која голем број бегалци кои бараат заштита во Европа во согласност со меѓународното право, ќе се најдат во правен вакуум“, се вели во соопштението на УНХЦР
Од 19 јуни досега, Министерството за внатрешни работи издало над 75 илјади потврди за намера за азил, преку која бегалците, главно од Сирија, ги минуваат границите на земјава на патот до западноевропските земји.
„Вонредната состојба останува на сила, па оттаму останува и да видиме како ќе се развиваат настаните. Посериозни проблеми засега нема“, рече Котевски.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски вели дека земјата не планира драстично да го промени својот курс на дејствување, освен да ја обнови вонредната состојба на јужната граница со Грција, со цел армијата да остане на терен.Од Комитетот за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР, сметаат дека е потребен сеопфатен европски договор во однос на бегалската и мигрантска криза.
Засега останува неизвесно какви мерки во однос на бегалската криза, која ЕУ ја смета за најголема бегалска криза по Втората светска војна, ќе преземе Србија која е во предворјето на ЕУ, доколку се спроведат најавите за радикализација на мерките и запирање на бегалскиот бран.
Прелиминарниот состанок на министрите за внатрешни работи на 28-те земји членки на ЕУ синоќа заврши без конкретен договор, што би требало да се финализира на состанокот најавен за вечерва.
До Германија само со пасош или со лична карта
Состанокот дојде ден откако Германија реши привремено да воведе контроли на границата со Австрија, а мобилизирани се и стотици полицајци кои ја обезбедуваат границата. Стопиран е целиот железнички сообраќај што доаѓа од Австрија, а секој патник на австриско–германската граница ќе треба да покаже пасош или лична карта, доколку сака да влезе во земјата.
„Целта е да се врши надзор над лицата што влегуваат во нашата држава. Шенгенскиот договор дозволува ваква мерка од безбедносни причини“, изјавил германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мазиер, додавајќи дека „станува збор за нужен потег за да се воспостави ред“.
Германските весници „Билд“ и „Шпигел“, пак, објавија дека со одлуката за воведување контроли на границата со Австрија, Берлин го суспендира договорот од Шенген за слободно движење во Европа.
Градот Минхен информираше дека во последниве две недели во градот дошле 63.000 бегалци од кои 13.000 во градот влегле во саботата.
„Тукушто разговарав со канцеларката Меркел. Се согласивме дека за да останат отворени границите меѓу земјите членки на ЕУ, потребна е поголема солидарност во односот кон бегалската криза“, напишал Јункер на социјалните мрежи, алудирајќи на заедничките напори на Европската комисија и Германија, барателите на азил да бидат распределени меѓу земјите членки.Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, е загрижен од одлуката на германските власти.
Новиот унгарски закон предвидува депортација на бегалците во Србија
Германскиот весник „Билд“ пренесе изјава од унгарскиот премиер Виктор Орбан во која тој вели дека „целосно ја разбира нужната одлука на Германија и изразува целосна солидарност“.Унгарската влада ги поздрави мерките што ги презеде Берлин.
„Привременото враќање на контролата на границата меѓу Германија и Австрија е само првиот чекор, затоа што мораме и во Грција да ги заштитиме границите на Европа“, изјавил Орбан.
Одлуката на Германија да воведе засилени контроли на границата се совпаѓа со најавата на Унгарија дека на границата со Србија ќе бидат распоредени 4.300 војници кои ќе ѝ помагаат на полицијата да го спречи приливот на бегалци. Новиот унгарски закон, кој предвидува затвор или депортација, доколку некој нелегално ја мине границата, стапува на сила од утре, 15 септември.
„Од 15 септември, всушност, ќе биде создаден нов систем за контрола на границата. Ќе внесеме измени во законите и во Кривичкиот законик и ќе ја вклучиме армијата во обезбедувањето на границата“, изјавил Орбан, додавајќи дека „мерката е неопходна за да се заштити надворешната граница на ЕУ“.
Орбан минатата недела рече дека оваа мерка има за цел да им испрати јасна порака на бегалците дека не им се исплати да го почнуваат патувањето до Западна Европа, бидејќи нема да можат да ја преминат границата со Унгарија.
„Еурактив“ пренесува текст од унгарски „Индекс“ за плановите на Унгарската влада за да се спречат бегалците да влезат во земјата. Според објавеното, бегалците ќе можат да пробаат да влезат во Унгарија со валиден пасош, а кога ќе се утврди дека немаат Шенген виза, ќе бидат враќани во Србија“.
„Унгарските власти се среќни што ЕК ја прогласи Србија како безбедна држава и претпоставува дека Белград е обврзан да ги прими бегалците, а во спротивно, Србија ќе може да го загуби кандидатскиот статус“, пишува „Индекс“.
Во текстот понатаму се вели дека во случај бегалците нелегално да влезат во Унгарија, тоа ќе се третира како кривично дело. Кривични пријави ќе следуваат и доколку некој се обиде да ја оштети оградата помеѓу Унгарија и Србија.
Бегалците ќе бидат ставени во „домашен притвор“ во бегалскиот камп, а потоа ќе им се суди во рок од 8 или 15 дена, зависно од тоа дали биле фатени на границата или во внатрешноста на земјата.
„Овој систем треба да осигура дека бегалците ќе имаат криминално досие и дека ќе бидат депортирани од Унгарија со знак во Шенгенскиот информациски систем (SIS) дека сториле кривично дело. Со тоа, ним автоматски ќе им биде забранет влез во Шенген зоната во наредните 10 години“, пишува „Индекс“.
Во меѓувремне, и Австрија соопшти дека ќе ги заостри контролите на границата со Унгарија, пренесе Би-би-си.