Актуелно

Општина Центар ја губи битката за Дебар маало

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
zernovski

Единственото нешто од кое градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, можеше да се откаже е изградбата на 15-катница на местото на општинските бараки во Дебар маало

Општината Центар ја губи битката со власта во однос на одлуките за новите градби кои ќе се градат во Дебар маало, а за кои невладините организации реагираат дека станува збор за „градежно насилство“, каде што наместо постојното зеленило, ќе никнат нови зданија за кои се претпоставува дека ќе бидат во духот на концептот што го измени ликот на градот и што во јавноста се дефинира како „барокно Скопје 2014“.

Законот за просторно и урбанистичко планирање во последниве седум години е менуван осум пати, а последните измени овозможија потписот на министерот за финансии Зоран Ставрески да биде доволен станбените згради што ќе се градат во Дебар маало, да се прогласат за градби од посебен интерес и на тој начин да се прескокне општината Центар како инстанца која донесува одлуки.

Единственото нешто од кое градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, можеше да се откаже е изградбата на 15-катница на местото на општинските бараки во Дебар маало, и покрај тоа што овие измени беа предвидени во изменетите Детални урбанистички планови (ДУП) од 2011 и од 2012 година.

За останатите измени кои се предвидуваат во однос на изгледот на Дебар маало (висококатници, барокни згради и станбени објекти за кои на општината Центар ѝ се врзани рацете, бидејќи одлуката е донесена на владино ниво), Жерновски тврди дека не може да се стори ништо.

Инфографикот што го подготви БИРН ги прикажува главните промени кои ќе ги претрпи Дебар маало, според одлуките на Владата и старите ДУП-ови од времето кога на градоначалничкото место седеше Владимир Тодоровиќ.

Паркингот зад општината Центар, каде што ќе се гради 18-метарската четирикатница, според Жерновски, е невозможно да се промени, бидејќи одлуката ја донеле повисоките инстанци.

„Таму е предвидена изградба на образовна институција, планирана и преземена од ГУП–от донесен од Град Скопје, во 2012 година. Бидејќи се работи за план од повисоко ниво, општина Центар не може да прави никакви измени“, велат од општината.

„Во врска со градежните парцели на ЈПССДП, согласно одлука на Владата за утврдување градби од посебен интерес, објектите се под ингеренција на Министерство на транспорт и врски, што значи дека општината нема никаква надлежност на тие парцели. Истото се однесува и на површината на Министерството за култура, што беше регулирано со планот од 2009 година“, велат од општината.На местото на бараките на ПУИК, треба да никнат 18-метарски петкатници за деловна/административна/комерцијална намена. Оваа парцела е рангирана со ознаката „посебен интерес“, што значи дека државата одлучува што ќе се гради таму, а општината нема право да врши надзор и инспекција туку само да издаде дозвола за градба.

Оттаму тврдат дека дезинформација е оти во измените во ДУП–от се зголемува катноста на пазарчето Буњаковец.

„Во предлог новиот ДУП, кој е на јавна анкета, јасно се гледа дека е планиран приземен објект со висина согласно правилата“, се вели во соопштението.

Станбените згради како градби од посебен интерес

Невладината организација „Плоштад Слобода“ жестоко се спротивставува на новите градби предвидени во Дебар маало, особено поради фактот што општината Центар со смиреност ја прифатила градежната експанзија.„Зачудувачки е што општината Центар е помирена со ваквите одлуки. Со ова, во Скопје практично се забранети нови јавни простори, а единствено можат да се зачуваат постојните, додека некој градоначалник или министер не си ги присвои“, вели Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“.

Во однос на одлуката потпишана од Ставрески со која станбените згради во Дебар маало се означуваат како градби од посебен интерес, Наумоски вели:

„Според нашите закони, очигледно Ставрески може да пише дека козата на комшијата е од посебен државен интерес и да си ја присвои. Нема никаква здраворазумска причина зошто една зелена површина сред густо населено маало треба да биде претворена во станбена зграда, или деловен објект/трговски центар, доколку Владата си ја прогласила за своја“.

Незадоволство во однос на новиот изглед на Дебар маало има и на социјалните мрежи. Дел од граѓаните му пишуваат на Фејсбук страницата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, барајќи одговори зошто не може да стори ништо околу новите градби за кои се шпекулира дека најверојатно ќе бидат во „барокен“ стил.

Сличен случај кога Владата самата донесе таканаречена урбанистичко планска документација и утврди „градби од посебен интерес“, имаше и во април годинава. Тогаш одлуката беше потпишана лично од премиерот Никола Груевски, со која се предвиде парцелата кај сегашната гостилница „Кригла“, која се наоѓа веднаш до Владата, да се претвори во катна гаража, а на локацијата на Советот на Град Скопје во Градскиот парк да никне комерцијално-деловен објект.

Двете парцели каде што се предвидени катната гаража и комерцијaлно-деловниот објект беа донесени со „одлука за утврдување градба од посебен интерес заради изработка на урбанистичко планска документација“.

Со последните измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање, на Владата ѝ се овозможи да носи таканаречена урбанистичко планска документација и самата да утврдува градби од посебен интерес за граѓаните, без притоа во законот да се дефинираат критериумите за посебен интерес.