Интервјуа

Абдулахи: Десет години женска битка за Тетово

Интервју со Елмедина Абдулахи, активистка за животна средина од Тетово

„Ти не си можела фамилија да задржиш, па Тетово ќе го средиш“. Вака гласел првиот навредлив коментар на Фејсбук што го добила Елмедина Абдулахи кога се кандидирала за советничка на локалните избори во 2021 година.

Абдулахи беше носителка на листата на граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“, која ја формирале четири сродни организации, вклучувајќи ја и нејзината организација „Мајка и дете“. 

Пред да влезе во политиката, Абдулахи беше најпрепознатлива по борбата за чист воздух. Од тука и зачуденоста од првиот коментар на социјалната мрежа со кој се алудира на нејзината брачна состојба – разведена.

„И тоа ми се случува во градот во кој сум се борела со години и во кој сум имала резултати од борбата.“

Оваа година, нејзиното име се најде на листата кандидатки од Европската делегација за жена на годината, но таа е активна од многу порано. 

Почнала со активизмот во 2014 година, кога македонските градови почнуваа да се наоѓаат на врвот на светските ранг-листи на најзагадени градови. Тогаш граѓаните стануваа посвесни за овој проблем и користеа апликации, како „Мој воздух“, за да се информираат за нивото на загаденост на дневна основа. 

Таа ја предводи акцијата што во 2015 ја мобилизираше тамошната заедница во борбата против загадувањето од хемиско-електрометалуршкиот комбинат „Југохром“. Борба што завршува со затворање на овој загадувач во 2016 

Како и други тетовки, Абдулахи била загрижена за здравјето на своите деца и решила да се организира заедно со други мајки. Зборувале за загадувањето јавно, но и лице в лице со жени што не ги користат социјалните мрежи. 

Таа ја предводи акцијата што во 2015 година ја мобилизираше тамошната заедница во борбата против загадувањето од хемиско-електрометалуршкиот комбинат „Југохром“. Борба што завршува со затворање на овој загадувач во 2016 година. 

Но, според неа, дури и богатата активистичка „кариера“ не била доволна за да ги сопре патријархалните предрасуди од околината. Неретко од женска адреса. 

„А бе, седете дома, направете ручек за децата. Само барате причина да излезете од дома“, биле некои од коментарите што ги слушала. 

Но, таа не запира кога запреа и фабричките оџаци на „Југохром“. Денес продолжува да се бори за почисто Тетово. Ја прашавме која е нејзината битка денес, откако најголемиот загадувач во нејзиниот град веќе не работи повеќе години. 

„Битки има колку сакаш! Ѓубре имаме насекаде, нерешени проблеми со улични кучиња, незаконски се сечат дрвја“, ни одговори нашата соговорничка. Минатиот месец, таа јавно говореше за дискриминацијата на банките што не прифаќаат  документи издадени на албански јазик. 

Со неа разговаравме во просториите на библиотеката во Универзитетот на Југоисточна Европа „Штул“, каде што таа работи веќе 20 години. Извади дебела папка во која имаше различни податоци за загадувањето низ годините, како и еден рачно напишан говор што таа го одржала на еден протест. 

Зборуваше со жар и се префрлаше од тема на тема. Сакаше во најкусо време да ни раскаже за сѐ што направила: од нејзиниот активизам до начинот на кој таа инспирира други жени и девојки да станат поактивни во нејзината заедница. 

Во борба против загадувањето

Нејзиното име се најде на листата кандидатки од Европската делегација за жена на годината | Фото: БИРН

Абдулахи е кандидатка е за признанието Жена на годината од Европската делегација, за кое се одлучува денеска | Фото: БИРН

Во 2014 година, Тетово беше еден од најзагадените градови во Македонија и во светот. Група жени на социјалните мрежи разговарале за родителството, здравата исхрана и активностите на нивните деца. Но, воздухот што штипе очи ја одредил новата тема за разговор – загадувањето што е директно поврзано со здравјето на нивните деца. 

„Почнавме да зборуваме само за болести и инфекции“, се сеќава Абдулахи. „Па, имаше некои позаинтересирани мајки, кои почнаа да истражуваат. Испадна дека сите тие проблеми со воспаленија на дишните патишта се поради загадувањето.“

Абдулахи смета дека детектирањето на загадувањето како проблем било клучно за нивната група. Од тука, тие почнале да се организираат, прво на социјалните мрежи, па потоа лице в лице. 

Биле група од десетина жени, кои прво сакале добро да се „вооружат“ со информации и аргументи. Купиле нискобуџетни мерни станици и ги поставиле на различни локации низ Тетово. Така дознале точно кои делови од градот се најзагадени и во кој дел од денот. 

Биле група од десетина жени, кои прво сакале добро да се „вооружат“ со информации и аргументи. Купиле нискобуџетни мерни станици и ги поставиле на различни локации низ Тетово

Индустриската зона, на пример, била најзагадена навечер кога немало многу луѓе, а густо населените населби, пак, биле најзагадени по пет часот, кога луѓето се враќале од работа и почнувале да се греат. 

„Практично сами направивме систем за мерење.“

На основа на тие податоци, заклучиле дека загадуваат и домаќинствата, особено посиромашните, кои биле присилени да горат нееколошки и опасни материјали за да се греат. Но, сметале дека вината не треба да се бара кај најсиромашните. 

„Не можеш да бараш некој да се грее на струја кога знаеш дека нема леб да јаде. Затоа решивме да почнеме од ‘Југохром’.“

За да ја кренат свеста на граѓаните, жените од групата на Абдулахи почнале да излегуваат на телевизиски интервјуа и да споделуваат на социјалните мрежи. Користеле и графикони за визуелно да им го доближат проблемот на тетовци. 

Но, и ваквиот пристап се покажал како лимитиран бидејќи многу од жените во Тетово не користат социјални мрежи. Затоа решиле да излезат од дигиталниот простор и лично да зборуваат со што повеќе жени.

Зборувале со жени што работеле во различни сектори за да ја шират пораката надвор од нивната мала група. Потоа ги замолувале тие жени да зборуваат за проблемот со загадувањето со нивни роднини, колешки и пријателки. Полека мрежата се ширела, по женска линија. 

„Многу е интересна психологијата, кога зборуваш со некој очи в очи (за разлика од телевизија или на социјалните мрежи). Друга е енергијата.“

Резултатите од активизмот | Фото: БИРН

Сепак, поради конзервативната средина, сите тетовки не се чувствувале доволно силни за да се придружат кон ваквата бунтовност. Сепак, таа мисли дека нејзината група им донела надеж и на овие жени.

„Си викаат ‘добро може јас нема да може да се борам, ама има жени што се борат’. Тоа им беше како олеснување“, раскажа Абдулахи. 

Оваа мрежа на жени вистински ја покажала својата моќ во декември 2015 година, кога повторно главната мерна станица во Тетово го достигнала максималното мерливо ниво на загадување што го покажувало станицата: 996 ПМ.

„Рековме добар е моментот сега. Петнаесет минути пред полноќ го објавивме првиот пост на Фејсбук и ширевме повик следниот ден да се бојкотира наставата“.

Ваквиот бојкот бил толку ефективен, вели Абдулахи, што тогашната градоначалничка Теута Арифи веднаш го почнала зимскиот распуст. Но, тетовци не биле задоволни со ваквата мерка: целта не им била само да се прекине наставата, туку да се запре загадувањето. 

Абдулахи го опишува светот на политиката како многу повалкан од граѓанскиот активизам. Нејзината политичка кариера е далеку покуса и помалку успешна од годините како активистка.

Организирале протест и блокада на градот. Полицијата ги привела и им се заканувала на некои од активистите, велејќи им дека не смеат да блокираат улици и дека мора да се движат. Тогаш почнале да се движат демонстрантите по групи. Бидејќи толку многу луѓе излегле на протест, се случила ефективна блокада. 

„Сите беа на улица, тогаш имаше околу 10.000 луѓе. За првпат во историјата на Тетово, градот беше нефункционален“. 

Ваквиот масовен граѓански активизам имал долготрајни ефекти. Следната, 2016 година, комбинатот „Југохром“ престанал да работи цели четири месеци за да докажат дека Тетово би бил загаден град со или без нивното работење.

„Тоа беше најпогодниот момент за нас, за само 4 месеци имаше над 40 отсто помалку загадување“, ни кажа гордо нашата соговорничка.

Во 2016 година, комбинатот целосно се затвора. Денес, Тетово е 60 отсто помалку загадено од 2015 година, кога загадувањето било дури 14 пати од опасниот максимум.   

Куса политичка кариера

„Има битки колку сакаш“, одговара таа на прашањето за што сега се борат тетовчанки | Фото: БИРН

Абдулахи се појавува како лик во книгата „Ветерната приказна“  која е дел  од европскиот проект „Патиштата на хероите“ | Фото: БИРН

Успехот со „Југохром“ и желбата да ги решава проблемите ја мотивирало Абдулахи да влезе во политиката, како независен кандидат преку иницијативата „Подобро за Тетово“. Таа и колегата од иницијативата, Хамди Сулемани, станале советници во 2021 година. 

Абдулахи го опишува светот на политиката како многу повалкан од граѓанскиот активизам. Нејзината политичка кариера е далеку покуса и помалку успешна од годините како активистка. 

Осврнувајќи се на својот кус престој во тетовскиот општински Совет, Абдулахи вели дека за да се успее во тој свет, потребна е поголема прагматичност. 

„Ние не знаевме како да бидеме такви. Да, навистина сум неуспешен политичар“, коментираше таа.

Клучна епизода што ги исфрлила независните од Советот било гласањето на буџетот. Гласовите на Абдулахи и Сулемани биле пресудни за да се усвои завршната сметка на општината, но тие решиле да не гласаат бидејќи не биле убедени во исправноста. 

„Сигурна сум дека поттикнав и други жени. Особено ми е мило кога доаѓаат студентки и се активираат. Не можам да ви опишам колку е тоа емотивно“,

А според Законот за локална самоуправа, доколку не се усвои овој документ, се распишуваат нови избори. На повторените избори „Подобро за Тетово“ не успеваат да добијат доволно гласови за да влезат во Советот. 

Абдулахи смета дека овој пораз се должи на повеќе фактори. Објаснува дека гласачите ретко ги интересира правичноста во политиката, туку само непосредните проблеми со кои се соочуваат. 

„На луѓето не им е важно дали сѐ е запазено законски, туку дали е асфалтирана улицата.“

Освен тоа, Абдулахи вели дека се мешале политичките елити, кои специфично ги таргетирале нивните гласачи. Дури и нејзина роднина не гласала за неа бидејќи ѝ била ветена работа, која очајно ѝ била потребна.

Сепак, таа и нејзините соборци не се откажуваат и планираат да излезат повторно на следните локални избори.

„Не се откажуваме по само една борба. Една ќе изгубиш, ама може две ќе добиеш“, самоуверено ни кажа Абдулахи. 

Една е битката што Абдулахи ја води во Советот и со политичарите како веќе докажана активистка. Друга е онаа што ја водела за освестување за моќта на жените. Во таа битка, Абдулахи веќе се чувствува како победник.

„Сигурна сум дека поттикнав и други жени. Особено ми е мило кога доаѓаат студентки и се активираат. Не можам да ви опишам колку е тоа емотивно“, заклучи таа.