Регион

Активисти во БиХ обележaa нови места на страдање

Железниот мост во Добој, на кој беа убиени 11 луѓе. Фото: Обележување на необележаните места на страдање.

Активисти на Центарот за ненасилна акција (ЦНА), соопштија дека овој месец, поставиле привремени спомен-обележја во Зеница, Добој и во Жепче, како дел од тековната кампања за притисок врз локалните власти, да подигнат трајни споменици за жртвите од војната.

Тие ја обележаа зградата на некогашниот силос и фискултурната сала во основното училиште во Жепче, како и основните училишта во селото Љубатовиќи и во местото Перковиќи.

ЦНА посочува дека од јуни 1993 до март 1994 година, овие места, кои биле под контрола на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), биле користени за притворање на стотици Бошњаци. Затворениците биле чувани во преполни простории и во нехумани услови, и биле малтретирани и тепани.

Активистите го обележаа и Казнено-поправниот дом во Зеница, кој во периодот 1992-1995 година, служел како место за притвор на цивили и војници од хрватска и од српска националност, кои биле изложени на малтретирање и тепање.

Беше обележан и Железниот мост во Добој, на кој силите на босанските Срби убиле 11 цивилни затвореници во 1992 година.

.

Поранешниот силос во Жепче, каде биле држени затвореници. Фото: Обележување на необележаните места на страдање

Обележувањето на местата на страдање е дел од кампањата „Обележување на необележаните места на страдање“, во чии рамки во последните пет години се означени 108 локации во БиХ, како знак на солидарност со жртвите од војната и како повик за поставување на трајни споменици на овие места.

„За жал, во многу случаи, се работи за заедница која денес на некои места е малцинство, па затоа не им се дозволува да ги обележуваат местата на притвор, тортура или убиство“, нагласи активистката, Тамара Зрновиќ.

За време на војната во БиХ, културните центри, училиштата, судовите, полициските станици, музеите и другите установи, беа претворени во места за затворање, мачење и убиства. По војната, овие локации не беа обележани како места на страдање.

Активистите нагласуваат дека обележувањето на Балканот сè уште зависи од политичката волја, при што луѓето им оддаваат почит само на своите „сопствени“ жртви, но не и на жртвите на другите етнички групи, чии страдања се игнорира, заборава, па дури и се негира.