Заменичката на министерот за внатрешни работи на Албанија, Ровена Вода, и директорот на програмата за Западен Балкан на МКИЛ, Метју Холидеј, во среда во Тирана го потпишаа долгоочекуваниот договор, кој ќе ѝ овозможи на МКИЛ, да им помогне на властите во потрагата и идентификацијата на исчезнатите жртви на комунистичкиот режим, чиј број е неколку илјади.
„Ова е одлична можност општеството да се соочи со своето насилно минато и да се создаде иднина врз темелите на човековите права, почитувањето на човековото достоинство и владеењето на правото”, рече Холидеј.
„Справувањето со минатото е законска, но и морална обврска”, додаде Вода.
Делегацијата на Европската унија во Тирана минатата година одобри 600.000 евра за овој проект, за финансирање на работата на МКИЛ во Албанија.
Сепак, на властите им беше потребно и охрабрување од амбасадорката на ЕУ во Тирана, Романа Влахутин, со цел да продолжат со проектот и законски да го одобрат – процес кој се ‘влечеше’ неколку месеци и кој сѐ уште не е завршен.
Имено, по потпишувањето, договорот треба да го ратификува Собранието, што се очекува да биде направено по летните одмори.
Некои семејства на жртви, егзекутирани и погребани во непознати гробови, изразија благодарност до Делегацијата на ЕУ во Тирана, поради финансирањето на проектот.
Артан Леши, чиј дедо бил убиен во 1946 година, изјави дека се надева оти еден ден ќе биде во можност да положи цвеќе на неговиот гроб.
„За мене ова е еден од првите денови на демократијата, кој првенствено се однесува на почитувањето на човековите права”, рече тој.
Сепак, други изразија сомневање во посветеноста на властите да го решат овој проблем.
Тие велат дека речиси три децении по падот на комунизмот, Албанија и понатаму одбива да се соочи со насилното минато.
Агрон Туфа, шеф на Националниот институт за истражување на комунизмот, вели дека е тешко да се поверува дека Владата во целост ќе се вклучи во овој процес, бидејќи некои функционери, кои ги започнале своите кариери во времето на комунизмот, по падот на овој режим, со години останале на високи позиции.
„Се сеќавам на состанокот во кабинетот на премиерот во врска со прашањето на исчезнатите лица во 2014 година. Пред мене, како учесник на состанокот, беше Илир Мустафарај, кој во тоа време беше заменик министер за внатрешни работи, а на оваа позиција беше и пред падот на комунизмот“, вели Туфа. Мустафарај беше пензиониран во 2016 година.
Невила Ника, специјалист за архиви, вели оти очекува процесот на барање на релевантни документи во албанските архиви да биде тежок.
“Архивата е во многу лоша состојба и во Министерството за внатрешни работи и во другите институции каде што може да најдете информации за жртвите на комунизмот. Ќе треба да се вложат многу напори за да се направи тоа“, истакна Ника.
МКИЛ првично изрази желба да ѝ помогне на Албанија да ги најде посмртните останки на жртвите од 2010 година, кога приватни ископувања открија тајни гробишта во близина на Тирана. Сепак, беа потребни осум години за конечно да се постигне договор.