Истражувањa

Александар Ботот: Војната на „Твитер“ за македонската душа

Од „корисници духови“ до „кибер-ботови“, истражувањето на БИРН покажува како националистите во Северна Македонија, Грција и пошироко ги ставиле во погон автоматизираните армии на социјалните медиуми со цел да ги сплотат масите

Додека сонцето заоѓа зад покривите во Битола, град во Северна Македонија, што се наоѓа во близина на јужната граница со Грција, лицето што го нарекуваат „Чиз“ пие пиво на „Широк Сокак“.

Сѐ чини дека зајдисонцето е соодветна метафора за 12 август, денот кога Северна Македонија ја забрани употребата на „Сонцето од Вергина“, што претставува грчки национален симбол, во книгите, на спомениците и на јавните места.

За „Чиз“, забраната за „присвојување“ на класичниот хеленски амблем со неговите карактеристични зашилени зраци претставувала чин на предавство во горчлива борба за македонскиот идентитет.

Забраната била дел од историскиот договор со Грција да се стави крај на 30-годишниот спор околу употребата на името „Македонија“ од страна на земјата во која живее, а за кое Атина тврди дека подразбира територијални амбиции кон истоимената северна грчка провинција и нејзиното античко наследство на Александар Велики.

Според договорот потпишан во јули 2018 година, поранешната југословенска република требала да ги смени мапите и учебниците, да се откаже од секаква употреба на „Сонцето на Вергина“ и според гледиштето на „Чиз“, најголемото предавство, да се прекрсти во „Северна Македонија“.

Додека се спушта самракот, тој седејќи во надворешниот дел од едно кафуле, си ветува дека никогаш нема да го изусти новото име.

„Јас сум патриот и не сакам да се смени името на мојата земја“, изјави тој за БИРН.

Малкумина го знаат вистинскиот идентитет на „Чиз“, иако многумина се запознаени со неговите националистички погледи. Всушност, неговото име е Горан Костовски, има 38 години и е вработен во маркетинг компанија во главниот град, Скопје.

Со скоро 10 000 следбеници на „Твитер“ на три континенти, Костовски започнал кампања на социјалните медиуми во 2018 година, преку која ги повикал Македонците да го бојкотираат референдумот за спроведување на договорот за промена на името, познат како Преспански договор, според езерото на кое бил потпишан.

Иако со Договорот од Преспа било ветено дека ќе се деблокира грчкото вето врз надежите на земјата за влез во НАТО и ЕУ, критичарите сметаат дека компромисот бил преголем. Тие се надевале оти нискиот одзив на референдумот во септември 2018 година ќе го поништи резултатот.

„Немаше смисла да им се каже на луѓето да гласаат против договорот на референдумот, бидејќи се плашевме дека владата ќе ги искриви резултатите“, вели Костовски. „Затоа мораше да го бојкотираме референдумот“.

Поттикнувајќи улични протести во земјата и собирајќи долари од дијаспората, кампањата „#бојкотирам“ имала инстантен успех.

Иако 95% од оние кои гласале на референдумот го поддржале договорот за промена на името, излезноста била само 37%, што е помалку од минималниот праг од 50%.

Парламентот подоцна го ратификувал Преспанскиот договор, но експертите велат дека неизлегувањето на гласачите делумно било резултат на новиот вид информациска борба која сѐ повеќе се забележува во националистичките кругови.

Позната под името „компјутеризирана пропаганда“, тоа е она што Институтот за интернет при Оксфордскиот универзитет го нарекува „интеракција на алгоритми, автоматизација и политика“.

Малкумина ги имаат совладано овие вештини подобро од Костовски, иако е претпазлив во врска со методите што ги користи.

„Може да кажете дека сме ботови, но не значи дека тоа е вистина“, вели тој, осврнувајќи се на новите војници во онлајн пропагандната војна: лажни профили на „Твитер“ програмирани да се однесуваат како луѓе.

„Ви го замагливме вашето размислување за да не знаете од каде доаѓа нашата кампања и да не знаете каде прво да погледнете“.

Иако многу се зборувало за балканските фарми за тролови и фабриките за лажни вести, помалку е познато за влијанието што компјутеризираната пропаганда ја има врз функционирањето на демократијата во регионот.

Истражувањето на БИРН за националистичките мрежи од двете страни на Преспанскиот спор ги разоткрива онлајн триковите што се користат за засилување на политичките пораки и искривување на јавното мислење.

Тоа е патување во подземјето на компјутерските кодови и теориите на заговор, каде што „корисници духови“ и „твитер ботови“ се сретнуваат со десничарскиот екстремизам во дигиталниот свет.

Колку и да е ова лажна врева како и лажни вести, активноста е креирана да создаде лажен впечаток за онлајн конверзација од гигантски размери, со цел креаторите на мислења, како новинарите и активистите, да седнат и да размислат.

На овој начин, експертите велат дека мала група компјутерџии со лап-топ компјутери можат да извршат влијание што е многу поголемо од само поигрување со вистинските бројки, со загрижувачки импликации врз демократскиот дискурс.

Горан Костовски, лицето зад „Твитер“ сметката „Чиз“, седи во кафуле во Битола. Фотографија: Костас Зафиропулос

Дезинформациски „циклус на спинови“

Во седиштето на владата во Скопје, новото официјално име на земјата – Република Северна Македонија – ги поздравува посетителите кога приоѓаат до столбовите изградени во јонски стил. Зградата на владата беше реновирана пред пет години, за да наликува на Белата куќа во Вашингтон.

Владата се наоѓа во непосредна близина на градскиот плоштад, каде над централната фонтана се издига статуата на Александар Велики на коњ. Статуата била подигната како резултат на напорите за преуредување на Скопје, чија цел била градот да добие поантички изглед, проект финансиран од даночните обврзници

Нивната цел била интернет страниците за вести да ги видат и да ги репродуцираат овие твитови, за да ги направат информациите поверодостојни. Потоа повторно ги објавуваа вестите како во циклус на машина за перење на вест

Демијан Хаџи-Ангеловски, експерт за социјални медиуми во владата

Многумина сметаат дека дотерувањето на градот најавено во 2010 година служело како архитектонско спротивставување на Грција од страна на владата на тогашниот премиер Никола Груевски, откако Атина ставила вето за пристапувањето на земјата во НАТО во 2008 година.

Во седиштето на владата, Демијан Хаџи-Ангеловски, 28-годишен експерт за социјални медиуми во Министерството за информатичко општество, се потсетува како десетина влијателни профили на „Твитер“ се обиделе да доминираат во вестите во пресрет на референдумот за Преспанскиот договор.

Секој ден, три пати на ден, различен корисник ќе испратеше еден или два провокативни твитови, а армијата од компјутеризирани профили ќе ставеше дека и се допаѓаат и  потоа истите беа ретвитувани, вели тој.

Идејата беше да бидете во „тренд“ на „Твитер“, за да ве забележат големите агрегатори на вести како Time.mk.

„Нивната цел била интернет страниците за вести да ги видат и да ги репродуцираат овие твитови, за да ги направат информациите поверодостојни“, вели тој. „Потоа повторно ги објавуваа вестите како во циклус на машина за перење на вести“.

Според министерот за информациско општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој ја надгледуваше владината кампања во корист на референдумот за Преспанскиот договор, поголем дел од рециклираната содржина биле лажни вести наменети за дискредитација на договорот.

„Повеќе од 10 проценти од статиите во тој период беа чиста дезинформација“, вели Манчевски во интервју за БИРН. „Ботовите на „Твитер“ беа главниот извор на лажни вести“.

Статуата на Александар Велики, подигната на централниот плоштад во Скопје, во септември 2011. Оваа скулптура е дел од културниот проект наречен „Скопје 2014“, чија цел беше да му даде антички изглед на градот. Φотографија: БИРН

Во една приказна лажно било наведено дека луѓето што живееле во близина на најголемата воена база во земјата, во централниот регион Криволак, ќе бидат отруени со осиромашен ураниум, донесен за воена обука, доколку владата го ратификува Преспанскиот договор и влезе во НАТО.

Истражувањето на Проектот за истражувачко новинарство за организиран криминал и корупција и Лабораторијата за истражувачко новинарство (ИРЛ) ја проследиле приказната и дошле до авторот, Златко Ковач, 50-годишен американски Македонец, кој работи како колумнист во Вашингтон за руската новинска агенција „Спутник“.

Ковач не одговори на барањето на БИРН за коментар.

„Ковач соработува со голем број веб-страници во [Северна] Македонија кои се дел од пропагандниот механизам против Договорот од Преспа“, вели Сашка Цветковска, главен и одговорен уредник во ИРЛ.

„Ковач ја започна приказната на Фејсбук, вестите веднаш беа објавени на „Твитер“, десетици ботови ја репродуцираа, а потоа и неколку конзервативни онлајн медиуми … ја објавија како редовна вест“.

Како резултат на тоа, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска цела недела френетично ги уверувала луѓето дека тоа не е вистина, вели Цветковска.

Во деновите пред одржувањето на референдумот, други страшни приказни, исто така, станале централни вести.

Медиумите објавиле дека поединци можат да бидат кривично гонети доколку не се согласуваат со Преспанскиот договор, дека потребата да се отпечатат нови пари ќе предизвика голема инфлација и дека Грција ќе може да прави што сака.

Ништо од ова не било случајно.

Противниците на Преспанскиот договор протестираат пред Собранието во Скопје во ноември 2018 година. Фотографија: Роберт Атанасовски

 ‘Кибер ботови

Во предвечерието на референдумот, Трансатлантската комисија за изборен интегритет, иницијатива на данската фондација „Алијанса за демократии“, преку своите алатки за набљудување на социјалните медиуми забележала „пикови“ во активноста на ботовите.

„Јасно е дека има заеднички напор за спречување на демократските права на Македонците и делегитимирање на гласањето за референдум“, пишувало во соопштението.

Јасно е дека има заеднички напор за спречување на демократските права на Македонците и делегитимирање на гласањето за референдум.

Трансатлантската комисија за изборен интегритет

Две недели пред референдумот, лабораторијата за дигитални форензички истражувања (ДФРЛаб), тинк-тенк на американскиот Атлантски совет, кој ја следи дигиталната пропаганда, објави истражување кое покажува дека екстремно десничарските профили на „Твитер“ ја поттикнуваат кампањата за бојкотирање.

Во период од девет дена, истражувачите ги анализирале сите твитови поврзани со хаштазите „#Бојкотирам“ и „#bojkotiram“ вкупно околу 23 800.

Откриле дека повеќе од 80 проценти се всушност ретвитови, во сооднос 4:1 (ретвитови во однос на оригинална содржина) што сугерирало неконтролирана автоматизација.

„Имаше добро координирана, неавтентична активност што го уништуваше секој друг нормален разговор на „Твитер“, вели истражувачот од ДФРЛаб, Канишк Каран за БИРН. „Наместо да разговараат, овие профили ги спамираа другите и ги бомбардираа со илјадници спомнувања и ретвитови“.

ДФРЛаб ги идентификувала деветте најактивни сметки на „Твитер“ кои помогнале кампањата да стане вирална, а профилот „Чиз“ на Костовски бил меѓу нив.

Визуелизација од ДФРЛаб ги покажува највлијателните профили на кампањата #бојкотирам. ‘Чиз е ‘C4i72’. Сликата е објавена со дозвола на ДФРЛаб

Според Костовски, во кампањата имало три главни лидери во мрежата: самиот тој, неговиот блогер-пријател, по име Игор Пиповски (чиј „Твитер“ идентитет „@ m0rban twitter“ му оддава почит на популистичкиот унгарски премиер Виктор Орбан) и Жарко Христовски, македонски развивач на веб страници, кој живее во Норвешка и ја направил веб-страница на кампањата.

„#Бојкотирам припаѓа на македонскиот народ“, бил твитот што Пиповски го испрати на БИРН кога го запрашавме за неговата улога во кампањата. „Никој не треба да ја присвои заслугата“.

БИРН не беше во можност да контактира со Христовски, но Костовски го објаснил нивното гледиште за кое рекол дека ги мотивирало сите.

„Живееме среде дигитална војна“, изјави тој за БИРН. „Ние националистите и патриотите од една страна и интернационалистите, комунистите и поранешните комунисти и социјалдемократи од друга“.

Живееме среде дигитална војна. Ние националистите и патриотите од една страна и интернационалистите, комунистите и поранешните комунисти и социјалдемократи од друга.

Горан Костовски, алијас ‘Чиз’

Според анализата што ја користи алатката за онлајн набљудување „Statcounter“, на неговиот профил „Чиз“, кој што го следи секој трет корисник на „Твитер“ во Северна Македонија, неговата цел е јасно истакната.

Еден твит што се наоѓа на врвот на неговата „Твитер“ сметка вели: „Место каде што ќе најдете многу транспаренти, гифови, мемиња и друг пропаганден материјал што ќе биде корисен за успешна социјална кампања. Мрежа против фаталниот референдум за промена на нашиот идентитет“.

На различни начини, Костовски има многу заеднички допирни точки со крајно десничарските бели расисти во САД, како и со македонските националисти. Неговите објави на „Твитер“ изобилуваат со екстремно десничарски симболи и теории на заговор.

Неговата слика на профилот на „Твитер“ порано била карикатура на Пепе жабата, омилен амблем на десничарите. Деновиве, неговото заглавие има големо „Q“, што упатува на популарната екстремно десничарска теорија на заговор  „КуАнон“ (QAnon) за наводно постоење „длабока држава“ против американскиот претседател Доналд Трамп.

За време на едно од неговите ретки јавни појавувања, Костовски се обратил на митингот во Скопје два дена пред одржување на референдумот, носејќи капа со знакот „Q“ и маица „Да ја направиме Америка повторно голема“.

„Сите ние се бориме против длабоката држава и глобализацијата“, изјави Костовски за БИРН. „Имаме исти непријатели и слични идеологии“.

Тој ги наведе популистите кои го инспирираат: Трамп, Орбан, францускиот лидер на екстремната десница на опозицијата, Марин Ле Пен и основачот на британската партија Брегзит, Најџел Фараж. Во многу негови објави на „Твитер“ го има и поранешниот стратег на Трамп, Стив Банон.

„Бевме возбудени од изборната кампања на Трамп и се обидовме да ги копираме неговите методи и симболи“, вели Костовски. „Особено сакавме луѓето да веруваат дека Стив Банон е вклучен во кампањата [#бојкотирам]“.

Во еден твит во август 2018 година, тој посочил дека „незаконската и предавничка“ влада на премиерот Зоран Заев е поврзана со американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, позната фигура на омраза меѓу екстремно десничарските групи.

„Бојкотирај го нелегалниот #Референдум за нацистички #договор“, додаде тој.

 

Костовски инсистирал на тоа дека тој и неговите колеги, крстоносци на тастатурата, се обични луѓе.

„Во нашата група, сите сме само нормални луѓе, со редовни работни места и семејства, а повеќето од нас сакаат да останат анонимни на социјалните медиуми“.

Но, истражувањето на БИРН покажува дека зад анонимноста на Костовски се крие нешто многу поважно.

Користејќи ја апликацијата за идентификување на роботи, наречена „Twitterbots, алатка креирана од софтверски инженер од Атина, Димитрис Папаевангелу, за да процени колкава е веројатноста активноста да е резултат на бот, БИРН ја анализирал „Твитер“ сметката на „Чиз“ и открил дека во просек тој има речиси 110 „активности“ на ден.

Компјутерските научници велат доколку од еден профил има над 70 активности дневно, вклучувајќи твитови, ретвитови, лајкови и други интеракции, тоа сугерира дека зад активностите стои бот.

Иако Костовски вели дека користел автоматизација само на почетокот на кампањата #бојкотирам, анализата на БИРН потврди дека неговата персона „Чиз“ е она што е познато во бизнисот на компјутеризирана пропаганда како „киборг-бот“ – половина човек, половина машина.

Овие хибриди комбинираат алгоритамска автоматизација со човечка интервенција за да ја минат одбраната на „Твитер“ против ботови, бидејќи автоматизацијата е строго забранета на платформата за социјални медиуми.

Апликацијата „Twitterbots“ ја илустрира мрежата на „Чиз“. Секој јазол претставува различен „Твитер“ профил. За црвените јазли се претпоставува дека се ботови или кибер-ботови, исто познати како „ретвитувачи“, бидејќи кај нив се забележува комбинација на реална човечка интеракција со автоматизација. Фотографија: слика од „Twitterbots“

Бен Нимо, специјалист за дигитална пропаганда во Атлантскиот совет, ја опишал употребата на ваквите ботови како „игра на броеви“.

„Ако создадете доволен број лажни сметки и ги автоматизирате, тогаш постои шанса тие да се појават на списокот на теми што се во тренд“, изјави тој во интервју за неодамнешното истражување спроведено од страна на Медитеранскиот институт за истражувачко новинарство со седиште во Атина (МИИР).

„Затоа, социјалните медиуми се место каде, со соодветна тактика и само пет лица, можете да оставите впечаток дека за одредена тема зборуваат пет милиони луѓе“.

Затоа, социјалните медиуми се место каде, со соодветна тактика и само пет лица, можете да оставите впечаток дека за одредена тема зборуваат пет милиони луѓе.

Бен Нимо, специјалист за дигитална пропаганда во Атлантскиот совет

Прегледот на мрежата на „Чиз“ со помош на аналитичкиот софтвер „Sparktoroоткрил дека повеќе од 38% од неговите следбеници биле класифицирани како „лажни“ – најверојатно ботови или други алатки за копјутеризирана пропаганда.

На прашањето што прави за да се спротивстави на ваквата активност, „Твитер“ го упати БИРН на неговата неодамна ажурирана политика против, како што ја нарекуваат „манипулација со платформата“, што вклучува спам, „злонамерна автоматизација“ и употреба на лажни сметки.

Компанијата забележала дека во мај 2018 година биле идентификувани и оспорени повеќе од 9.9 милиони потенцијални „спам“ или автоматски сметки. Сепак, во септември, било објавено дека „има речиси 50% намалување на проблемите во врска со осомничените спам-сметки во однос на претходниот период за известување“.

Интернет страницата на кампањата #бојкотирам. Главното мото е „Македонија има свое име“ Фотографија: Костас Зафиропулос

Долари од дијаспората

Според Костовски, националистичките политичари многу брзо се приклучиле на #бојкотирам за оспорување на Преспанскиот договор.

Меѓу нив бил и Филип Петровски, поранешен пратеник од десничарската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, кој бил вклучен во „Македонија бојкотира“, коалиција на скоро 30 мали десничарски партии, политички фракции и граѓански здруженија.

Костовски вели дека двајцата се состанале во летото 2018 година за да разговараат за заедничко работење. Контактиран од страна на БИРН, Петровски потврди дека е активно вклучен во кампањата за бојкот.

Како најголема опозициска партија, официјалниот став на ВМРО-ДПМНЕ кон референдумот бил дека луѓето треба да гласаат со совест, иако критичарите велат дека националистичкото крило на партијата било цврсто против Преспанскиот договор.

„Имаме силни докази дека центрите зад овие Интернет напади се поврзани со спротивставувањето на ВМРО, но тие не беа најсилните“, вели министерот Манчевски за БИРН.

Наместо тоа, тој рече дека најголемото спротивставување на Преспанскиот договор потекнува од Македонците кои живеат во странство. Тој го наведе примерот на еден бизнисмен од Торонто по име Бил Николов, претседател на Македонското интернационално движење за човекови права во Канада.

„Најекстремни во дијаспората, како и самиот тој, се емигранти од втора генерација кои биле во земјата само неколку пати на одмор“, вели Манчевски.

Костовски вели дека откако Николов се загреал за кампањата на Интернет, финансирал и поставување билборди против Преспанскиот договор низ Скопје.

„Многу богати лица од дијаспората кои имаат врски го видоа она што го правиме на социјалните медиуми и го зголемија нашето влијание“, вели тој. „Бил Николов беше еден од нив“.

Многу богати лица од дијаспората кои имаат врски го видоа она што го правиме на социјалните медиуми и го зголемија нашето влијание.

Костовски

Запрашан за коментар за БИРН, Николов во твит ни изјави: „Ниту еден македонски политичар (од која било политичка партија) нема право да преговара или да го смени нашето име, идентитет и историја. Тие ги напаѓаат и кажуваат лаги за оние што ги бранат нашите основни човекови права, но нема да се одбранат од оние што признаваат дека сакаат да го избришат нашиот идентитет“.

 

Костовски за БИРН изјавил дека движењето #бојкотирам добило неколку илјади евра од Тодор Петров, лидер на Светскиот македонски конгрес, невладина организација со седиште во Скопје, која може да се пофали со членови на дијаспората во САД, Канада, Австралија, Италија и Германија.

Во 1991 година, Петров се залагал за ставање на „Сонцето од Вергина“ на знамето на новата земја. Неговиот Светски македонски конгрес се смета за ултранационалистичко движење.

„Светскиот македонски конгрес има врски со многу Македонци ширум светот и точно е дека тие помогнаа во кампањата за минатогодишниот бојкот на референдумот“, рече Петров за БИРН.

Во меѓувреме, Костовски рече дека другите политичари „се обидоа да го следат бранот што го создадовме. И сите бараа – и добија – многу пари од македонската дијаспора“.

Еден таков корисник бил Јанко Бачев, претседател на проруската партија Обединета Македонија, вели тој. БИРН не беше во можност да го потврди ова тврдење.

Прашан за коментар, Бачев изјави за БИРН “Нема да ги коментирам провокаторите кои што работат за марионетската влада во Македонија”. Бачев беше виден на  насилните протести против Преспанскиот договор  пред парламентот во јуни 2018 година, кои полицијата ги разбила со помош на солзавец и зашеметувачки гранати.

Фото: Димитрос Јоаноу

„Си го сакаме назад нашето име“

Истражувањето на БИРН покажало дека грчките националисти од другата страна на границата исто така користеле компјутеризирана пропаганда за да се спротивстават на реакцијата против Договорот од Преспа.

Повторно, активисти од дијаспората играле улога во претворањето на онлајн пропагандата во улична акција, при што анти-преспанскиот гнев ги разгорел најголемите протести во Атина и Солун од времето на должничката криза во Грција.

„Ова е географска област каде во 20 век голем дел од населението било присилено да мигрира од економски и политички причини, прво во САД, Канада, а потоа и во Австралија“, вели Тасос Костопулос, историчар и истражувачки новинар во дневниот весник „Ефимерида тон Синтактон“ весник во Атина.

„Точно овие луѓе, особено емигрантите од втората и третата генерација, кои се вклучени во распламтената онлајн борба, разменуваат навреди на „Твитер“ со стотици тролови и ботови“.

Исто како и „Чиз“, еден од најгласните грчки гласови во дигиталната какофонија е хибриден човек-машина, покажува истражувањето на БИРН.

„ЈАС СУМ ГРЧКИ МАКЕДОНЕЦ!“, Се вели во профилот на „Твитер“  на „Палас Атена“ под сликата на „Сонцето од Вергина“. „Ние 3.5 милиони грчки Македонци сме уморни од грабежот на нашиот ИДЕНТИТЕТ, ИСТОРИЈА, ИМЕ И СИМБОЛИ! Ние сакаме да си го вратиме нашето име!“

Апликацијата „TweetBotorNot“ проценува дека „Палас Атена“ е бот со веројатност од речиси 70 проценти. Имено, профилот освен вистинска хумана интеракција јасно користи и автоматизација, што во бизнисот со онлајн пропагандата е познато како киборг-бот. Фотографијата е отстапена од Мајкл В. Кирни

Големиот број на твитови од сметката на Палас Атена – околу 478 000 за пет години – е јасен показател за автоматизацијата, иако е јасно дека многу од содржините се изработени и од човек.

Според анализата на „TweetBotOrNot“, софтверска апликација која користи машинско учење за да ги класифицира профилите на „Твитер“ како ботови или човечки, постои речиси 70% шанса дека Палас Атена е киборг-бот.

Користејќи напредна метрика и алатки за набљудување, БИРН ги извлече и анализираше неделните објави од профилот, односно над 2500 твитови и ретвитови.

Анализата откри дека онлајн активностите на Палас Атена – човечки или од друг вид – потенцијално достигнале 9.7 милиони други корисници на „Твитер“ за седум дена.

Анализата на географската локација покажа дека овие корисници биле на 106 места низ целиот свет, вклучувајќи ги Атина, Торонто, Каракас, Мајами и Мелбурн.

Експертите велат дека ваквите бројки ја покажуваат моќта на компјутеризираната пропаганда што од еден единствен профил создава мрежа што постојано се проширува.

Апликацијата „Twitterbots crawler“ го покажува профилот на „Палас Атена“ во центарот на мрежата од ботови и вистински „Твитер“ корисници, што претставува крајно дигитална ехо комора. Слика од „Twitterbots“

Контактиран од страна на БИРН, сопственикот на сметката „Палас Атена“ испрати порака со следнава содржина: „Душо, не сум бот”.

Душо, не сум бот.

„Палас Атена“

Таа се идентификуваше како Македонка со постојано живеалиште во Шведска, која се појавила на „Твитер“ во 2014 година, откако „видела дека има скопјани кои тврделе дека претрпеле геноцид од страна на Грците“.

„Незамисливо“, напиша таа. „Јас потекнувам од Пела [античкиот град] на Александар Велики, и баба ми Хелена отсекогаш ми зборуваше за злосторствата на Бугарите и Турците во околината.

„Почнав да ги разгледувам старите записи во весниците и сфатив дека оние [луѓе што живеат во она што денес се нарекува Северна Македонија] ги извршиле вистинските злосторства. Затоа, почнав да бидам активна на „Твитер“ во врска со македонското прашање“.

Во април 2018 година, таа почнала да се расправа со „Чиз“ во една јавна препирка на „Твитер“.

„Добра ноќ, Грци,“ провоцирал „Чиз“. „Добра ноќ од Македонец од Македонија“.

Палас Атена одговорила: „Јас сум ГРЧКИ МАКЕДОНЕЦ ОД ВОДЕН, ПЕЛА ВО РЕАЛНА АНТИЧКА ГРЧКА МАКЕДОНИЈА, ПОДРАЧЈЕТО КАДЕ АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ БИЛ РОДЕН! Вашата земја никогаш не била дел од античка грчка Македонија “.

После повеќе размени како оваа, двата киборг-ботови се блокирале еден со друг на „Твитер“ и продолжиле со својата работа.

За Никос Смирнеос, професор по политичка економија и социологија на медиумите и интернетот на Универзитетот во Тулуз, обвинувањето на технологијата за оваа омраза е само дел од приказната.

„Технологијата не ја обликуваше оваа длабока поларизација во двете држави, туку самите општества што со децении создава услови за оваа компјутеризирана националистичка пропаганда да расте и да се вкорени“, вели тој.

Костас Зафиропулос е истражувачки новинар во грчкиот весник „Ефимерида тон синтактон“ во Атина. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство. Уредник: Тимоти Ларџ.