Вести

Амандмани ѝ се закануваат на транспарентноста на партиите

Данче Данаиловска Бајдевска од ФООМ да се задржи обврската за отчетност на партиите | Фото: БИРН

Големо изненадување во публиката предизвика забелешката на пратеникот Артан Груби на денешната јавна расправа за новиот закон за пристап до информациите од јавен карактер во Собранието, кога тој рече дека по препорака на ОБСЕ политичките партии ќе се изземат и нема да бидат обврзани да даваат информации за своето финансирање на јавноста. Тоа беше една од клучните промени во законот на кој уште од минатата година работеше работна група од граѓански организации и претставници на Министерството за правда и други институции.

Јавната расправа дојде откако законот помина во прво читање. Во собраниската сала „Борис Трајковски“ се собраа повеќемина претставници на граѓанските организации, од кои дел учествуваа во подготовката на законот, и неколкумина пратеници-членови на Комисијата за европски прашања.

„Ние само ќе слушаме, а вие ќе зборувате“, им рекоа пратениците на гостите од граѓанскиот сектор.

Но како претседател на Комисијата за европски прашања, пратеникот Груби сепак имаше воведно обаќање. Почна со тоа дека законот е многу важен, дека е една од главните обврски што државата треба да ги исполни кон Европската унија за да добие датум за преговори на самитот на ЕУ во Букурешт годинава, и даде уште неколку забелешки зошто е добро да се има ваков закон. Но потоа продолжи дека имало препораки од ОБСЕ според кои иматели на информациите од јавен карактер треба да бидат главно органите што располагаат со јавни фондови, а политичките партии да се изземат од оваа група. Додаде и дека според овие препораки требало да се заштити и да се почитува приватноста, исклучоците да се усогласат со други закони итн.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски не ги коментираше овие препораки на ОБСЕ, но порача дека законот нуди многу поволности како скратени рокови и олеснет пристап до информациите од јавен карактер.

Маја Лазарова, која присуствуваше на расправата како претставничка на мисијата на ОБСЕ во Скопје од говорницата појасни дека претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми со седиште во Виена ги дал препораките што ги прочита Груби, и дека идејата била другите државни органи да ја засилат контролата врз финансирањето на политичките партии, наместо самите партии да одговараат за своите финансии пред јавноста.

Според Герман Филков од ЦГК, контролата врз партиските пари мора да се зајакне | Фото: БИРН

Дојдоа на ред граѓанските организации да го бранат предлогот зад кој  застана работната група – политичките партии да бидат опфатени со законот.

„Со новите законски одредби партиите трошат околу пет милиони евра годишно јавни пари, и граѓаните имаат право да знаат како се трошат овие пари“, рече Данче Данаиловска Бајдевска од Фондацијата Отворено Општество, порачувајќи им на пратениците да го изгласаат законот без амандмански интервенции.

Груби се насмевна на таа забелешка.„Многу демократски од ваша страна“, возврати.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации рече дека финансирањето на партиите било извор на корупција, особено во кампањите, и затоа било потребно тие да бидат обврзани на отчетност.

Груби како да имаше подготвен одговор за оваа забелешка.

„Не се согласувам со генерализацијата дека сите политички партии се корумпирани. Генерализирањето дискриминира“, рече тој, додавајќи дека некој можеби би ги нарекол сите невладини организации корумпирани.

На крајот додаде дека се очекуваат амандмански измени на законот, но не прецизираше какви.

Во светот не е вообичаена праксата политичките партии да бидат иматели на информации од јавен карактер, но стандардите на демократската култура ги обврзуваат на јавноста да ѝ даваат отчет како се финансираат и како ги трошат своите пари. Исклучок од европските земји членки е само Полска каде законот за пристап до информации како иматели ги опфаќа и политичките партии, приватните организации кои вршат јавни функции како и синдикатите. 

Минатата година пратениците мошне сложно, со 101 глас „за“ ги усвоија законските измени со кои партиите ќе добиваат по 0,15 отсто од државниот буџет наместо по 0,06 отсто, што значи зголемување на сумата од 1,8 на 4,5 милиони евра.