Вести

Со средно и со основно во управни и во надзорни одбори

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Несоодветни кадри управуваат со дел од јавните претпријатија | Фото: БИРН

Двајца директори и најмалку 14 членови на надзорни одбори на јавни претпријатија во земјава се со средно образование, што е спротивно на законските критериуми, покажува базата на податоци за членовите на управувачките структури на државните институции што ја изработи Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје.

Станува збор, пред сѐ, за јавни претпријатија од мали градови или од рурални општини. Директорите, според податоците во базата, се во Пехчево и во Василево, а членови на надзорни одбори може да се најдат во Маврово, Македонска Каменица, Свети Николе, Илинден, Неготино, Берово, но со средно образование е и еден член на надзорниот одбор на спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Образованието е јасен формален критериум за именување утврден во законската рамка. Исполнувањето на критериумот лесно се утврдува со преглед на дипломи, а различната интерпретација е прилично тешка. Оттука, постоењето на вакви случаи фрла сенка на процесот на именување и го доведува во прашање базичниот интегритет на процесот“, велат од ИДСЦС.

Анализата на нивните податоци покажала дека пет отсто од управувачките структури биле со средно образование. Но, во нив може да се најдат и лица што завршиле само основно училиште. Сите тројца се членови на управни одбори, и тоа двајца во јавно претпријатие во Маврово-Ростуше и еден во претпријатие во Центар Жупа.

Избрани без да испратат биографија

ЈСП Скопје е едно од претпријатијата што не испратиле податоци | Фото: БИРН

Институтот ги побарал биографиите на директорите и на  членовите на управните и на надзорните одбори од јавни претпријатија, компании во државна сопственост, регулаторни тела, самостојни државни органи и самостојни управни органи, преку Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Податоците што им стигнале, им послужиле да направат база од 1.204 членови на управувачките структури на овие установи. Најмногу го гледале степенот на образование, областа на студии и работното искуство во областа. Но, не биле сите институции расположени да дадат податоци за тоа кои се луѓето што ги управуваат.

Така, биографија (CV) добиле за 641 функционер, за 323 не добиле ништо, а за 235 добиле само имиња и презимиња, без никакви дополнителни информации. Генерално, според ИДСЦС, комисиите и агенциите биле поотворени за да ги дадат податоците отколку јавните претпријатија. Исто така, претпријатијата од помалите градови и општини полесно ги споделувале информациите отколку тие од Скопје и од големите градови.

„Првичниот впечаток што се добива е дека биографијата како информација за именуваните лица е нешто што ретко е дел од досието, односно документацијата што институциите ја чуваат. Ова сугерира дека именувањето е повеќе формално, отколку процес на селекција, во која низ компетитивна процедура се избираат најдобрите кандидати. Особено проблематична е состојбата кај управните и надзорните одбори, каде што информациите што се чуваат се оскудни“, додаваат од ИДСЦС.

Немале ни многу што да покажат

И во салата „Борис Трајковски“ имало лице со несоодветно образование | Фото: БИРН

Без искуство во областа во која се назначени биле директорите на агенциите за иселеништво, катастар, млади и спорт, и за поддршка на претприемништвото, за странски инвестиции и други директори. Податоците од базата покажале дека во 51отсто од случаите именуваните лица (вклучувајќи ги, не само директорите, туку и управните и надзорните одбори) немале искуство во областа на работата на институциите или, пак, тоа било до пет години. Дури 43 отсто од членовите во управните одбори немале искуство.

„Тоа што е интересно е дека во надзорните одбори, каде што, пред сѐ, би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска заднина, има 22 отсто технички лица, 12 отсто од општествени науки и 4 отсто со студии од уметност или хуманистички науки. Надзорните одбори имаат функција да го надгледуваат материјалното и финансиско работење на институциите. Оттука, се доведува под знак прашање колкав е капацитетот на надзорните одбори соодветно да ги исполнуваат своите надлежности“, истакнуваат од ИДСЦС.

Оттаму препорачуваат кандидатите за извршно раководство низ транспарентна и компетитивна постапка да го демонстрираат своето искуство и визија за институцијата што ќе ја раководат. Компетитивноста на процесот, како што додаваат, подразбира дека без исклучок за едно место ќе се разгледуваат повеќе кандидати што ќе се пријават на отворен оглас. Процесот треба да вклучува интервју со кандидатите и детална, а не формална проверка на нивното искуство.

Според сегашната пракса, јавноста најчесто добива само соопштенија дека владата или некој друг основачки орган на некоја седница или состанок донеле одлука некој да биде назначен за директор на одредена институција. За именувањата во управните и за надзорните одбори, пак, информациите ретко се шират подалеку од страниците на Службен весник.