Флеш Вести07/02/2019 10:29

Железната ограда на Владата заминува во депо

Дваесет месеци откако го почна мандатот, Владата го исполни ветувањето дека ќе ја отстрани оградата околу својата зграда. Неколку десеттини работници утрото започнаа со сечење и вадење на железните решетки меѓу столбовите, една по една.

 Оградата ја постави претходниот владин кабинет и ја плати 700 илјади евра, и таа е дел од проектот „Скопје 2014“, заедно со реконструкцијата на фасадата на владиното седиште.

Уривањето на оградата беше најавено како еден од првите потези што ќе ги направи премиерот Зоран Заев откако ќе ја презеде премиерската функција. Сепак, одлуката беше донесена на завчерашната владина седница, а вчера ја објави и владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тој најави дека за отстранување на оградата нема да се трошат пари на граѓаните, туку ќе бидат искористени, како што рече, внатрешни ресурси, односно постојните капацитети на службите во рамките на Владата.

Оградата ќе се одложи  во депо. Бетонските столбови засега нема да се уриваат бидејќи, според објаснувањето на портпаролот, нивното отстранување ќе чини премногу, затоа што, меѓу другото, биле вкопани 1,3 метри во земја.