Флеш Вести17/01/2019 14:32

Што усогласија СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во Законот за антикорупција

Новата антикорупциска ќе може да проверува сметки на политичари само доколку претходно отвори постапка и за тоа веднаш ќе мора да го извести политичарот за кој отворила случај, е еден од амандманите што беа прифатени на вчерашните собраниски комисии со што го отвори патот за усвојување на нов Закон за борба против корупцијата и судир на интереси.

По покрената постапка заради разјаснување на определени прашања во врска со донесување одлука од своја надлежност, Државната комисија може да го повика лицето за кое се води постапка, а тоа  може да одговори на барањето  лично или писмено со допис до Државната комисија.

Таа постапката мора да ја заврши за 60 дена и за тоа да го информира лицето за кое била покрената.

Амандманската интервенција резултираше и со измени на членот што овозможуваше граѓаните да можат да пријават сомневања за финансирање на партиите. Сега тоа ќе можат да го прават само институции или невладини организации и фондации кои се бават со антикорупција. Слична е измената и во делот на изборната кампања. Сомневањата за корупција можат да резултираат со акција од страна на самата Антикорупциска или  по приговор од организатор на изборна кампања или акредитирани набљудувачи

Интервенирано е и во делот на транспарентноста на Антикорупциската. Имено претседателот, членовите и вработените во Државната комисија коишто ќе имаат пристап до базите на податоци се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица.

Браќата и сестрите беа додадени во дефиницијата за „семејство“. Во дефиницијата за „блиски лица“, пак, зборот „приватен“ беше заменет со „финансиски“, што значи дека личното пријателство не би се сметало за конфликт на интерес ако службеното лице и пријателот немаат заеднички финансиски интерес.

Со амандманите беше скратен и мандатот на антикорупционерите, односно им е укинато правото на реизбор и на функцијата ќе можат да останат само пет години.