Двапати, не на четврти мај, на денот на неговото загинување, туку на 2 Август на Илинден, македонскиот и бугарскиот премиер се поклонија заедно на гробот на револуционерот Гоце Делчев во скопската црква „Свети Спас“. Церемониите во 2017 и во 2019 година, во кои учествуваа поранешните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов за двете општества тогаш изгледаа малку исилено зашто дојдоа речиси одненадеж, кога општествата беа закоравени во своите историски позиции.
Но, тие истовремено беа и зрак надеж дека соседните земји ќе отворат вистинска дебата без уцени и закани – за тоа што ги спојува и што ги раздвојува. И ќе се обединат за првите, за тие што ги спојуваат.
Но, години подоцна, сликата е различна. Наместо научна дебата без тензии во јавноста преку која ќе се дојде до некаква прифатлива позиција, од двете страни се слушна повторување на старите митови, зацврстување на клишеата и преку читање на минатото, создавање отпор кон различни наративи на историјата.
Сто и деветнаесет-годишнината од загинувањето на Делчев, ни оддалеку не изгледаше како точка на спојување, туку како мегафон за познатите, стари повторувања на ставовите за него, како единствена вистина што ѝ припаѓа ексклузивно само на Софија или само на Скопје. Вистини што доведоа до спорот, блокадата и омразата.
Како дојде до сево ова?
Македонската историографија, веројатно како и секоја историографија во светот, често интерпретирала во полза на засилување на националниот идентитет и припадност. Исто како и бугарската, која посегала по историјата за да истерува актуелни политики, токму онака како што и бугарскиот историчар Чавдар Маринов вели дека и Ванчо Михајлов бил рехабилитиран во Бугарија првенствено поради неговата негаторска позиција во однос на македонскиот национален идентитет. Михајлов за Софија е битен поради борбата против, како што ја нарекувале во Бугарија „скопската пропаганда“.
Но, за разлика од сите соседни историографии, кои биле и се инструмент за засилување на идентитетот, македонската беше принудена да се преиспитува зашто од читањето на историјата зависеше и иднината на земјата.
Таа, од самостојноста до денес, е проектирана како евроатлантската. За влегувањето во едната организација од тој евроатлантски пакет, НАТО, Грција, покрај името, бараше и откажување од античката историја. Сега, за влегување во другата, Европската Унија, Бугарија го бара истото за историјата пред 1944 година.
Македонскиот тим историчари, во заедничката експертска комисија за историски образовни прашања, во македонската јавност често беа критикувани за предавство на националните интереси и личности. За мекост и незаземање цврста страна.
Бугарскиот тим е фален, во Бугарија често, а дури и во Македонија повремено, како пример за непопустливост во одбраната на националните интереси.
Тој впечаток на непопустливост ништо не го засили така како бугарската блокада на европските интеграции во 2020 година, со тогаш јасно барање од владата предводена од ГЕРБ на Борисов, дека Македонија мора да признае дека е вештачка творба на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито.
Исто така, ништо толку не ги вознемири луѓето во Македонија како повторувањето на изјавата од тогашниот министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов дека – Македонија нема да има пристап во ЕУ сѐ додека не признае заедничка историја со Бугарија пред 1944 година.
Тоа е точката од која престана „спојувањето“ за Гоце на политичарите и на општествата од двете земји. Тие се откажаа од обидите макар еднаш годишно заедно да положат цвеќе на гробот на револуционерот. Во замена за тоа остануваат и се засилуваат дебатите за националната припадност на Делчев, кој пред повеќе од еден век загинал во матни, нејасни и несомнено тешки времиња.
Чиј апостол е Гоце?
Сега прославите на неговиот лик и дело изгледаат сосема поинаку од она што можеби само привидно се обидуваа да го прикажат Заев и Борисов пред три години. Од двете метрополи, тој е прогласуван за апостол. Од Софија за апостол на македонските Бугари, од Скопје за апостол на македонската револуција.
Микрофонот вчера во бугарскиот главен град го држеше претседателот Румен Радев, кој се смета за поцврста политичка струја во однос на македонското прашање споредено со актуелниот бугарски премиер Кирил Петков. Гостите на Радев го повторија ставот: „Делчев е Бугарин, а Македонците се измислена нација“. И повторно го возмнемирија македонското општество.
Во Скопје, политичарите бегаа од микрофони, но нив сами си ги зедоа историчари, кои настапија на дводневен симпозиум „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, во организација на Институтот за национална историја. Од македонскиот главен град се слушнаа пораки во суштина идентични на софиските, категорични за Делчев и за неотстапување.
„Неспорно е дека Гоце бил Македонец, дека го нема во бугарската колективна свест и дека веднаш треба да прекинат разговорите на заедничката комисија со Бугарија“, се одгласите на македонските историчари.
Сево ова беше проследено со спорадични напади од некои учесници на чествувањето, а насочени кон претседателот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, кој е и копретседевач на комисијата, дека не бил на трибината, со што се инсинуира предавство на Делчев.
Дали е ова вистинскиот пристап? Да, за создавање простор за уште долго седење во сопствените ровови и повторување на само една вистина, онаа твојата, која можеби не само временски, туку и суштински е далеку од 1903 година, кога Делчев бил убиен.
Можеби затоа е интересно што за него напишал оној што го познавал лично, неговиот соборец и пријател Ѓорче Петров во 1919 година. Тогаш, по повод 16 години од смртта на Делчев во „Беседата за Гоце“, која Петров ја одржал пред македонските студенти во Софија, тој вели:
„Грешат оние кои во желбата да ја зголемат оценката за Делчев му ставаат во уста и во неговиот ум големи современи идеи и го викаат ‘апостол’ на тие идеи во Македонија.
Во ракописот што е издаден во Македонија во 2003 година Петров го критикува токму она што се случува и денес, или како што самиот го опишува „шаблонскиот начин на чествување на паметта на загинатите народни водачи“. Ова не одговара на заветите на Гоце, наведува Петров уште во минатиот век, објаснувајќи дека во нив се содржела лицемерност што Гоце отсекогаш ја презирал.
Кои се заветите на Гоце остана неискажано пред микрофоните вклучени за 119-годишнината од неговата смрт. И во Скопје и во Софија доминираа клишеата и националистичките пароли. Покрај нив, за идеалите на револуционерот и за точките во кои можеби можат да се доближат двете општества – немаше место.