Криминалот организиран – обвинителите со „обврски“

Коментар на Васко Маглешов

Пет години. Толку време досега му треба на Советот на јавните обвинители да одлучи дали тројца обвинители постапиле нестручно при упадот во Собранието на 27 април. Дисциплинската постапка што ја покрена државниот јавен обвинител пред пола деценија, стана антологиска. И уште трае.

Веројатно за кратко ќе почнат да излегуваат осудените за полесните дела за 27 април, а завршница за обвинителите – нема. Си го чекаат редот. А образложението за да дојдат на  дневен ред е дека нема кворум.

Претходно кога го имале, не биле усогласени дали згрешиле обвинителите.

Ова е една од (едвај неколкуте) дисциплински постапки што Советот ги водел во изминатите години, по толку многу јавна „логореја“ за „хигиената“ во правосудството.

Додека да одлучи Советот, може да се пензионираат обвинителите за кои има поведено дисциплинска постапка.

Непримерно ли е да се заклучи дека ваква судбина е можна и за избор на обвинители за организиран криминал, за кој од неговото распишување до вчера поминаа три и пол месеци?

Јасно е дека речиси и да нема седница на Советот за јавни обвинители, на која се унапредуваат или се избираат обвинители, што не е за критика. Таков беше и ланскиот избор на обвинители, кога како на лицитација и без образложение се избираа обвинители, или, пак, за измената на Правилникот со кој членовите на Советот бараат додатоци на плата.

Седницата за избор и унапредување на обвинителите беше долго одложувана поради „усогласување“ на силите, а медиумите ги објавија имињата на избраните и унапредени обвинители уште пред Советот да ги избере.

Завчера, амбиентот беше сличен. Седницата за избор на петмина обвинители што треба да гонат организиран криминал и корупција беше закажана минатата недела, па одложена. Не дојдоа тројца членови, меѓу кои и државниот обвинител.

Членовите знаат дека една од основните надлежности не им е да избираат член на куќен совет, туку обвинител за организиран криминал, функција, која во држава каква што е нашата, е една од круцијалните.

Ова е институција што има традиција на срамни и скандалозни одлуки. И тоа не е од сега.

Скандали имаше и во 2018 година, кога ги избираа обвинителите на кои сега во јануари им истече мандатот. Тогаш со глас на членот на Советот, Коле Штерјев, кој обезбеди кворум за гласање, за обвинителка беше избрана неговата внука, за која судир на интереси констатира и Антикорупциската комисија, а јавни критики упати и тогашниот американски амбасадор Џес Бејли. Ама што фајде од тоа? Штерјев доби нов мандат.

Па, така и по четири години, очигледно ништо не се сменило.

Ако го прашате актуелниот претседател на Советот на обвинители, чуму ваква лимбо-ситуација, ќе ви објасни дека сѐ е според „уставот и законот“.

Огласот го објавиле на 14 ноември, пријавите стигнале до 3 декември, па на 14 декември барале оценки од шефовите на обвинителствата, па оценките стигнале кон средината на јануари, па имало први приговори, па втори оценки… Добиле и нов член, кој требало да се запознае со кандидатите.

Бугарите велат „за сичко си има процедура“.

Во нашата процедура со кодно име „Заробени во формата“, има и логични оправдувања, дека на пример, Советот, наместо да одлучува во законскиот рок од 30 дена за приговорите на кандидатите, одлучувал пократко, за 8.

Пеки. Но, има и вакуум период. Ако пријавите на обвинителите стигнале до 3 декември, а 11 дена потоа Советот барал оценки за кандидатите, прашањето е што правеле во меѓувреме?

Вина за ваквиот срамен исход има и на друго место. Оценките на обвинителите на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, според кажувањата на првиот човек на Советот на обвинители, стигнале по околу еден месец, кон средината на јануари.

Во меѓувреме, предметите што ги гонеле обвинителите во судот се одлагаат. Така, на пример, беше одложено судењето за екс ген-секот на Владата, Драги Рашковски, зашто обвинителката што го води случајот, не е избрана во тоа обвинителство.

Бидејќи никој не е до толку наивен да поверува во приказната за „обврските“ на обвинителите, нели е природно човек да се посомнева дека можеби некому му одговара да нема избрани јавни обвинители за да се закочат истрагите и судските постапки?! Можеби, пак, „усогласувањата“, како што милуваат да ги нарекуваат членовите на Советот, уште не завршиле?

Кога се во прашање редовноста, ажурноста и транспарентноста, пак, на самото тело, забелешки може да се редат до бескрај. На пример, судејќи по соопштенијата на веб-страницата на Советот, во речиси два и пол месеца, се одржале вкупно пет седници.

Веројатно, се единствената институција каде што јавно објавените записници се обработуваат, па се вадат имињата на тие што говореле, па, на пример, во записникот од декември лани пишува „Член на Советот предложи пред седница да се поделуваат материјали што ќе бидат тема на дневниот ред…“

За разлика од лани, кога јавноста гледаше како (не треба да) се избираат обвинители, сега седницата не беше дозволено да оди во живо, туку само да се снимаат инсерти пред нејзиниот почеток. Веројатно, за да не гледа јавноста како „обвинителите со обврски“ не се присутни на седницата.

А за суштинското прашање – профилот на десетте кандидати, меѓу кои има и ликови за чија работа се крена многу прашина во јавноста, уште не сме стигнале да дебатираме. Тоа ќе си се усогласи на состанок зад затворени врати, а јавноста ќе види само гласање.

И  додека членовите се усогласуваат, единствената организирана работа во Македонија – криминалот е оставен да го гонат само петмина обвинители.