Истражувањa

Арачиново на дното, Чаир на врвот – колку трошат македонските општини за тендери

Македонските општини за јавни набавки годишно трошат од 48.000 евра (Арачиново) до 13 милиони евра (Чаир). Само општина Чаир за јавни набавки троши колку 36 други општини заедно!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
skender-beg

Најмногу пари потрошила општина Чаир, што пред сè се должи на реализацијата на втората фаза од изградбата на „Споменик обележје плоштад Скендербег“ : Фото: БИРН

Општините во Република Македонија во 2014 година преку јавни набавки потрошиле вкупно 7,4 милијарди денари, односно 120 милиони евра. Во оваа пресметка се вклучени 80 општини со Град Скопје кој, како посебна единица на локалната самоуправа, сепак е исклучен од дел од споредбената анализа. Инаку, Град Скопје во 2014 година склучил 167 договори за јавни набавки во вредност од 879 милиони денари, односно 14 милиони евра. Трошоците на Град Скопје во 2014 година се намалени за 6 милиони евра, односно за 30% во однос на 2013 година.

80-те општини без Град Скопје, пак, во 2014 година потрошиле 105 милиони евра за јавни набавки, што е за 4,3 милиони евра, односно за 4% повеќе од 2013 година.

Вредноста на јавните набавки е показател не само за тоа колку пари потрошиле општините за своето функционирање (канцелариски материјал, опрема, средства за огрев, хигиена и сл.) туку особено за извршување на обврските од нивна надлежност. Како што е познато, освен за исплата на платите и надоместоците за вработените, речиси за сите други трошоци над 500 евра, општините се должни да распишат јавен тендер.

Ранг-листата на општините според потрошените пари за јавни набавки во 2014 годинапокажува дека тие минатата година трошеле меѓу 13 милиони евра (oпштина Чаир) и 48 илјади евра (oпштина Арачиново). Вака големиот распон во годишните трошења за јавни набавки говори за големи разлики во парите со кои општините располагаат за сервисирање на услугите во нивна надлежност (изградба на локални улици, комунална инфраструктура, локално осветлување, поправка и изградба на училишта, урбана опрема и сл.).

Се чини дека разликите најдобро ги отсликува податокот дека oпштината Чаир, како прва на ранг-листата со вкупно потрошени пари за јавни набавки во 2014 година, сама потрошила колку 36 други општини заедно, секако, оние од втората половина на ранг-листата, односно од Карбинци до Арачиново.

Притоа, првото место на општина Чаир, која во 2013 година беше на 12 место, пред сè се должи на реализацијата на втората фаза од изградбата на „Споменик обележје плоштад Скендербег“. Ова, впрочем, е и најголемиот договор за јавна набавка склучен минатата година на ниво на општини, во износ од 664 милиони денари, односно 10,8 милиони евра. Овој договор на општина Чаир учествува со дури 82% од вкупната вредност на набавките на општината во 2014 година.

Општина Центар и во 2014 година го сочува второто место на ранг-листата според вкупната вредност на јавните набавки, кое го имаше и минатата година. Оваа општина преку тендери потрошила 5,8 милиони евра, што е за 36% помалку од претходната година.

Во листата на топ 10 општини со најголема вредност на набавките се наоѓаат уште и скопските општини Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба. Додека пак, од поголемите општини во првата десетка се и општините Куманово, Битола, Струмица и Кичево. Воедно, значајно е да се нагласи дека првите 10 општини, со најголеми трошења во јавните набавки, учествуваат со дури 46% во вкупните набавки на 80-те општини во земјава.

На дното од листата со вредност на набавките под 200.000 евра на годишно ниво се наоѓаат малите општини Зелениково, Вевчани, Росоман, Центар Жупа, Лозово и Арачиново.

Како што може да се види од ранг-листата на општини според вредноста на потрошените пари за јавни набавки, просекот во трошењето на општинско ниво изнесувал 81 милион денари, односно 1,3 милиони евра. Оттука, општината Чаир, како прворангирана во трошењето за јавни набавки, е за десет пати над општинскиот просек, додека, пак, општината Арачиново, која е на дното од листата, е дури за 27 пати под просекот. Генерално, високиот просек е последица на големите трошења преку јавните набавки на помал број на општини. Оттука, 23 општини потрошиле над просекот, а мнозинството, односно 57 општини, се под тој просек.

Вредност на јавните набавки во општините во 2014 година по жител

Доколку се анализира вредноста на потрошените пари на јавни набавки на општините по жител, тогаш се добива поинаква слика.

Гледано според овој параметар, на врвот е општината Новаци каде што во 2014 година се потрошени 516,5 евра по жител (Ранг листа според вредноста на јавните набавки по жител). На дното од ранг-листата е општината Арачиново каде што за јавни набавки во 2014 година биле потрошени 3,6 евра по жител.

Општината Новаци со 3.183 жители (процени на населението, Завод за статистика, декември 2014 година) е втора година по ред на врвот од ранг-листата на општини според вредноста на јавните набавки по жител. Притоа, во 2014 година износот на потрошените пари за јавни набавки е речиси дуплиран во однос на 2013 година кога изнесувал 276 евра по жител.

Вака големиот износ на јавни набавки во оваа мала општина се должи на инвестициите во изградба на дел од локалниот пат Брод – Гнеотино – општина Новаци, како и на реализацијата на програмата за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици во општината за 2014 година.

Во топ 10 од листата според јавните набавки по жител, генерално доминираат мали општини со број на жители од 3.000 до 10.000 жители, а од поголемите општина тука се само скопските Чаир и Центар.

Исклучително мали суми на јавни набавки по жител, и тоа по помалку од 20 евра, како што може да се види од ранг листата, трошеле 5 општини: Центар Жупа (18,9 евра по жител), Студеничани (14,2 евра по жител), Шуто Оризари (10,4 евра по жител), Гостивар (9,9 евра по жител) и Арачиново (3,6 евра по жител).

Притоа, значајно е да се нагласи дека единствената јавна набавка на општината Арачиново за 2014 година е за нафта за греење за основното училиште „Геoрг Кастриот Скендербег“ во износ од 2.990.000 денари.

Просекот во трошењето по општини по жител во 2014 година изнесува 64 евра. Над овој просек се само 28 општини, а под него сите останати општини, односно 52. Произлегува дека од општините со повеќе од 30.000 жители над просекот во трошењето на јавни набавки по жител се само скопските општини Чаир, Центар и Бутел. Сите останати поголеми општини се под просекот од 64 евра по жител, при што најлошо од нив котираат Гостивар, Тетово и Прилеп.

Големиот распон меѓу општините во трошењата за јавни набавки по жител од само 3,6 евра до 516,5 евра, недвосмислено говори за отсуство на рамномерност во развојот на локално ниво. Оттука, овие разлики можат да претставуваат добра основа за преиспитување на начинот на којшто се делат дотациите од централната до локалната власт во функција на намалување на разликите и обезбедување услови за порамномерен развој на локално ниво.

50 најголеми договори за јавни набавки на општините

Листата од 50 најголеми договори склучени од страна на општините во текот на 2014 година вклучува набавки вредни од 10,8 милиони евра до 380 илјади евра. Листата на најголеми ја предводи договорот на општина Чаир за надземен пешачки премин (споменик-обележје плоштад Скендербег – фаза 2) склучен со Бауер БГ ДОО Скопје во вредност од 664 милиони денари, односно 10,8 милиони евра. Вториот по големина договор е неколкукратно помал и е склучен од страна на општината Центар со Гранит АД Скопје за изградба на детска градинка „Кочо Рацин“ – Скопје во износ од 112 милиони денари, односно 1,8 милиони евра. Третиот е договорот на општината Штип склучен со Пуцко Петрол ДОО с. Пласница за набавка, транспорт и испорака на екстра лесно масло за домаќинство – 1(ЕЛ-1) за основните и средните училишта, детските градинки и зградата на ЕЛС Штип во износ од 95 милиони денари, односно 1,5 милиони евра. Над 1 милион евра се уште шест договори и тоа на Град Скопје со Урбан инвест, Кавадарци за реконструкција на фасада на објект „Сити Галери“, потоа на општината Струмица со Универзал Градба Струмица за изведба на улици и уредување на градежно земјиште по програми, на општината Гази Баба склучен со три фирми (Жикол Струмица, ЕХИ Скопје и АД Енергомонт Скопје) за изградба на фекална канализациска мрежа за населените места Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери и Идризово, потоа на општината Куманово со фирмата УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово за организирање превоз на ученици во основни и средни училишта во учебната 2013/2014 година и на општината Гевгелија склучен со ЕУРОИНГ Ѓорѓе Гевгелија за изградба на примарна и секундарна сообраќајна мрежа за мултинаменски комплекс „МИЛЦИ“ Гевгелија. Вредноста на овие 50 договори вкупно изнесува 2,7 милијарди денари, односно 45,7 милиони евра што значи дека во вкупната вредност на парите за јавни набавки потрошени од страна на општините учествуваат со дури 38%.

Методолошки пристап
Основа за пресметка на трошењата на општините беа известувањата за склучените договори доставени до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) за договори чијашто вредност е над 20.000 евра, како и полугодишните евиденции за договорите во вредност од 500 евра до 20.000 евра.
До вредностите се дојде преку собирање на сите договори што секоја општина поединечно ги склучила во периодот од 1 јануари 2014 до 31 декември 2014 година.
Во пресметката за јавните набавки по жител се користеа податоци за бројот на жители по општини од публикација „Процени на населението на 30.06.2014 и 31.12.2014 според пол и возраст, по општини и по статистички региони“ на Државниот завод за статистика од јули 2015 година. Сепак, со оглед на тоа што во нив немаше податоци за скопските општини Аеродром, Бутел, Кисела Вода, Центар, Чаир, Шуто Оризари и Сопиште, за нив се користеше бројот на населението во согласност со последниот попис од 2002 година.

Податоците за јавните набавки во excel формат се достапни овде