Ако некој сака да го провери списокот на одземени лиценци од градежните компании, што Министерството за транспорт го објави непосредно по трагедијата во Кочани, ќе наиде само на пораката „грешка 404“, која означува дека некоја страница веќе не постои. Тоа беше една од најсподелуваните информации кога се појави пред осум месеци, но веќе ја нема на страницата на Министерството.
Ништо подобро нема да помине ниту обидот да се најдат соопштенијата и одлуките поврзани со кредитот за бас-рапид транзит (БРТ) системот за Скопје, процес што го водеше Министерството за финансии.
Голем дел од архивите на министерствата ги снема откако беше спроведен проектот за унифицирање на нивните интернет-страници. Иако, според договорот, тие требаше да бидат готови на почетокот на ноември, процесот доцни.
Во меѓувреме, дури и официјалните информации, кои се стари неколку месеци или неколку години, ќе може да се читаат само од посредни извори, како од медиумите што ги пренеле, ако воопшто и тие ги зачувале.
Праксата покажа дека дигиталните медиуми губат голем дел од архивите при редизајните на сајтовите, а ништо подобра не е состојбата кај весниците и телевизиите. Не постојат дигиталните архиви од некогаш најтиражните весници, како Утрински весник, Дневник и Вест, ниту од некогаш најгледаната телевизија А1, додека кај другите медиуми ретко можат да се најдат дигитални архиви постари од 2011 година.
Проблем е да се најдат и печатените изданија што се чуваат во Националната библиотека, каде што недостигаат цели публикации, а неретко и цели страници или делови од страници од зачуваните стари изданија.

Архивата на МТВ | Фото: Роберт Атанасовски
Бавно тече и дигитализацијата на архивата на Македонската радио-телевизија, за која се потребни средства, кои државата тешко ги обезбедува.
А со тоа, во земја што постојано е предизвикувана околу своето минато и идентитет, исчезнуваат сведоштвата за поновата македонска историја, што остава широк простор за нејзино произволно интерпретирање, во зависност од тоа чии интереси се штитат.
Оттука, расте значењето на чувањето на дигиталните архиви на официјалните веб-страници, каде што може да се види што навистина било кажано, одлучено или ветено во минатото.
Тоа не значи дека информациите се избришани. Тие постојат во институциите и може да се добијат на различни начини, на пример со барања за пристап до информации од јавен карактер. Но, со тоа ги нема во онлајн-архивите, значително се отежнува пристапот до нив за секој граѓанин, истражувач, активист, новинар, адвокат, аналитичар или кој било друг што би имал потреба од нив.
Сега се затскриени, бидејќи за да се побара една информација, треба точно да се знае нејзиното име или број, додека ако таа е во интернет-архивата на институцијата, до неа би можела да се дојде со пребарување. Вака значително се уназадува транспарентноста.
Тендери, доцнења и неисполнети обврски

Целиот процес на унификација требаше да се заврши со новиот сајтот на Владата | Фото: БИРН
Овој проблем не е новина бидејќи делови од архивите снемуваше со поранешните редизајни на владините страниците, кои, кој како стигнел, ги правел изминатите две децении. Од фирми ангажирани на тендери, преку надворешни соработници, до самите вработени во министерствата. Резултатот на тоа беа нефункционални сајтови, кои често паѓаа и избришани архиви.
Процесот за унифицирање на сите владини сајтови, сега го координира Министерството за дигитална трансформација (МДТ), како своевиден наследник на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кое со оваа работа почна пред пет години.
Во 2021 година, на тендер беше избрана фирмата „Некстсенс“, која во рок од една година, за 160 илјади евра требаше да го реализира овој проект. Годината помина, ама, според податоците од Бирото за јавни набавки, исполнети биле само 70 отсто од обврските во договорот.
Процесот се рестартираше лани, кога новата влада ја врати во живот старата идеја, со која требаше да се редизајнираат владините страниците и да се подобри нивната прегледност и безбедност. Распишан беше нов тендер и избрана нова фирма, „Анлимитед кодерс“, која ќе го почне одново процесот, користејќи ги веќе изработените дизајни.
Во договорот беше побарано се да биде завршено за девет месеци, а посебен фокус да се стави на миграцијата на архивите од постоечките веб-страници.
Прва беше објавена новата страница за Министерството за дигитална трансформација, па според унифицираното решение, новиот сајт сега содржи главно објави од тековната година, ама на дното има копче „архива“, кое треба да води до стариот сајт. Проблемот е во тоа што линковите во него не работат, па практично и нема архива. Наместо да се отворат постарите вести и најави, на секој клик се појавува пораката дека не може да се пристапи до сајтот-архива.
Вакви проблеми има и со другите сајтови што се работеа во меѓувреме, со исклучок на оние за новоформираните министерства, каде што воопшто нема дел за архива. Такво е Министерството за спорт, кое ги презема најголем дел од активностите и вработените на неодамна укинатата Агенција за млади и спорт, но не и дигиталната архива. Нејзината веб-страница сега е неактивна, а со тоа се избришани и многу конкурси, документи, вести и фотографии за досегашните постигнувања на македонските спортисти.
Целиот процес на унифицирањето на владините веб-сајтови, според одговорите кои ги доби БИРН од Министерството за дигитална трансформација, требаше да се заокружи на почетокот на месецов, со новиот сајт на владата. Сајтот постои од почетокот на новиот милениум, но избришани се објавите од првата декада.
„Имаме архива од 2011 година, и таа е веќе прикачена на сајтот“, беше кусото појаснување од владината портпаролка Марија Митева.
Најстарата објава на влада.мк е од 1 август 2011 година, од поставувањето камен-темелник на спортска сала во Петровец, на кое присуствувал тогашниот премиер Никола Груевски. Текстот стои, фотографиите ги нема.
Немарност, непрофесионалност и сајбер-напади

Линковите во архивата не се функционални | Фото: Веб сајт на Министерството за култура
Од Министерството за дигитална трансформација, кои го координираат процесот за унифицирање, немаат конкретен одговор на прашањето зошто се губат архивите на овие сајтови. Велат дека решението нуди можност за два вида прикачување на архивите, или како поранешен сајт, или преку трансфер на податоци, објави и соопштенија. За детали упатуваат на самите министерства.
„Селекцијата на информации, кои се мигрираат и кои се потребни да се чуваат, ја прават министерствата, секое за себе, во координација со економскиот оператор“, велат оттаму.
Во разговорите, пак, што БИРН ги направи со портпаролите на неколку министерства, добивме различни објаснувања за изгубените архиви, од непрофесионално работење во минатото, до последица на сајбер-напади. Дел од нив се правдаа дека сè уште се во процес на миграција на податоците, иако новите страници им се активни со месеци.
Во Министерството за култура, копчето „архива“ формално го поставија дента кога им испративме прашања зошто го немаат. Сепак, линковите внатре во архивата, не се функционални.
Во МВР, пак, нè убедуваа дека е поставена целата архива, а по нашето инсистирање да проверат зошто дел од линковите за старите дневни билтени повеќе не се отвораат, најавија дека проблемот ќе биде решен. Разговорот го водевме пред неколку седмици, а состојбата е непроменета. Во договорот со „Анлимитед кодерс“, јасно е наведено дека пријавените грешки треба да се отстранат за најмногу четири работни дена.
Додека унификацијата на сајтовите на централните институции се одвива со проблеми и нецелосно, Министерството за дигитална трансформација веќе почна нов процес, овојпат на локално ниво. Планот е следната година да се унифицираат страниците и на македонските општини.

