Актуелно

Авганистанците заглавија на Балканот

На Табановце во моментов има заглавени стотици бегалци и мигранти. Меѓу нив 154 се деца. Извори од АРМ тврдат дека ако не се најде сериозно и одржливо решение во Турција и на грчките острови, неминовно ќе има постојани инциденти меѓу Македонија и Грција и до отворање нови коридори кон Бугарија и Албанија.

Македонија вчера реши да ја затвори границата за бегалците од Авганистан, а да продолжи да ги пропушта бегалците само од Сирија и од Ирак

Македонија вчера реши да ја затвори границата за бегалците од Авганистан, а да продолжи да ги пропушта бегалците само од Сирија и од Ирак

„Не знам, едноставно не знам зошто не нè пуштаат!“, беше најчестиот одговор што го даваа бегалците од Авганистан, откако одлуката на Австрија да го ограничи приемот на барателите на азил доведе до „домино“ ефект во останатите држави низ кои минуваат бегалците.

За само три дена, настана вистински хаос откако Србија на Македонија ѝ врати повеќе од 350 бегалци од Авганистан, без образложение, а уште над 200 бегалци од оваа држава пред два дена накнадно влегоа во Македонија и седат во транзитниот центар на Табановце веќе петти ден.

Тука се отворија и прашањата „кој прв почна“, бидејќи ниту Хрватска ниту пак Србија не се изјаснија официјално зошто го забрануваат транзитот токму за бегалците од Авганистан, па тие што во меѓувреме се најдоа на македонска територија, останаа на Табановце и сè уште нема официјална изјава што ќе биде со нив.

„Границите се отворени. Србија на ниту еден начин не ја затворила границата спрема Македонија или Бугарија, ниту пак спрема било која друга држава. Секој во согласност со правилата кои се воспоставени од страна на Австрија и Словенија има право да се движи, изјави српскиот министер за труд Александар Вулин.

И Македонија вчера реши да ја затвори границата за бегалците од Авганистан, а да продолжи да ги пропушта бегалците само од Сирија и од Ирак.

Заглавените бегалци од Авганистан се на крајот на трпението

На грчко-македонската граница вчера настанаа инциденти откако бегалците од Авганистан преку оградата почнаа да фрлаат камења по македонската полиција

На грчко-македонската граница вчера настанаа инциденти откако бегалците од Авганистан преку оградата почнаа да фрлаат камења по македонската полиција

Заглавени меѓу границите, илјадници бегалци од Авганистан, без можност да го продолжат патот кон европските држави се стационирани во камповите, дел во Македонија, дел во Србија, а дел во Грција. Спијат на земја, во транзитните или прифатните центри и сè повеќе го губат трпението.

На грчко-македонската граница вчера настанаа инциденти откако бегалците од Авганистан преку оградата почнаа да фрлаат камења по македонската полиција. Дел од нив намерно си ги фрлаа малолетните деца на земја за тие да почнат да плачат, со цел да го привлечат вниманието на новинарските екипи. Неколкумина беа уапсени откако почнаа да ја прескокнуваат оградата.

Бегалците од Авганистан го губат трпението

Бегалците од Авганистан го губат трпението

Грчки новинари за БИРН изјавија дека во тек е операција која трае од рано утринава и дека Авганистанците кои вчера сакаа да поминат низ земјава, се враќаат назад кон Атина.

„Атина презема дипломатски активности за да се реши ова прашање, бидејќи ова вака не смее да продолжи“, велат грчките новинари.

И во Србија ситуацијата не е подобра. Околу 200 мигранти од Авганистан протестираа на граничиот премин Батровци, барајќи да го продолжат патот кон Европската унија. Ситуацијата, како што пренесуваат српските медиуми, била на раб на инцидент, но по преговорите полицијата успеалa да ги смири и да ги пренесе во Прифатниот центар во Принциповaц.

Информациите што кружат во јавноста е дека Австрија планира да разговара со земјите од Западен Балкан за тоа како да се унапреди координацијата на таа рута. Со мерките што ги презеде Австрија не е задоволен ниту официјален Берлин, бидејќи Германија веќе има прифатено голем број бегалци.

Примената на квоти во Австрија (пропуштање по 3.200 бегалци на ден), засилените контроли и новиот начин на регистрација на бегалците преку стандардизирани документи доведе до успорување на балканската рута на бегалците и на нивно нагомилување на границите.

Македонија како „тесно грло“

Србија на Македонија ѝ врати повеќе од 350 бегалци од Авганистан, без образложение, а уште над 200 бегалци од оваа држава пред два дена накнадно влегоа во Македонија

Србија на Македонија ѝ врати повеќе од 350 бегалци од Авганистан, без образложение, а уште над 200 бегалци од оваа држава пред два дена накнадно влегоа во Македонија

На Табановце во моментов има 728 бегалци и мигранти од кои 590 се од Авганистан, 124 од Ирак и 14 од Сирија. Од нив, 154 се деца.

Според информациите на УНХЦР, лицата од Сирија и Ирак имале документи со стар формат, односно не биле стандардизираните, кои беа договорени на средбата на шефовите на полициите во Загреб.

И на македонско-грчката и на македонско – српската граница, меѓу надлежните лица не владее оптимистичко расположение.

„Кризата ќе се зголемува, ќе растат тензиите“, беа коментарите на полициските припадници кои ја обезбедуваат границата со Грција.

Напнатост владее и меѓу бегалците од Сирија и од Авганистан, бидејќи на првите им е дозволено да го продолжат патот кон европските држави, а на вторите не. Па така, бегалците од Авганистан вчера се обидуваа да ги блокираат Сиријците, да не можат да влезат во делот за регистрација на македонско-грчката граница.

Токму затоа, настанат е целосен застој, па ниту еден воз со бегалци не е тргнат од транзитниот центар Винојуг на македонско – грчката граница од вчера од околу 17 часот.

Оправдано е стравувањето дека со ваквите засилени контроли, можни се нови нелегални преминувања. На оградата што е поставена на таканеречениот Кота 59, можат да се видат дупки, направени од бегалци кои илегално се обидувале да заминат кон Грција. Овој дел е контролиран од Армијата, која не секогаш успева да ги спречи бегалците да ја исечат жицата и да избегаат.

Овој дел од Кота 69 е контролиран од Армијата, која не секогаш успева да ги спречи бегалците да ја исечат жицата и да избегаат

Овој дел од Кота 69 е контролиран од Армијата, која не секогаш успева да ги спречи бегалците да ја исечат жицата и да избегаат

„Се чудиме како успеваат да бидат толку брзи. За само 5 минути успеваат да ја исечат оградата, да ископаат дупка и да се протнат. Дел пак, само со кебе ја покриваат оградата и прерипуваат. Додека ги видиме, ни требаат 15 минути за да стигнеме, па дел од нив успеваат да избегаат кон Србија“, ни рече член од Армијата, која контролира дел од границата и со хермелини, со камера и со стражарење.

Со поставувањето на двојната ограда, како што велат претставници од АРМ, на бегалците и на мигрантите им требаат 10 минути за да ја исечат и да избегаат. Оние што ќе бидат фатени, се апсат и се враќаат на грчка територија.

„Ако не се најде сериозно и одржливо решение во Турција и на грчките острови, неминовно ќе има постојани инциденти меѓу Македонија и Грција и до отворање нови коридори кон Бугарија и Албанија“, велат извори од АРМ.

Задутре, во четврток, е закажан состанокот на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на Европската Унија во Брисел.

Австрија на средбата во Виена ги покани министрите од Албанија, БиХ, Бугарија, Косово, Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.